Скопје, 12 ноември – Државната комисија за спречување на корупцијата да не се користи за дневнополитички цели, да ја задржи својата независност и да се врати на стручност, порачаа нејзините поранешни претседатели и членови на прославата по повод 10-годишното постоење на Комисијата.
„Мислам дека остана Комисијата анонимна. Јас не ја чувствувам. Ни во медиумите не може да се најде некој случај за кој зборува јавноста, а Комисијата презела мерки и поднела иницијатива до надлежниот орган за процесуирање на случајот. Се обидувам да најдам, но не можам да се сетам на нешто во последниот случај", рече Јован Трпеновски, поранешен претседател на ДКСК, кој рече дека Комисијата треба да се сврти на случаите на непотизам и исполаризираност, каде може да делува. Рече дека во првиот состав на Комисијата во која тој членувал сами си создавале работа.
„Она што ќе го презентираа медиумите, сакавме да го провериме, и проверувајќи го тоа ние доаѓавме до некои сознанија каде што навистина треба да постапи некој државен орган, дали Јавно обвинителство , дали суд, а иницијативата да дојде од ДКСК. При првиот состав на комисијата строго се водеше сметка за стручноста на членовите", додаде Трпеновски.
„Бидејќи овде сме на 10 години од ДКСК, ќе си дозволам да се потсетам на едно искажување на еден од поранешните премиери на Македонија кога ние бевме членови на Комисијата во првиот состав. Тогаш ја слушнавме изјавата или ставот, дека ниту една влада после таа нема да ја повтори грешката да стави во комисијата луѓе, коишто имаат многу силен, веќе изграден личен и професионален интегритет и коишто не можат да бидат контролирани од страна на која било политика. И тоа навистина се случи. Денеска неколку пати се спомна интегритетот, но тоа се уште е далеку од нашата комисија да се наоѓаат таму луѓе со личен и професионален интегритет", рече Слаѓана Тасева, поранешен претседател на ДКСК.
„Мислам дека ДКСК во овој временски период од десет години остави позитивен белег во спречувањето на корупцијата, особено во иницијативноста за спречувањето на судирот на интереси и сузбивањето на корупциските кривични дела. Треба да има јавност на институциите, особено на Државната комисија за борба против корупцијата, бидејќи највисокиот суд е судот на јавноста, а од тој суд никој не може да избега", рече поранешниот претседател на ДКСК, Михајло Маневски.
Сите тројца се сложија дека треба да се унапредува таа сорабока меѓу Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство, како и другите органи на откривање и гонење и особено меѓу специјализираните органи и тела за борба против корупцијата.
Тасева, како претседател на невладината Транспатенски Интернешнел, забележува дека кога ќе дојде до конкретен случај се јавува проблем, со добивање нецелосни одговори, не само од ДКСК, туку и од другите органи, па нема конкретен одговор туку се оди на објаснувачки одговор.
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски порача дека Парламентот секогаш ќе биде отворен за сите предлози кои се однесуваат на ефикасноста во борбата против корупцијата.
„ДКСК токму според карактерот на својата работа постојано е присутна во јавноста преку медиумите и тоа е добро. Но, никако не смее работата на комисијата и резултатите од неа да бидат тема на дневнополитички игри и критики", рече Вељаноски.
Актуелната претседателка на ДКСК, Љубинка Корабоска, рече дека предизвик на Комисијата е работата на интегритетот, како институционалниот, така и личниот.
„Се залагаме за зајакнување на институционалниот и личниот интегритет, како основна брана против корупцијата", рече Корабоска.
Европскиот претставник во Македонија, Аиво Орав рече дека преку извештајот за напредокот и пристапниот дијалог на високо ниво бара од ДКСК, како и од другите институции да ги исполнат барањата и да се осврнат на останатите предизвици.
„ЕУ очекува во овој позитивен тренд, сериозно да се сфаќаат антикорупциските политики и да се преточат во практични резултати во она што го нарекуваме, соодветна и успешна историја во борба против корупцијата", рече Аиво Орав.
ДКСК за десет години постоење работела на 7.378 предмети, од кои 6898 од областа на корупцијата, 480 за судир на интереси и 1.127 во врска со изборите.
ДКСК поднела 130 пријави за кривично гонење , иницијативи за одговорност и друго, пријави за корупции, обработила 5.748 анкетни листови, кои од 2007 година јавно се објавени за сите актуелни функционери со што помогнала да се наплатат околу 1.800.000 евра од персонален данок, данок на имот и глоби.
Извор: Журнал МК