За надлежните нема вистинска анализа
„Најважен проблем во сферата на човековите права беше потфрлањето на власта целосно да го почитува владеењето на правото, што се одрази преку нејзиното мешање во судството и во медиумите, селективното гонење политички противници и значителното ниво на корупција на власта и во неказнивоста на полицијата“. Тоа е главниот заклучок на последниот извештај за состојбата со човековите права на американскиот Стејт департмент објавен минатата недела.
Официјално, надлежните институции не ги коментираат извештајот и заклучоците, но имаат поинаков став за состојбата со корупцијата.
За антикорупциската комисија е прашање на што се темели извештајот.
– Во Македонија нема стручна релевантна анализа поткрепена на факти. Изнесениот став е право на секој, како и на Стејт департментот. За нас е интересно прашањето врз основа на што се изречени овие ставови – изјави Љубинка Kорабоска, претседател на Државната комисија за спречување корупција.
МВР, пак, нагласува дека Македонија добива позитивни оценки за борбата против корупцијата.
– Генерално, имаме голем напредок во сите области. За пет години, на листата со земји според индексот на перцепција на корупцијата, од 105. место, сега сме на 68. Од друга страна, ефикасноста во борбата против корупцијата и организираниот криминал беше еден од условите и за укинување на визниот режим од Европската унија и за препорака за почеток на преговори. Во сите овие релевантни институции, кои ја оценуваа Македонија, добивме позитивни оценки – изјави Иво Kотевски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавноста.
Најлошо досега?
Реално гледано, состојбата со корупцијата во Република Македонија е полоша од кога било порано, смета Слаѓана Тасева, претседател на “Транспаренси Интернешнл – Македонија„.
-Таа прерасна во ендемска, ја има во сите облици и со многу силни влијанија над економските и над општествените процеси во државата. Наспроти ова, не постои критична мисла и подготвеност на институциите и на поединците да се спротистават на незаконските трошења на јавните пари, што се случуваат пред очите на сите или на незаконските судски одлуки – смета Тасева.
Таа нагласува дека во американскиот извештај корупција не е забележана само кај Владата, туку во државните институции воопшто.
Терминот корупција во Владата што се користи во овој извештај е многу поширок од разбираањето за Владата согласно со Уставот и законите во Република Македонија. Во смисла на овој извештај, под поимот влада опфатени се и Парламентот и Владата и независните институции, освен судството. Затоа, оваа оценка за состојбата со корупцијата е многу полоша отколку што тоа на прв поглед се чини. – нагласува Тасева.
Во извештајот Стејт департментот се повикува и на извештајот на Светската Банка каде што се изнесени истите констатации за корупцијата.
-Оценката за корупцијата во Владата дополнително е заострена со ставот за непочитувањето на владеењето на правото, кое се рефлектира со влијанието на судството врз медиумите, а селективни обвиненија за политичките опоненти на власта, како и за состојбата за недопирливост од страна на полицијата за одредени структури. Накратко, ова е досега најлош извештај за состојбата со корупција во Република Македонија од периодот по 2001 година – вели Тасева.
Според неа, во Македонија корупцијата се премолчува.
-Тоа што не се зборува и медиумите премолчуваат да пишуваат за коруптивните афери на власта е резултат на воспоставената контрола над медиумите и на практиката на застрашување и на елиминарање на сите што се критични кон кој било сегмент од работењето на власта.
Полош извештај
Македонија полошо котира и во извештајот за перцепција на корупцијата, што секоја година го подготвува меѓународната „Транспаренси Интернешнл“. Во последниот извештај, објавен во декември, Македонија беше на 68 место, пад за шест места од претходниот извештај.
Во 2005 година земјава беше рангирана како 105та, следната година го подобри рејтингот и дојде на 84тата позиција, во 2009 година беше 72, а во 2008 на 62 место.
Според МВР, лани бил намален бројот на откриени кривични дела во областа на корупцијата. Во делот на класичната корупција била откриени вкупно 23 (24 во 2010 година) кривични дела за кои се пријавени 28 сторители. Од случаите 14 биле примање поткуп, шест давање поткуп, а три незаконско посредување. Полицијата открила 45 случаи на коруптивна злоупотреба на службена положба за што осомничила 295 лица. Во 2010 биле откриени 72 такви дела, а биле осомничени 238 лица, кои извршуваат службени должности и имаат јавни овластувања.
Извор: Дневник ( Публика)