Ова за црногорскиот дневен весник „Дан“ го најави портпаролката на Окружниот суд во Њујорк, Стефани Чирковиќ. Таа додава дека, за сега, во судскиот регистар нема никакви документи што се однесуваат на деталите во обвинението за корупција во Црна Гора.
Тужбата против поранешните први луѓе на унгарската компанија, инаку сопственост на „Дојче телеком“, ја поднесе американската Kомисија за хартии од вредност (СЕK). Штрауб, Морваи и Балог се обвинети дека во 2005 и 2006 година склучиле лажни договори со високи владини функционери во Македонија и во Црна Гора и ги подмитиле со сума од околу 12 милиони евра.
Kако што се вели во самото обвинение на СЕK, во време кога во Македонија се носи легислативата што треба да го либерализира македонскиот телекомуникациски пазар, „Маѓар телеком“ склучува таен договор со македонски владини функционери наречен „Протокол за соработка“, со кој се одлага или спречува издавањето лиценца на конкурентска компанија на пазарот.
Преку одреден посредник биле исплатени 4,87 милиони евра за лажни договори за „консултантски“ и „маркетиншки“ услуги, а владините функционери требало да донесат измени во законите со кои се продолжува монополската позиција на пазарот на „Телеком“. Исто така, во обвинението стои дека Штрауб, Балог и Морваи им понудиле доходна можност за бизнис на функционери од одредена малцинска политичка партија.
Во вториот случај, тројцата поранешни директори во 2005 година се согласиле „Маѓар телеком“ да ~ исплати 7,35 милиони евра на владата на Црна Гора со цел да го олесни купувањето државниот „Телеком Црна Гора“ од страна на унгарската компанија.
Заменик-обвинителот Роберт Доџ, кој ја застапува американската Kомисија за хартии од вредност, ја поднесе граѓанската тужба против поранешните директори во декември минатата година, веднаш откако „Дојче телеком“ и „Маѓар телеком“ преку вонсудска спогодба со американското Министерство за правда и СЕK, се согласија да платат 95 милиони долари за да се прекине официјалната кривична истрага, која траеше шест години. Спогодбата вклучуваше 64 милиони долари кривична глоба кон Министерството за правда и 31,2 милион долари граѓанска глоба кон Kомисијата за хартии од вредност.
Министерството за правда тогаш се согласи да не ги гони двете компании ако ги почитуваат законите, а тие за возврат се обврзаа да ги подобрат контролните практики. Институциите во САД ја покренаа првичната постапка бидејќи во периодот кога се извршени наводните кривични дела „Маѓар телеком“ котираше на берзата во Њујорк и беше подложен на американскиот Закон за коруптивни практики во странство.
Извор: Дневник