07.11.2012 На Регионалната конференција посветена на концептот на интегритет и антикорупциските превентивни политики што вечерва започна со работа во Охрид учествуваат експерти и претставници на антикорупциските тела од регонот, на меѓународни организации, на надлежни национални и локални институции и на граѓанскиот сектор.
На средбата ќе бидат презентирани различните законски модели на концептот на интегритет во Србија, Романија, Молдавија и Словенија, разменети информации и искуства, сето во насока на утврдување на моделот што ќе биде спроведен од страна на институциите во Македонија задолжени со спроведување на тој концепт во наредниот период.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Љубинка Корабоска, нагласи дека системот на интегритет на јавната администрација претставува рамка која во себе ги опфаќа елементите на превенција на корупцијата и унапредување на доброто владеење.
– Таа рамка пред се ги содржи принципите на транспарентнотст, отчетност и функционална етичка структура, како и компонентата на проценка на ризиците или ранливоста од корупцијата на институциите и органите. Оваа регионална конференција ќе овозможи непосредно согледување на компаративните илкуства на други земји и експертски ставови, по што Државната комисија во соработка со другите надлежни иституции ќе можат да ги проценат и во соодветна мерка да ги применат најдобрите практики во определување конкретни елементи од кои ќе биде сочинет концептот на интегритет во Македонија, притоа имајќи ги предвид веќе воспоставените нормативни и институционални решенија, рече Корабоска.
Таа потсети дека Антикорупциската комисија веќе подолго време работи на утврдување на коцептот на интегритет во јавниот сектор, притоа остварувајќи успешна соработика и исклучителна поддршка од партнерите – ОБСЕ и УНДП, како и од надлежните соодветни институции, приватиот и невладиниот сектор во земјата. Корабоска појасни дека веќе се реализирани голем број од предивдените активности насочени кон дефинирање на концептот на интегритет во јавниот сектор, на централно и локално ниво, со нагласок дека во завршна фаза е пилот-концептот на интегритет во десет општини, а реализирани се и три истражувања за мислењето на јавноста во врска корупцијата во различни сектори, и тоа јавната администрација, образованието и спортот, како и медиумите и граѓанското општество.
– Податоците што ќе ги добиеме ќе бидат дополнителна алатка што ќе послужи во утврдувањето на концептот за интегритет. Потребата од утврдување на овој иновативен пристап за правеција на корупцијата е утврдена во Стратегијата за реформата на јавната администрација и во Државната програма за превенција и репресија на корупцијата и судирот на интереси 2012 – 2015 година, додаде таа.
Заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ во Македонија, амбасадорката Наталија Дрозд, од своја страна истакна дека конференцијата во Охрид е клучната активност во рамки на Програмата за добро владеење, како дел од долгорочниот план за поддршка на спроведувањето на државната програма за спречување на корупцијата.
– Прашањето на интегритетот како тема е од приоритетно значење за државата во овој момент, оттаму што тој означува поседување највисоки стандарди и вредности, како довербата, чесноста, непристрасноста, одговорноста, компетентноста, и тоа за институциите како целина, но и поединечно за самите луѓе, рече Дрозд изразувајќи уверување дека овој собир во значајна мерка ќе придонесе кон процесот за развивање на концептот на интегритет во државата, преку извлекување поуки од искуствата на земјите во регионот, истакна Дрозд.
Конференцијата во Охрид се одржува во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во соработка со Државната комисија за спречување на корупција и „Транспаренси Интернешнл“ – Македонија.
Извор Курир
Прегледи: 157