„Како што е правилото да се објават донаторите, да се објават извештаите… Значи досега не сме имале можност за ефикасно постапување во овој дел. Институциите тоа не го прават, едноставно.“
Еден од проблемите во следењето на финансирањето на партиите е и недореченоста во законите, односно финасирањето во предизборната кампања се следи по Изборниот законик, додека за останиот период тоа е регулирано со Законот за финансирање на партии. Партиите имаат обврска да достават извештаи за финасирањето за 20-те дена од предизборната кампања.
Тасева вели дека кога неофицијално е започната кампањата е период кој не е регулиран со ништо и остава простор за злоупотреби затоа што за овој период немаат обврска да достават извештај. Таа додава дека досегашното искуство од изборите покажало дека партиите официјално покажуваат дека потрошиле пари колку што е дозволено со законот.
„Неофицијално кога ги следиме, кога правиме мониторинг на сите објави во медиумите, билборди итн., излегува дека трошат три-четири пати повеќе од тоа што е дозволено. Никогаш партиите не се однесуваат согласно законот.“
Партиите во основа тврдат дека нивните членови и некои помали фирми се финансиери на политичките партии.
Членот на Антикорупциската комисија Илми Селами вели дека искуството на комисијата покажало дека парите што се слеваат во партиите не секогаш имаат јасно потекло.
„Во досегашното работење на Комисијата, се покажува дека таквите лица не даваат за да ги враќаш во смисла на кредит, туку даваат за да неколкукратно после тоа им бидат вратени, да речеме да бидат кренати рампите на царината, да не ги фаќа царинската контрола, УЈП да неможе да ги контролира итн.“
Тој додава дека финансирањето на политичките партии, од 90-тите години па навака е една од најкорумпираните области.
„Кога говориме за спречување на корупцијата во политиката, прво мислиме токму на нивното финансирање како политички партии во време на избори.“
Дел од одговорноста за неефикасноста во контрола на финансирањето на партиите не е во мноштвото институции туку во неспроведувањето на своите надлежности до крај, велат експертите.
Извор: Радио Слободна Европа