Истражувањето што го спроведе „Транспаренси Интернешнл“ и повеќе универзитетски професори, според посебна методологија за државите од Западен Балкан, открива многу слабости во финансирањето на македонските партии. Индексот на транспарентност на партиското финансирање се мерело од 0 до 10. Македонија добила оценка од 4,6 што е просечна бројка, но поблиску до долната граница. Партиите лошо стојат и во однос на веродостојноста на извештаите за тоа како се финансираат.
“Испитаниците имаат силна перцепција дека Владата ги фаворизира владејачките партии преку злоупотреба на административните ресурси. Тие сметаат дека донаторите не сакаат да бидат јавно објавени затоа што вистинската цел на донациите е промоција на идни услуги, а донаторите се плашат да не се најдат вплеткани во политички скандали“, пишува во извештајот.
Македонија е на дното, по Хрватска и Србија, и според деталноста на информациите што се објавени во финансиските извештаи оценета е со 2,8.
“Дури и ако законот обезбедува цврста основа за транспарентност во политичкото финансирање, постои вкоренета култура на тајност што резултира со избегнување да се објави било каква конкретна и детална информација за изворите на финансирање“, се наведува во извештајот.
-Закони имаме, но тие не се спроведуваат во практика – оцени Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси Интернешнл Македонија.
Во следниот пероод ќе биде објавен и извештајот за финансирањето на изборната кампања годинава, каде што ќе бидат обелоденети сите неправилности и слабости за парите што легнуваа на сметка на партиите.
Извор: Фокус