Една од главните препораки на ГРЕКО беше да се определи едно тело кое ќе врши надзор врз финансиското работење на политичките партии, што резултираше со одлуката оваа обврска да му припадне на Државниот завод за ревизија. Но, освен тоа што Заводот веќе не можеше да ескивира и да ја дели одговорноста со други институции, не беше направено ништо со кое тој би се поттикнал поревносно да го открива или да го превенира криминалот поврзан со партиските пари. „ГРЕКО мора да потенцира дека имплементацијата на препораката бара мошне пообемни промени во сегашниот систем на надзор“, пишува во извештајот на организацијата, која на крајот заклучува дека препораката не е имплементирана.
Од тие причини, најкрупната измена од оние што викендов стигнаа во Собранието е воведувањето редовна контрола над циркулирањето на партиските пари. Колку и да звучи неверојатно, досега во Законот пишуваше само дека „надзорот над финансиско-материјалното работење на политичките партии го врши Државниот завод за ревизија“, без да биде наведено во кои временски интервали, на што со чудење реагираше ГРЕКО: „Во согласност со својата работна програма за 2011 година, ДЗР извршил ревизија само на 10 од 55 регистрирани политички партии, а за 2012 година неговата работна програма воопшто не предвидува никакви ревизии на политички партии (иако се работи за година по избори)“. Со измените се постапува по сугестијата на меѓународната организација за воведување одредби за задолжителна ревизија на годишните извештаи, што значи дека ревизорот отсега секоја година ќе ги „чешла“ финансиските книги на партиите – во актуелната календарска за минатата.
Рокови се воведуваат и во однос на објавувањето на годишните финансиски извештаи на партиите. Ако досега оваа обврска беше само спомената во Законот, без какви и да се временски рамки, по усвојувањето на измените годишните финансиски извештаи ќе бидат ставани на јавен увид најдоцна до 30 април (за претходната година). Дополнет е и делот од Законот со којшто се уредува содржината на регистарот на донации што имаат обврска да го водат партиите. Покрај веќе дефинираните податоци за донаторите, партиите отсега ќе мора да наведат кои донации им стигнале од субјекти што директно или индиректно се поврзани со нив или се под нивна контрола. Се воведува и должност за политичките партии овој регистар да го објавуваат на својата интернет-страница на секои шест месеци.
Се интервенира и во делот за регулирање на начинот на којшто партиите ги добиваат донациите. Со измените донаторите ќе добијат и обврска да им доставувааат фактури на партиите со реалната вредност на непаричните донации (материјални средства и услуги). Во тој контекст, за донација отсега ќе се смета и разликата меѓу пазарната вредност и фактурираната цена (со попустот), секако и во случај кога партијата бесплатно ќе добие одредена услуга. Досега во Законот стоеше само формалната одредба дека „давателот на услугата е должен да ја извести политичката партија за вредноста на дадената услуга“, без да се прецизира како, писмено или усно, што значеше дека при евентуална контрола можеше да нема никаква евиденција.
Кај казнените одредби се додаваат нови, кои предвидуваат (во однос на повеќе прекршоци) запирање на исплатата на средства за редовно годишно финансирање на политичката партија од буџетот на државата. Мерката се применува додека партијата уредно не си ја исполни обврската. Најстрогата казна што се заканува од последните измени е губењето на правото на редовно финансирање од буџетот во траење од три месеци, со која ќе се санкционира необјавувањето во пропишаниот рок на годишниот финансиски извештај на партијата. Највисоката фиксна казна останува предвидената во досегашното законско решение, 10 илјади евра, што најверојатно звучи безопасно за партиите од форматот на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ или ДПА, кога се знае дека тие и дневно знаат да потрошат поголеми суми само за реклама. Со 10 илјади евра се казнува надминување на лимитот за примање поединечна донација и недоставувањето извештаи за донациите и за финансиското работење.
Извор: Капитал