Во последниот извештај на американската организација “Фридом хаус“, во кој е дадена оценка на политичките права и граѓанските слободи, меѓу 87-те слободни земји се Србија, Хрватска и Црна Гора, додека меѓу 60-те држави коишто се оценуваат како делумно слободни се наоѓаат Босна и Херцеговина, Македонија и Косово.
Во извештајот на оваа организација Македонија доби оценка тројка, на скалата од 1 до 7, каде единицата претставува највисок демократски развој, а седмицата најнизок. Македонија со ваквата оценка не забележува никакво поместување оти и во минатиот извештај земјава беше рангирана во групата “делумно слободни“.
“Фридо хаус“ наведува дека Балканот во 2011 година остварил напредок во демократските процеси и е на пат кон вклучување во Европската унија, но национализмот и притисокот врз слободните медиуми продолжуваат да го загрозуваат процесот на помирување.
Организацијата истакнува дека и понатаму постои притисок врз слободните медиуми на Балканот, особено споменувајќи ја Македонија.
Во годинешниот извештај, се наведува дека три млади демократски земји забележале вознемирувачки пад на демократијата – Унгарија, Јужна Африка и Украина, како и дека две земји оваа година го промениле статусот – Гамбија, која повеќе не е делумно слободна, туку неслободна и Тунис кој од неслободен статус премина во делумно слободен.
Од друга страна, три земји кои се вбројуваат во најрепресивни во светот, Бурма, Либија и Куба постигнале напредок во почитување на слободите.
“Фридом хаус“ предупредува дека 2011 е шестта година по ред во која земјите со пад на степенот на почитување на демократските слободи се побројни од земјите со пораст на демократските слободи.
Извор: Нетпрес