“Постои потреба од засилена политичка волја за овие земји да се справат со проблемот на корупцијата. Обезбедувањето имплементација на антикорупциските закони е неопходно за да се осигура реален процес на пристапување и униформиран пристап кон корупцијата во земјите низ Европа“, вели Јана Митермајер, Раководител на Канцеларијата за односи на ТИ со Европската Унија.
Процесот на пристапување кон ЕУ бара земјите во претпристапниот процес да остварат одредени финансиски, економски, социјални и политички стандарди. Тоа вклучува и напредок во областа на антикорупцијата и доброто владеење што досега се покажа како сериозна пречка за земјите-кандидати и потенцијални кандидати.
Новиот извештај „Антикорупциски барања на ЕУ: мерење на напредокот во Албанија, Косово, Македонија и Турција“ го оценува антикорупцискиот напредок во овие четири земји врз основа на евалуација на институциите и антикорупциските закони на сила. Применувајќи нова методологија преку иницијативата за набљудување на антикорупцискиот напредок врз основа на компаративни индикатори, податоците овозможуваат основна анализа на тоа колку одредена земја постапува во согласност со и ја спроведува легислативата во областа на антокорупцијата. Овие податоци можат подоцна да се набљудуваат со цел да се види дали со текот на времето е постигнат напредок.
Наодите покажуваат дека иако често пати има правна и регулаторна рамка, во сите четири земји недостига спроведување на антикорупциските закони и санкционирање на непочитувањето на нивните одредби. Слабиот капацитет и лошото владеење во судството, законодавното тело и јавната администрација ја објаснува оваа разлика меѓу правото и праксата во секоја од земјите.
Заедничките проблеми на сите четири земји вклучуваат:
– Ниско и нерамномерно ниво на пристап до информации;
– Неефикасна примена на обврските за објавување на имотната состојба;
– Немање или неприменување на кодекси на поведение;
– Политички мешања во институционалните надлежности и операции;
– Лоши работни услови за судиите, службата на законодавното тело и јавните службеници.
Клучните наоди и препораки од извештајот се следните:
Албанија: Континуираниот застој меѓу политичките партии ги закочи важните реформи во последниве две години. Неопходни се реформите во судскиот систем за да се обезбеди независноста, како и одговорноста и професионализмот на судиите. Tоа опфаќа зголемување на капацитетот и развој на попрецизни критериуми за именување на судии, како и ограничен имунитет во случај на несоодветно однесување и коруптивни дејствија. Потојат политички мешања во назначувањето на јавните службеници, а Парламентот нема професионална и независна администрација.
Косово: Малиот број на судии, недостигот од техничка подршка за нив, како и недостигот на професионализам претставуваат клучни проблеми во судството на Косово. Јавните службеници не добиваат доволно обуки, постојат огромни политички мешања во процесот на вработување во јавната администрација, а малите плати го одбиваат привлекувањето на квалификуван персонал. Понатаму, нема транспаренстност во процесот на јавни набавки што предизвикува сомнежи за коруптивни дејствија во голем број на неодамнешни договори. Собранието исто така се соочува со потешкотии во остварувањето на својата надзорна функција над Владата заради недостиг од капацитет на неговиот персонал. Натамошен проблем е неможноста на медиумите и на граѓанското општество да ја набљудуваат Владата и претседателството на Собранието.
Македонија: Македонија има особено проблеми со политичко мешање во разрешувањето на судии, вработувањето и отпуштањето на јавни службеници, пристапот до информации од јавен карактер и спроведувањето на постапките за јавни набавки. На пример, не постои можност јавноста да добие информации за судските рочишта со оглед на тоа што записниците од нив не се достапни за јавноста. Недоволно се заштитени лицата кои пријавуваат корупција. Понатаму, постои потреба за зајакнување на способноста на Собранието да ги разгледува наодите од ревизиите во Владата, членовите на Собранието треба да имаат поголема одговорност, а јавноста треба да биде повеќе вклучена во процесите на одлучување.
Турција: Најголема загриженост предизвикуваат регрутацијата, назначувањето, унапредувањето и дисциплинските постапки против судиите кои не се транспарентни и покрај скорешните подобрувања во правната рамка. Понатаму, нема Кодекс за етичко поведение на членовите на Парламентот, ниту пак Кодекс за поведение за членовите на судството. Исто така, и покрај тоа што постои контрола, не функционира системот за внатрешна ревизија во одделите на јавната администрација, додека пак, институциите одговорни за примање и проверка на изјавите за имотната состојба на функционери на високи позиции и судии немаат капацитет за следење на доставените изјави.