Уставниот суд ја прифати иницијативата на Транспаренси Интернешанел и поведе постапка за член 2А став 3 и 4 и член 2Б ставовите 5 и 6 од Упатството за распределба на средства од Буџетот на Република Македонија за годишно финансирање на политичките партии, донесено од Министерство за финансии во 2005 година и дополнето во 2007 и 2010 година.
Транспаренси Интернешнел Македонија постапката ја поведе по укажување на некои од политичките партии. Упатството се однесува на распределба на средства од Буџетот на Република Македонија на политичките партии за годишно финансирање, а не за конкретни избори.
Поведувањето на постапката е затоа што Судот оценил дека наведените одредби од Упатството воспоставуваат поинакви критериуми за распределба на средствата од буџетот кон политичките партии, отколку што е тоа определено со Законот за финансирање на политичките партии.
Ова поконкретно значи дека со наведеното Упатство министерот го изменил Законот за финансирање на политичките партии.
Како критериум во Упатството се предвидува распределбата да се врши според збирот на освоени гласови на секоја политичка партија од изборот на градоначалникот и изборот на членовите на Советот, бидејќи се работи за локални избори, иако законот предвидува финансирањето да биде само во однос на членовите на Советот. Со тоа Упатството излегува надвор од законските критериуми востановувајќи нови критериуми, а тоа е изборот на градоначалникот и освоените гласови за градоначалникот да биде критериум за распределба на средствата.
Напоменуваме дека една од забелешките на Транспаренси Интернешнел Македонија за примената на оваа законска одредба е и тоа што Министерството за финансии и не објавува и не дава податоци за висината на буџетските средства за оваа намена и за сумата што ја добива секоја од партиите.