21.09.2012 Корупцијата, сивата економија, јавните набавки, инфраструктурата, инвестициските јавни политики и политиките за конкурентност се главните пречки за развој на малите и на средните претпријатија во земјава. Ова го покажува анкетата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) која била спроведена во Македонија и во регионот за потребите на проектот „Платформа за развој на претпријатија и иновации“.
ОЕЦД анкетирала мали и средни претпријатија од Македонија, но и од земјите од регионот кои во три последователни години – 2008, 2009 и 2010 година – оствариле раст од 20%, интересирајќи се за проблемите кои им стојат на патот за да постигнат посилен раст. Проблемите речиси кај сите земји се исти, а во Македонија испитаниците посочиле дека најголем проблем се корупцијата и сивата економија.
„Во време на криза вакви трговски друштва оствариле 20% раст и затоа ги сметаме за базни чинители во економијата и затоа ги анкетиравме. Проблемите се речиси исти во регионот, а во Македонија како главни бариери за поголем раст се сметаат корупцијата и сивата економија. Корупцијата беше спомената во правосудниот систем и во областите на јавни набавки. Компаниите претпријатијата од сивата економија ги гледаат како нелојална конкурнеција. Како втора пречка се регулативите, долгите постапки за издавање дозволи, сложените бирократски процедури. Како проблеми се наведени и проблемите со патната инфраструктура, односно проблемите со пристапот до електрична енергија и природен гас. Потоа јавните набавки, кои не секогаш се приспособени за малите и за средните претпријатија. Не треба да има големи договори за да им биде овозможено на малите и на средните претпријатија да учествуваат на терен. Услугите за поддршка на малите и на средните претпријатија како сметководство, консалтинг, правни услуги испитаниците сметаат дека не се на задоволително ниво и подолу на листата се инвестициските јавни политики и унапредувањето на истите и политиките за конкурентност“, истакна Алан Пајиќ, раководител на ОЕЦД за подобрување на инвестициите во Југоисточна Европа на тркалезната маса посветена на проектот „Платформа за развој на претпријатијата и иновации“
Проектот претставува иницијатива на Европската комисија (ЕК), Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за подобрување и проширување на пристапот до финансии за иновативни компании и компании со висок потенцијал за раст на земјите од Западен Балкан.
Извор : Капитал