29.06.2011 Транспаренси Интернешнл Македонија, во соработка со Transparency International, како и со националните органоци на Transparency International во Албанија, Косово и Турцијa го реализираше регионалниот проект ЦИМАП- Воспоставување на компаративен мониторинг базиран на индикатори за следење на прогресот во борбата против корупцијата во земјите кандидати за членство во ЕУ, потенцијалните земји кандидати и Косово, финансиран од Европската Комисија. Проектот ЦИМАП, исто така предвидува и активности за запознавање на пошироката јавност со наодите од мониторингот, како и активности кои ќе допринесат кон релевантни промени и подобрувања во оние области каде е потребен напредок. Во оваа насока, наодите од истражувањето се презентираат во Брисел, пред Европската комисија, како и пред медиумите.
Наодите од истражувањето за Република Македонија ќе бидат објавени во национална публикација со наслов „ Анти- корупциски барања на Европската Унија: Мерење на напредокот во судството, јавната администрација и законодавното тело во Република Македонија“.
Промоцијата на публикацијата и презентацијата на резулатите од истражувањето ќе се одржи во четврток, на 30/06/2011 во 11,00 часот, во просториите на хотелот „Александар Палас“, Скопје.



