25.01.2012 Македонија се најде на 94-тата позиција, воедно забалежувајќи пад од лани, според слободата на говорот, стои во извештајот на новинарската асоцијација “Репортери без граници“ за 2011 година. Македонија е на дното во регионот и се наоѓа зад Словенија, која е во најдобра ползииција- на 36 место, потоа следат Хрватска на 68., Грција три места подолу. Србија според слободата на говорот се наоѓа на 80-то, а едно место подоли е Бугарија. Полоша од нашата е позицијата на Црна Гора која се најде на 107-мо место.
“Никогаш немало повеќе цензура и помногубројни злоупотребувања на физичкиот интегритет на новинарите“, е заклучокот на “Репортери без граници“ за состојбата со слободата на говорот во 179 земји за 2011 година.
Новинарите минатата година, која беше одбележана со арапските револуции и протести во повеќе земји, работеа во тешки услови насекаде во светот, вклучувајќи ги и САД, Франција и Италија, покажува истражувањето на новинарската асоцијација Репортери без граници.
“Репресиите беа водечка тема минатата година. Слободата на информирањето никогаш не била толку тесно поврзана со демократијата, работата на новинарите никогаш во толкава мера не им пречела на непријателите на слободата“, се наведува во десеттото издание на извештајот на “Репортери без граници“.
Оттаму наведуваат дека недостигот или поткопувањето на јавните слободи механички водат до поткопување на слободата на говорот.
Во САД 25 новинари биле уапсени или подложени на полициска бруталност при покривање на протести. САД условно “паднаа“ на 47 место на листата, додека во 2010 година беа на 20-та позиција.
Франција е на 38. место, а “Репортери без граници“ нагласуваат дека новинарите во оваа земја се подложувани на притисок, кога станува збор за заштита на нивните извори и кога ги истражуваат претставниците на власта. Италија е на 61. позиција.
Во Тунис има тенденции кон подобрување на состојбата и покрај тоа што таму нема слободен и независен печат. За една година Тунис се искачи за 34-то место погоре на листата и е на 134-то место.
Мал е бројот на државите во кои има добри услови за работа на новинарите и тука спаѓаат Финска, Норвешка, Естонија, Германија, Шведска, Швајцарија, Австрија, Ирска, Белгија, Холандија, Луксембург, Зелено’ртска Република, Канада и Намибија.
Еритреја, Туркменистан и Северна Кореја се во групата на “пеколната тројка“, бидејќи во тие земји нема никаква јавна слобода и тие се последни на листата, веднаш зад Сирија, Иран и Кина.
Извор: Нетпрес