09.06.2011 Од вкупно 18 партии што имале обврска, пет партии не доставиле финансиски извештаи – Обединети за Македонија, ВМРО-НП, СДПМ, ПДП и НДУ. За победата на неделните парламентарни избори колицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во кампањата вкупно потрошила околу 4,3 милиони евра, а опозициската СДСМ со партнерите 283.000 евра, покажуваат финансиските извештаи. Двете коалиции до надлежните државни органи доставиле финансиски извештаи и за втората декада од трошоците во кампањата од кои се гледа дека за последните десет дена владејачката партија потрошила 2,7 милиони евра, а опозициската 123.332 евра. Познато е, тие во првите десет дена имале расходи од 1,6 милион, односно 160.000 евра.
Како и во првиот случај, владејачката партија не открива на кој начин ќе ги покрие сите изборни расходи. Ако во првиот извештај остана нејасно како ќе се „покријат“ 1,4 милион евра што партијата ги потрошила главно за рекламно-пропагандни услуги, сега нејасно останува од каде ќе се обезбедат парите за покривање на уште 2,3 милиона евра потребни за фактурите што ќе им дојдат деновите. Ова од причина што во својот последен извештај ВМРО-ДПМНЕ, покрај податокот дека за последните десет дена потрошила 2,7 милиона евра, открива дека добила донации од 400 партиски членови во вредност од по илјада евра.
Од друга страна, ДУИ за изборната кампања потрошила 63 илјади евра, а ДПА 44.000. Вкупните трошоци на двете најголеми коалиции се во рамките на законските можности бидејќи е дозволено вкупно да се потрошат 5,4 милиони евра.
Се чекаат попусти од телевизиите
Истовремено, од вкупно 18 партии што имале обврска, пет партии не доставиле финансиски извештаи – Обединети за Македонија, ВМРО-НП, СДПМ, ПДП и НДУ.
Финансиските трошоци на партиите само малку ќе им ги ублажи компензацијата што ќе им дојде од државниот буџет врз основа на компензација од по 15 денари за секој освоен глас на изборите. Ова значи дека, врз таа основа, ВМРО-ДПМНЕ може да очекува исплата од 106.000 евра, СДСМ – 89.000, ДУИ – 28.000, а ДПА 16.000 евра.
Според сознанијата, се очекува партиите главното „пребивање“ на непокриените трошоци да го направат преку попустите што ќе им ги одобрат телевизиите кои најмногу емитувале нивните спотови. Интересно е да се наведе дека ВМРО-ДПМНЕ навела дека само за последните десет дена од кампањата потрошила 2,5 милиона евра за „реклама и пропаганда“. Ова партија својата платена политичка програма најмногу ја емитуваше на телевизиите „Сител“ и „Канал 5“. Од друга страна, СДСМ, пак, наведе дека за реклами и пропаганда потрошила само 103.000 евра и тоа во ситуација кога имаше голема минутажа на платена партиска програма на ТВ „А1“.
Државната антикорупциска комисија неодамна констатира дека во првиот дел од кампањата партиите потрошиле повеќе пари отколку што имале приливи на нивните сметки. Претседателот на Комисијата, Воислав Зафировски, тогаш изјави дека има потреба од промена, со која наменските сметки за изборните кампањи да се затвораат еден ден по завршувањето на изборната кампања.
Кампањи преплавени со црни пари
Слаѓана Тасева, поранешна претседателка на ДКСК, смета дека с` уште постојат можности за изигрување на законите. Според неа, во државата повеќе институции се надлежни за да поведат постапка доколку во финансиските извештаи има неправилности, но ниту една нема конкретна обврска да го стори тоа.
– Надлежноста е толку дисперзирана што ниту УЈП ниту ДЗР немаат обврска да сторат нешто ако забележат дека има незаконитости. Но доколку институциите постапуваат по закон, можат да го сторат тоа. Доколку во партиските финансиски извештаи има трошоци за кои нема наведено со кои приходи се покриени или, пак, трошоци кои се всушност с` уште долгови, тогаш партиите сепак треба да ги достават фактурите за тие трошоци, за да се знае точно кому колку партијата должи. За да не се случи потоа долгот преку ноќ да прерасне во донација. Ако партиите не можат да кажат како мислат да ги платат долговите, тогаш имаме кампањи преплавени со црни пари – потенцира Тасева.
Таа ја повикува УЈП да ги провери сите донации што ги давале физички лица, дали за нив е платено данок и дали лицето навистина има реални приходи за да може да ги донира тие пари. (Б.Ѓ.-Т.П.)
Компензацијата ќе го ублажи трошокот
Финансиските трошоци на партиите само малку ќе им ги ублажи компензацијата што ќе им дојде од државниот буџет врз основа на компензација од по 15 денари за секој освоен глас на изборите. Ова значи дека, врз таа основа, ВМРО-ДПМНЕ може да очекува исплата од 106.000 евра, СДСМ – 89.000, ДУИ – 28.000, а ДПА 16.000 евра.
Извор: Дневник