Статистиката покажува дека од донесувањето на Законот за заплена на имот, досега се извршени 26 конфискации на имот стекнат на криминален начин, но паѓа в очи податокот дека мерката проширена конфискација била применета само во еден предмет. Оваа посебна мерка се одредува во случаи кога постои сомневање дека незаконски стекнатиот имот е префрлен на други лица или преку разни трансакции постои обид тој да се прикрие за да не биде одземен.
Првиот директор на новоформираната Агенција за одземање криминално стекнат имот, Ванчо Шехтански, не сакаше да ги коментира овие резултати, бидејќи, како што вели, тој се задржал многу кратко време на челната позиција во оваа институција.
„Моја обврска на почетокот беше формирање агенцијата за таа да почне да функционира според законот што беше донесен тогаш. Постапката за одредување конфискација ја води Државно правобранителство кое ја носи одлуката, а Агенцијата е извршител и постапува само при пресуди во кривична постапка“, вели Шехтански.
Во препораките на извештајот на коалицијата „Сите за правично судење“ се истакнува загриженоста за непримената на проширената конфискација, бидејќи од оваа мерка се очекуваат значајни резултати во спречувањето на корупцијата. Затоа се укажува дека е потребна позначително примена поради, како што се вели, исполнување на целите на казнувањето.
Проширената конфискација, сепак, бара позначаен ангажман и на судот и на други истражни органи при спроведувањето истрага на скриен криминален имот. Ексминистерот за внатрешни работи, Павле Трајанов, кој претходно иницираше донесување ваков закон, смета токму поради специфичноста на спроведувањето на проширената конфискација се’ уште е рано таа да покаже поголеми резултати.
„Од донесувањето на Законот за конфискација помина нешто повеќе од една година и затоа е премногу рано да се даваат вакви оценки за проширената конфискација, кога се знае дека тоа е една посложена процедура, која бара подлабока истрага. Мојот предлог беше истрагата да ја води специјализиран оддел што ќе се занимава само со откривање прикриен имот, а сега го прават тоа сите – и МВР, и Финансиската полиција и Антикорупциската комисија“, забележува Трајанов.
Според него, откривањето на незаконски стекнатиот имот е многу лесно и тоа со следење на патот на парите. Трајанов наведува дека е потребна јасна процедура на процена на имотот на секој носител на јавна функција и задолжително изрекување мерка конфискација на сето она што е стекнато со злоупотреба на функцијата, како резултат на спрегата меѓу политичарите и бизнисмените.
Не се знае колку точно се прислушува
Судовите многу ретко бараат примена на посебни истражни мерки, главно, прислушување, односно следење на комуникациите за предмети во кои осомничените се товарат за корупција, покажува истражувањето на коалицијата „Сите за правично судење“. Следење на комуникациите имало во помалку од 10 проценти од предметите, што според оваа коалиција е незначително. Во однос на примената на специјалните истражни мерки, уочена е и голема несразмерност меѓу основните судови. Основниот суд Скопје 1 предничи во барањата за примена на овие мерки.
Во посебните истражни мерки постојат осум методи кои треба да овозможат добивање докази, меѓу кои и следење на комуникациите, што се применува за предмети за кои ќе се оцени дека вообичаена истрага нема да биде успешна. Од вкупно 174 анализирани предмети, коалицијата утврдила дека посебни мерки се преземени во 14 предмети, во 77 не се применети, додека во 83 не постои податок дали имало или немало примена на мерки. Податоците говорат дека постои низок процент на следење на комуникациите, но, од друга страна, се истакнува дека во 50 проценти од предметите нема податоци за примена.
Извор: Утрински весник