Многу распространета, ова е општото мислење за нивото на распространетост на корупцијата во Македонија. Истражувањето кое го спроведе ОБСЕ во соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата и Транспаренси Интернешнал Македонија покажува дека перцепцијата за корупцијата во земјава е над европскиот просек и изнесува 55,1%. Понегативно мислење во однос на распространетоста на корупцијата имаат етничките Албанци од кои 75% сметаат дека таа е многу распространета, наспроти 47% од етничките Македонци.
Во рамки на Државната програма за борба против корупцијата на Комисијата областите образование и спорт се определени како константни сектори во кои постои висок степен на корупција и хроничен недостиг од анализа и методологија за перцепцијата на корупцијата. Според истражувањето, кое го направи агенцијата Рејтинг, перцепцијата за распространетоста на корупцијата е највисока во високото образование, 56,2%, особено меѓу актуелните студенти од кои 55% сметаат дека има многу корупција на факултетите.
Вработувањето на универзитетите, полагањето на испитите, добивањето место во студентските домови и запишувањето на факултет се областите каде што според испитаниците постои најголема распространетост на корупцијата.Иако анализата не прави јасна дистинкција меѓу корупцијата на државните и приватните универзитети, професорите кои присуствуваа на јавната дебата по однос на анализата застанаа во одбрана на институциите кои ги застапуваат.
„Начинот на којшто се поставени работите во приватните универзитети не дозволува професорот да биде ставен во положба да биде корумпиран. Тоа е исклучено и при полагањето на испитите и при користењето на литературата и слично“, вели Душко Стојановски, професор на Американ колеџ.
Според Ѓорги Спасов, пак, поранешен професор на Правниот факултет на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, перцепцијата за корпуцијата е повисока кај приватните универзитети поради начинот на запишување – плаќањето на повисока сума за студирање.
„Корупцијата се случува во промената на статусот – при запишувањето, при полагањето испити, при вработувањето и стекнувањето со диплома“, вели Спасов. Начинот таа да се спречи е промена на системот на полагање, прифаќањето на Болоњскиот систем, транспарентност при изборот на наставен кадар, стандарди во образованието и санкција на оние кои нудат или примаат поткуп, смета Спасов.
Антикорупционерите допрвa ќе прават анализа на истражувањето
Антикорупционерите, државни и независни, истакнаа дека постоењето на вакво истражување само ги потврдува досегашните сознанија дека постои високо ниво на корупција, но следниот чекор е справување со истата. Роберт Георгиев, градоначалник на Свети Николе и претседател на Комисијата за образование и спорт во ЗЕЛС, признава дека во овие области јавна тајна е дека корупцијата цвета, но болката на македонското општество ја гледа во непреземањето акција за нејзино сузбивање.
Антикорупционерката Мирјана Димовска е убедена дека репрезентативното истражување ќе им помогне за „влечење“ на конкретни и смели чекори.
„Степенот на нелегално и штетно дејство е многу висок, што е дополнителен поттик да се работи и со жртвите и со ’свиркачите‘ на корупција“, вели Димовска.
Сознанието дека корупцијата постои и меѓу најранливите категории, младите, кои се вклучени во образованието и спортот, треба да претставува дополнителен поттик за решавање на овој предизвик, истакна Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнал Македонија.
Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија се неведува дека постои недостиг од анализа за состојбата со корупцијата и начин за справување со истата. Постои цврста законска рамка, но слаба имплементација. Најголемата забелешка се однесува на видливоста на борбата против корупцијата која според извештаојот не напредува и не дава резултати. Комисијата советува телата за борба против корупција да земат проактивна и координирана улога во справувањето со корупцијата.
Антикорупциска најави дека следни области во кои преку истражување ќе се испитува перцепцијата на корупцијата се граѓанскиот сектор и медиумите.
Извор: Капитал