31.05.2011 Организаторите на изборната кампања на три политички партии – ДУИ, ДПА и ЛДП, како и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ потрошиле многу повеќе средства од сметката од оние што ги имаат обезбедено со приливите, констатирала антикорупциската комисија откако ги разгледала првичните финансиски извештаи на партиите.
– Побаравме и дополнителни информации за кредитот со кој организаторот на коалицијата предводена од СДСМ ја финансира изборната кампања, а пријавен е во рубриката донација, за да се констатира со колкав износ кредиторот, во случајов Комерцијална банка АД Скопје, ја донира изборната кампања на коалицијата предводена од СДСМ – рече Зафировски, објаснувајќи дека став на Комисијата е оти кредит не може да биде сметан за извор на финансирање на изборна кампања, бидејќи со законот изворите се децидно наброени.
Тој информираше дека финансиски извештаи за состојбата на сметките доставиле сите 18 организатори на изборна кампања, за да ги прикажат сите извори на финансирање на кампањата по износ и вид на донацијата, расходите и моменталната состојба на жиро-сметките.
– Извештаи на образец пропишан од министерот за финансии не доставиле СДПМ, Достоинство, ПДП, НДП, НДУ и ДУИ. Ги повикуваме организаторите на изборните кампањи, во исполнувањето на својата законска обврска за дваесет и првиот ден од почетокот на изборната кампања, финансиските извештаи да ги достават во форма, содржана во образецот пропишан од министерот за финансии, со печат и потпис на организаторот на изборната кампања. Ако тоа не биде случај, ќе се смета дека финансиски извештај воопшто не е доставен до Комисијата – рече Зафировски.
Тој информираше дека само во извештајот на СДУ е прикажан прилив на средства од членарина, што е првоозначен извор за финансирање на изборната кампања. Освен во извештајот на организаторот на изборната кампања на НДП, во прилог на извештаите не се доставени расходните банкарски изводи.
– Тие и немаат законска обврска да ги достават банкарските изводи за приходи и расходи, но за да се следи регуларноста на финансирањето на изборните кампањи, неопходно е да се оствари увид токму во банкарските изводи, како за приливите, така и за одливите на средствата. Комисијата ќе иницира, во Изборниот законик да се вметне оваа обврска – рече тој.
Во извештаите биле прикажани донаторите, физички и правни лица и тие се во согласност со законскиот лимит за донирање на изборните кампањи – до 5000 евра донација од физичко лице. За правните лица Комисијата ќе направи дополнителни проверки дали нивните донации се во висина до 5 отсто од остварениот вкупен приход во текот на изминатата година.
Извор: Дневник