Само седум од вкупно тринаесетте пораки кои ни ги испорача ГРЕКО во 2010 година се исполнети. Од останатите шест препораки, две не се воопшто имплементирани, а останатите четири се само делумно спроведени. По три месеци од донесувањето на Извештајот на ГРЕКО и инстистирањето на невладиниот сектор за негово објавување, Министерството за правда конечно ги објави заклучоците. Согласно со истите, Македонија делумно позитивни резултати покажува само во делот на криминализацијата на кривичните дела, додека транспарентноста на финансирањето на политичките партии сè уште не се целосно имплементирани.
„Информациите доставени од страна на државните органи на Република Македонија јасно укажуваат дека, и покрај измените и дополнувањата на Изборниот законик, имајќи ги предвид некои од Препораките во однос на финансирањето на предизборните кампањи, мал напредок е забележан во врска со редовното финансирање на политичките партии, и покрај измените и дополнувањата на Законот за финансирање на политички партии, чие позитивно влијание се чини ограничено, дури и под знак прашање. Покрај тоа, постапките преземени во однос на другите мерки потребни за да се информираат политичките партии за нивните обврски за известување и за да се обезбеди порационален и проактивен систем за надзор и санкционирање се премногу ограничени“, пишува во Извештајот на Групата држави за борба против корупција (ГРЕКО).
Кои се забелешките на ГРЕКО?
И покрај измените на Законот за финансирање на политичките партии, ГРЕКО сeуште забележува на низа слабости околу транспарентноста и законското финансирање на партиите. Токму поради тоа, ГРЕКО смета дека Државниот завод за ревизија не е подготвен да ја преземе главната улога за ефективен надзор истрага и спроведување на регулативите за политичко финансирање, како што е прошишано согласно со измените на законот.
„Иако Државниот завод за ревизија е назначен како клучна институција за мониторинг, не постојат одредби за задолжителна ревизија на годишните извештаи на политичките партии. Согласно со својата работна програма за 2011 година, Државниот завод за ревизија извршил ревизија само на 10 од 55 регистрирани политички партии, а за 2012 година неговата работна програма воопшто не предвидува никакви ревизии на политички партии. Ревизорот сe уште не е соодветно опремен да ја преземе главната улога за ефективен надзор истрага и спроведување на регулативите за политичко финансирање“, пишува во Извештајот.
Освен оваа забелешка, ГРЕКО забележува и на дел од законските обврски кои се однесуваат на забраната невладиниот сектор и другите граѓански организации да учествуваат во изборни кампања, а забележува и на законската измена со која се намалуваат обврските на партиите за финсиското известување.
„Се чини дека дел од партиите, особено помалите, сe уште, во голема мера, не се придржуваат кон своите обврски за известување. ГРЕКО е загрижен дека последните измени и дополнување на Законот за финансирање на политичките партии за намалување на обврските на политичките партии за известување нема да резултира со поголема транспарентност во редовното финансирање, туку ќе даде спротивен ефект.
Во однос на законската забрана невладините организации, граѓанските здруженија и тинк-тенк организациите да водат кампања за политичките партии, ГРЕКО заклучува дека во пркатика, овие субјекти сe уште се вклучени. Затоа, ГРЕКО ја повикува власта да ја преиспита состојбата со ваквите субјекти.
Неимплементирани препораки
1. ГРЕКО препорача да му се дадат на главното независно тело, кое ќе биде, доколку е соодветно, потпомогнато со други органи, мандат и соодветни овластувања и ресурси за да врши проактивен и ефективен надзор, истрага и спроведувања на прописите за политичко финансирање;
2. ГРЕКО препорача (i) да се осигури механизмот за изрекување санкции за повреди на правилата за политичкото финансирање да функционира ефективно во практиката, и (ii) првенствено да се осигури, санкцијата загуба на јавно финансирање за политичките партии и организаторите на изборната кампања да може да се примени во практиката.
Извор : Капитал