25.10.2012 И додека најважната измена на законот за финансирање на политичките партии налага Државниот завод за ревизија да мора да врши редовна контрола на партиските пари, македонските ревизори ќе бараат независна ревизорска куќа да ја врши оваа работа.
Минатата година од 55 регистрирани политички партии Заводот прочешлал само 10, а во годинашната програма за работа, воопшто не е предвидена ревизија на циркулирањето на парите на некоја партија
„Капитал“ дознава дека претставници од Државниот завод за ревизија ќе побараат Заводот да биде изземен од контролата на финансиските извештаи и работата на политичките партии. Најважната измена на законот за финансирање на партиите, пак, го предвидува токму спротивното – го задолжува Заводот да мора редовно да врши контрола на партиските сметки и циркулирањето на партиските пари.
Организацијата на групата држави за борба против корупција, ГРЕКО во предлозите за измените вели порача дека државниот завод веќе нема да може да изврши ревизија на само на 10 од 55 регистрирани политички партии, како на пример лани или пак, во годишната работна програма воопшто да не предвидува никакви ревизии на политички партии, како што е случај со оваа година. Но, на македонските државни ревизори овие предлози не им одговараат. За „Капитал“ велат дека со условите за работа што ги имале и со кадровскиот капацитет не можеле да постигнат да направат ревизија на сите партии, па затоа лани влегле само во 10.
Ревизорите бараат независна ревизорска куќа која би била задолжена за политичките партии:
„Во современите демократски држави, политичките партии воопшто не се предмет на ревизија. Кај нас и во соседните балкански земји, ГРЕКО инсистира да се врши ревизија оти сметаат дека во работата на партиите има спорни моменти, но ние навистина немаме капацитет за толку обемна работа“, велат извори од ДЗР за „Капитал“.
КОИ СЕ ДРУГИТЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПАРТИИТЕ?
Што се однесува до другите измени, се интервенира и во делот за регулирање на начинот на којшто партиите ги добиваат донациите. Со измените донаторите ќе добијат и обврска да им доставувааат фактури на партиите со реалната вредност на непаричните донации (материјални средства и услуги). За донација отсега ќе се смета и разликата меѓу пазарната вредност и фактурираната цена (со попустот), секако, и во случај кога партијата бесплатно ќе добие одредена услуга. Досега во Законот стоше само формалната одредба дека “давателот на услугата е должен да ја извести политичката партија за вредноста на дадената услуга“ без да се прецизира како – писмено или усно – што значеше дека при евентуална контрола можеше да нема никаква евиденција.
Кај казнените одредби се додаваат нови, кои предвидуваат (во однос на повеќе прекршоци) запирање на исплатата на средства за редовно годишно финансирање на политичката партија од Буџетот на државата. Мерката се применува додека партијата уредно не си ја исполни обврската. Најстрогата казна што се заканува од последните измени е губењето на правото на редовно финансирање од Буџетот во траење од три месеци, со која ќе се санкционира необјавувањето во пропишаниот рок на годишниот финансиски извештај на партијата. Највисоката фиксна казна останува предвидената во досегашното законско решение – 10 илјади евра, што најверојатно, звучи безопасно за партиите од форматот на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ или ДПА, кога се знае дека тие и дневно знаат да потрошат поголеми суми само за реклама.
Со 10 илјади евра се казнува надминување на лимитот за примање поединечна донација и недоставувањето извештаи за донациите и за финансиското работење. Рокови се воведуваат и во однос на објавувањето на годишните финансиски извештаи на партиите. Дополнет е и делот од Законот со кој се уредува содржината на регистарот на донации што партиите имаат обврска да го водат. Покрај веќе дефинираните податоци за донаторите, партиите отсега ќе мора да наведат кои донации им стигнале од субјекти кои директно или индиректно се поврзани со нив или се под нивна контрола. Се воведува и должност за политичките партии овој регистар да го објавуваат на својата интернет-страница на секои шест месеци.
ДВА АМАНДМАНИ НА ОПОЗИИЦИЈАТА КОИ НЕ СЕ ПРИФАТИЈА
СДСМ реагираше амандмански на предлог измените затоа што сметаат дека поимот „индиректно“, ако не биде јасно дефиниран, ќе ѝ остави простор на власта законски да ги оспорува донаторите во кампањата на опозицијата, оти таму се опфатени и оние донатори кои индиректно се поврзани со политички партии. СДСМ смета дека индиректната поврзаност ќе мора да биде соодтвено утврдена.
Вториот амандман на опозицијата се однесува на нивниот предлог наместо министерството за правда, Собранието на предлог на ДИК да одлучи која партија го прекршила законот, па врз основа на тоа врз истата да се примени казната да не добива повеќе пари од буџетот. ВМРО-ДПМНЕ гласаа против амандманите.
Извор: Капитал