25.07.2011 Во годишниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) констатирано е дека една четвртина од извршените набавки во јавните институции се реализираат без да се спроведе постапка за јавна набавка.
Над 16 отсто од забелешките на државните ревизори се однесуваат на неправилности во изборот на најповолен понудувач.
Ревизорите констатирале низа неправилности при склучување на договор за јавни набавки, каде договорите не ги содржат основните елементи како што се цената, количината или вредноста, како и договори кои содржат различни услови од предвидените.
Околу 7,5 отсто од договорите за јавни набавки се реализирани по цена повисока од предвидената во тендерската документација.
Освен забелешки поврзани со нерегуларности при спроведување на постапка за јавни набавки ДЗР, евидентира и пропусти во образованието, локалната самоуправа, јавните приходи и слично.
Во извештајот на 2010 година се наведува дека се извршени вкупно 87 ревизии од кои 77 се финансиски, две тематски, по една ревизија на усогласеност и една информатички технологии како и шест ревизии за успешност.
Од вкупно извршените ревизии, ДЗР издаде 202 ревизорски извештаи, што е за 32 повеќе за разлика од 2009 година.
Државниот завод за ревизија, според законските прописи, е независна врховна ревизорска институција за надворешна ревизија, со надлежност да врши ревизија на употребата на јавните средства во Македонија.
Извор: Нетпрес