За експертската јавност е сосема нејасно и несфатливо како Јавното обвинителство не отвора постапка со доказите кои ги објавија американските власти, но имаат доза на оптимизам дека еден ден сепак ќе се расветли овој случај, кој правно не застарува.
Обвинителот Марко Зврлевски неодамна изјави дека системот за гонење на поткупот во Македонија и во САД е различен, дека имале илјадници страници за превод на имејлови и избришани и обновени електронски пораки, кои и да ги преведеме немало да ни бидат од корист, затоа што кај нас не се признавале како докази. Тој рече и дека во текот на истрагата имале најдено и сметки, но дека не произлегле докази дека тие пари завршиле на приватни сметки.
Слаѓана Тасева, експерт во борбата против корупција, е вчудовидена од ваквите изјави на првиот скопски обвинител и вели дека е недозволиво да не биде поведена постапка. Особено поради фактот што Македонија е потписник на сите меѓународни договори и конвенции за меѓународната соработка во борба против организираниот криминал и корупцијата. Таа се прашува што прави обвинителството, Антикорупциската комисија и Управата за јавни приходи.
Нашите институции мораа да постапат по овој случај затоа што дејството се одвива во земјава, а се поврзани официјални лица од Македонија. Во случај и кога постои само сомневање за поткуп, тие се должни да го истражат случајот, овде имаме случај кога се обвинети и осомничени странски службени лица во кој се вклучени и домашни официјални лица.
„Верувам дека институциите ако би отвориле постапка, многу од доказите би ги нашле во евиденциите како што тоа го направи американскиот арбитражен суд, кој оцени дека постои поткуп. Ние имаме потпишано договори и конвенции за меѓународна соработка и постапување во такви случаи. Постојано се фалиме дека имаме обучени институции и правна рамка за борба против овој вид криминал, но ова е уште еден доказ дека не постои волја и подготвеност за борба против корупцијата“, оценува Тасева. Таа не може да разбере како македонските институции можат да седат мирно и да не преземаат ништо, кога САД веќе имаат донесено одлука.
„Не е можно да не се направи ништо бидејќи ова кривично дело секогаш има две страни. И тој што поткупува и тој што го прима поткупот одговараат кривично. Ние тука имаме предмет за активен поткуп, а не отвораме постапка“, додава Тасева.
Симптоматично е, како што вели, тоа што молчат сите политички партии и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, и прашува дали е тоа резултат на политички пазарења или недостиг од политичка волја за справување со овој вид криминал. Но, сепак, обвинителството и правосудните органи мора да не’ уверат дека се надвор од политиката и да ја убедат цела македонска јавност дека работат професионално, без каква било селективност или политички пазари.
На исто мислење е и поранешниот антикорупционер Драган Малиновски, кој вели дека е жално за предмет кој се случил во нашава земја и во кој покрај странски личности се вклучени и македонски официјални лица да се дознава од американски извори. Доколку бевме сериозна држава, оценува тој, нашите институции први ќе постапеа и ќе го расветлеа овој случај.
„Постојат премногу причини зошто требаше ние да реагираме, а ниту една причина зошто ова се толерира толку време. Постојат и процедури и надлежности нашите институции тоа длабински да го испитаат. Нема оправдување зошто сето она што американските институции успеале да го направат да не можеме и ние. Фактите и елементите врз основа на кои тие го водеа овој случај и околностите каде што се одвивал, значи тука во нашава земја, не ни дава за право со сила да ги затвораме очите“, вели Малиновски.
Тоа, според него, говори дека постои силна политичка спрега да не се отвори постапка тука во земјава, а тоа уште повеќе го потврдува фактот што молчат и двете страни на најлутите политички противници, кое е многу несвојствено за нив.
„Ќе дојдеме во ситуација кога еден ќе сфатиме колку многу ни се потребни здрави, политички неискомпромитирани институции. Вакви случаи се голем тест за државните институции, пред се’ за јавното обвинителство“, вели Малиновски.
Иако, ниту тој ниту Тасева не очекуваат дека во Антикорупциска комисија има воопшто капацитет, волја, но и личен интегритет да се зафатат со овој случај, сепак се надеваат дека ќе дојдат подобри времиња кога судот ќе работи без политички притисоци.
„Како што стојат работите моментално, од оваа структура и овие институции не треба ништо да се очекува. Но, мора да се знае дека ваков случај не застарува и веројатно во иднина ќе излезе се’ на виделина. Тоа ќе биде тогаш кога во институциите ќе седат професионалци со свој личен интегритет, а не личности кои се водени од политички интереси“, вели Тасева.
Извор: Утрински весник