Ако пред две недели ги повика институциите да прекинат да вработуваат во предизборието и да ги почитуваат законите, сега Државната комисија за спречување корупција реши истите да ги аминува. Агенцијата за вработување вчера го објави огласот со кој три милиони евра народни пари ќе се делат субвенции на 930 граѓани за самовработување.
Владиниот портпарол информира дека за ова се консултирале со Антикорупциската и таа одобрила да продолжат со постапката. Неколку дена претходно Владата објави дека ќе со еден милион евра ќе овозможи 2000 вработувања. Ако институциите се правдаат дека ним проектите им биле предвидени претходно, за експертите ова се ситуации без преседан.
Поранешните антикорупционери ова го кфалификуваат како класичен изборен поткуп, а Антикорупциската ја посочуваат како индиректен соучесник. Нова побара мислења од поранешните членови на комисијата и експерти за корупција.
Драги Малиновски – Вработувања се спротивни на законот
Државната комисија за спречување на корупцијата не е таа која што има надлежност да дава согласност за вработувања или да не дава. Туку единствено што може да направи е да каже дали проектот за вработувања е законски или не е. А законот е неприкосновен и вели дека по денот од распишувањето на изборите, се запираат вработувањата. Ако законот го забранува тоа, комисијата не може да се стави над законот. Проектот за самовработување, ако е распишан по распишувањето на изборите, тогаш е спорен. Во тој случај комисијата согласно надлежностите може само да констатира дека станува збор за проект спроведен спротивно на законот. Антикорупциската комисија не е во позиција да рече: Ова не е според закон, ама еве, ние ќе направиме исклучок и ќе ги дозволиме вработувањата.
Вања Михајлова – Антикорупциската нема мандат да одобрува вработувања
Колку што ми е познато, тој проект нема рокови, предвиден е некој широк период од 2012 до 2015 година. Па оттаму, доколку Владата го распишала тендерот по распишувањето на изборите, се поставува прашањето од каде па точно нашле да го распишат токму сега? Антикорупциската комисија треба само да го примени законот, а не дава согласности. Тие треба да контролираат, а давањето согласности не е во нивна надлежност. Доколку сега се распишува тендер за овој проект, тогаш сериозно се доведува во сомнеж дали тоа се прави во функција на предизборниот процес.
Слаѓана Тасева – Комисијата се вклучува во изборна измама
Поличитарите намерно го оставија без контрола периодот од објавување на изборите до започнување на кампањата. Така повеќе од 30 дена можат да прават што сакаат под изговор дека не се нови проекти и дека се било порано планирано. Затоа треба да се има во предвид моралот, етиката и интегритетот. Антикорупциската комисија треба да се грижи и за овие аспекти и да ги штити интересите на граѓаните.
Практиката власта да побара амин од комисијата пред да објави нови вработувања во период на избори е без преседан. Таква надлежност не постои во законот и со тоа ДКСК ја злоупотребува својата законска положба и надлежност. Таа треба да делува откако власта ќе донесе одлука, а не да дава визи или одобрувања. На овој начин ДКСК се вклучува во изборна измама и станува дел од коруптивната шема за поткуп на гласачите пред избори.
Нова се обиде да стапи во контакт со Антикорупциската комисија и да праша што ја поттикнало ваквата одлука и дали она што го зборуваа владинтие претставници е точно. Претседателката на комисијата, Љубинка Коробовска во телефонски разговор ни рече дека тие на новинарските прашања одговараат исклучиво по електронска пошта. Иако вети дека до крајот на работниот ден ќе ни ги испрати одговорите по емаил, тоа се уште се нема случено.
Новиот состав на комисијата под водството на Коробовска е предмет на критики од експертскта јавност, но и новинарите, кои се жалат дека немаат пристап до членовите на комисијата, а праксата да се комуницира само преку емаил пораки е новост во оваа институција. Поранешнот министер за правда и поранешен лидер на комисијата, Михајло Маневски вели дека ова е најнтранспарентниот состав досега.
Михајло Маневски
Јас не гледам дека оваа комисија во овој состав има некаки иницијативи. Ниту дека комуницира со јавноста. Како ќе бидат контролор на власта, ако не се отчетни пред јавноста. Па нејзина основна вредност треба да е отчетноста и транспарентноста. Што се работи таму, што се прави? Одговораат ли некому, што контролираат? За жал јас не гледам како јавност дека таму нешто се прави и дека тие се транспарентни.
Што се случува во Антикорупциската комисија, како ги носат одлуките со кои аминуваат вработувања пред избори иако законот експлицитно забранува, ќе остане енигма се додека комисијата не се одважи да одговори на емаил пораките на Нова, но и на многу други заинтересирани новинари. Во меѓувреме неконтролирано течат огласи за вработувања на локално и централно ниво , најави за проекти, јавни набавки и други промотовини активности кои со законот се експлицитно забранети по денот на распишувањето на изборите.
Извор: Нова ТВ