11.02.2013 Изборните пари и натаму кријат нозе
Ограничување на донациите, рокови за затворање изборни сметки, укинување трети донатори, се барањата на експертите за поголем ред во изборното финансирање
Можноста фирмите да донираат по пет проценти од вкупниот приход остварен во минатата година, правото изборните сметки да останат отворени с` до завршувањето на трансакциите и можноста за донации од трети лица и натаму остануваат најспорните прашања, врзани за финансирањето на политичките парии во изборните кампањи.
Ова го потенцираат антикорупционерите и експертите за изборни процеси предупредувајќи на последиците од ваквото однесување во пресрет на локалните избори.
Спорните решенија останаа во Изборниот законик и покрај многуте експертски барања тие да се сменат бидејќи сега не гарантираат ред во често сомнителните финансиски трансакции на партиите.
Фиксни износи
Еден од недостатоците, според експертите, е одредбата што им дозволува на правните лица да донираат до 5 отсто од приходот што го оствариле претходната година.
– Оваа одредба ги става во нееднаква позиција и донаторите и политичките партии зашто хипотетички е можно донатор да финансира цела кампања на одредена политичка партија или на повеќе партии, а во најлош случај на сите учесници во изборниот процес – наведува Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација „Мост“.
Тој наведува дека во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за изборите во 2011 г. е препорачано лимитот за донации од правни лица да биде изразен во апсолутен износ, односно да се врати старата одредба, која беше во сила до измените на Изборниот законик во 2011 г.
Сметки и донатори
Со ова се согласува и Мирјана Димовска, член на Државната антикорупциска комисија, која изготви цела анализа на спорни одредби што би требало да бидат променети за да се воведе ред во финансирањето на партиите.
– Вкупниот приход не може да биде предмет на оптоварување. Kако Kомисија, на пример, ние не можеме да бараме на увид завршна сметка од некоја фирма за да видиме колкав вкупен приход таа имала за да пресметаме дали донирала баш пет проценти. Завршни сметки, според законот, може да побараат само УЈП или Државниот завод за ревизија. Потребно е да се врати старото решение, според кое, донациите ќе се даваат во фиксен износ – потенцира Димовска.
За Димовска, особено е спорно што посебните наменски сметки, кои во текот на изборите ги отвораат париите, и натаму може да остануваат отворени и по завршувањето на изборите.
– Тоа значи дека на сметката долго по завршувањето на изборите може да пристигнуваат средства. Одредбата предвидува тоа да трае „с` до завршувањето на трансакциите“, што е сосема неодредено и може да значи долго, долго време. Kако тогаш да се добие целосен увид во исправноста на финансирањето? Може ли тогаш финансискиот извештај, кој во рок од еден месец по изборите треба да го поднесе партијата, да се прифати како веродостоен и исправен? – прашува таа, додавајќи дека во претходното законско решение постоел строго определен рок за затворање на оваа сметка.
И Слаѓана Тасева, поранешна претседателка на антикорупциската комисија, смета дека не се вградени сите потребни препораки.
– Нема гаранции дека ќе се врши целосна контрола врз основа на такви решенија – наведува таа.
На антикорупционерите им е спорно и тоа што законот с` уште дозволува донациите да бидат давани од трети лица. На тој начин се остава можност донацијата да не биде личен чин за кој ќе се знае кој го презел, односно се создава можност за ситуации во кои не се знае во какви, можеби и потенцијално коруптивни, односи стапуваат париите и донаторите што настапуваат како трети лица. Промени се потребни и во однос на обрасците што ги пополнуваат партиите кога ги пријавуваат фактите за своето финансиско работење.
Што покажаа партиските извештаи
По изборите во 2011 година, извештаите на партиите покажаа дека највисок извор на донации имала ВМРО-ДПМНЕ – 67.634 милиони денари, од кои 31,78 милиони денари се од физички лица, а 35.854 милиони денари од правни лица. Kарактеристично е тоа што 75 отсто од донациите од физички лица се уплатени во само пет дена пред крајот на изборната кампања, а од 29 донатори, кои се правни лица, 28 биле медиуми.
Највпечатлив во финансискиот извештај на оваа партија беше фактот дека таа потрошила многу повеќе пари отколку што има приходи. Во текот на кампањата партијата потрошила 272.334.493 денари, а прикажала приход од 67.942.000 денари, што значи дека останала должна 204.402.493 денари за кои нема прикажано извори на финансирање.
Најспорен момент кај опозиционата СДСМ, пак, беше договорот за револвинг-кредит, што оваа партија го склучи со Kомерцијална банка АД Скопје во износ од 1,5 милион евра, од кои во кампањата повлекла 650 илјади евра. Основна забелешка на ДKСK беше тоа што кредитот како извор на финансирање на изборната кампања воопшто не е спомнат во Изборниот законик каде што во членот 83 став 2 како извори на финансирање на кампањата се наведени само членарината и донациите од правни и од физички лица ниту, пак, во Законот за финансирање на политичките партии.
Извор Дневник