Процесот се води против Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамас Морваи, поранешни водечки лица во "Маѓар Телеком", компанијата преку која "Дојче Телеком" инвестираше во Македонија и во Црна Гора. Обвинението го покрена американската Комисија за хартии од вредност (СЕЦ).
Во Македонија, Штрауб, Балог и Морваи се обвинети дека во пролетта 2005 година, склучиле договор со високи претставници на двете најголеми партии во македонската Влада, да се спречи натамошното отворање на македонскиот телекомуникациски пазар. За таа цел, според обвинението поднесено од комисијата СЕЦ, директорите на "Маѓар Телеком" обезбедиле "Македонски Телекомуникации" преку грчки посредник, да исплати околу шест милиони долари кои завршиле за поткуп на македонски функционери. СЕЦ ги обвинува Балог и Морваи дека во февруари 2006 година, кога внатрешна истрага на "Маѓар Телеком" го открила овој случај, се обиделе да ги уништат доказите.
Во Црна Гора, директорите на "Маѓар Телеком" се обвинети дека во 2005 година потплатиле црногорски политичари за да го олеснат купувањето на државниот "Телеком Црна Гора" од страна на "Маѓар Телеком".
Процесот, првин против "Дојче Телеком", а сега против Штрауб, Балог и Морваи, се води според американскиот закон за коруптивни дела во странство, кој им овозможува на американските власти да водат процес против компании што потплатуваат функционери на странски држави. Во првиот процес, против компаниите "Маѓар Телеком" и "Дојче Телеком", тие им исплатија над 95 милиони долари казна на американските власти поради корупцијата во Македонија и во Црна Гора. Во актуелниот процес, против Штрауб, Балог и Морваи, СЕЦ бара на тројцата менаџери да им се изрече парична казна, налог за враќање на имотот што тие самите го стекнале при ова дело и забрана за повторување на делото.
Извор: Вечер