Најголем процент на корупција е забележан во Босна и Херцеговина, каде што со овој феномен со соочиле 20,7 проценти од граѓаните, потоа Албанија (19,3 отсто), Хрватска (11,2 отсто), Црна Гора (9,7 проценти), Србија (9,3 отсто) и Македонија (6,2 проценти).
Од друга страна највисока сума на мито плаќаат граѓаните на Македонија и таа во просек изнесува 1.212 евра, а потоа следат Црна Гора (470 евра), Хрватска (410 евра), Србија (349 евра), БиХ (222 евра), Косово (174 евра) и Албанија (103 евра).
Авторите на истражувањето нагласуваат дека овие податоци мора да се земат во многу поширок контекст, напоменувајќи дека мора да се посвети внимание на висината на заработката, бидејќи износот на митото варира меѓу 14 и 144 проценти од просечната плата и на фреквентноста на плаќање мито, која варира од четири до десетпати годишно.
За влијанието на корупцијата во секојдневниот живот, говорат податоците дека дури 57 проценти од лицата платиле мито на лекар, 35 отсто на полицаец, додека 33 проценти на медицинска сестра.
Говорејќи за извештајот, извршниот дирекот на УНДОК, Јуриј Федотов изјави дека борбата против корупцијата во регионот на Западен Балкан е за пофалба, а дека податоците од извештајот може да послужат за добивање реален преглед на ситуацијата на теренот, кој е од голема важност во борбата против овој феномен.
Особено загрижувачки факт е тоа што големо мнозинство од граѓаните кои платиле мито оваа практика не ја пријавуваат на надлежните власти. Имено, 30 проценти од испитаниците изјавија дека ваков случај не пријавиле бидејќи никому не му е грижа, 22 процента сметаат дека митото е вообичаена практика, а 18 отсто дека митото е знак на благодарност и претставува позитивна практика. Случаи на мито пријавиле 1,5 процент од испитаниците, а истражувањето е извршено на примерок од 28 илјади лица.
Извор : Дневник