Покани биле испратени до Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупција, но и двете установи одбиле, со уредно образложение дека тоа е поради зголемен обем на активности.
– Овие установи како да заборавија дека имаат општествена одговорност и обврска правилно да ги информираат медиумите и граѓаните, да им се обратат на учесниците во изборниот процес и политичките партии за тоа кои се целите на нивните законски обврски. Нивна надлежност и обврска е да го следат финансирањето на политичките кампања, а од она што до сега го видовме во нивните извештаи, не сме задоволни. Но немаме можност да разговараме со нив и да прашаме зошто има пропусти, дали поради немање технички услови за работа или немање доволно желба за правилно работење – рече Тасева, отворајќи ја дебатата.
Општиот впечаток на учесниците е дека финансирањето на кампањите се движи во корупциски круг во кој се вмешани партиите, институциите и сопствениците на фирми, кои донираат одредени суми пари за по победата на изборите да се здобијат со извесни привилегии од државните тендери.
Јадранка Костова, главен и одговорен уредник на неделникот и дневниот весник „Фокус“, смета дека финансирањето на политички кампањи е тема од исклучително значење, затоа што претставува генератор на државнотворните функции. За Костова реализирањето на предизборните кампања е сива зона, затоа што се случува во неразјаснети околности кои надлежните институции одбиваат да ги расветлат и ги премолчуваат.
– Проблем претставува тоа што иако партиите имаат законска обврска да дадат отчет пред институциите и финансиски извештај за кампањата, сепак од ниеден избирачки циклус досега не може да се дознае кои се финансиери. Главно се тоа бизниси и фирми кои донираат пари, но потоа добиваат привилегии на тендерите. Но во извештаите нема правни лица на финансиери, туку се јавуваат физички лица, стотици членови и симпатизери кои донираат по 60.000 денари – објаснува Костова.
Додава дека донациите на овие физички лица сепак не се доволни да ги покријат трошоците на политичките кампањи кои, вели, се само параван, додека вистинските суми на пари одат преку други канали. Освен тоа, во многу случаи до сега се утврдило дека ни самите донатори не биле свесни дека се нашле на тие списоци наведени како финансиери.
Панелистите го начнаа проблемот и на учеството на медиумите во предизборната маркетинг атмосфера и нивната обврска да им овозможат рамноправност на партиите во рекламниот простор. Проблематично, според дискутантите, е тоа што медиумите кои добиваат најмногу пари од рекламите на Владата која, рекоа, троши милионски суми за оваа намена, се јавуваат како донатори на политичките партии.
Панелистите резимираа дека со финансирањето на кампањите пречесто се случува класична корупција, која институциите ја толерираат. За многуте предизборни скандали институциите избрале глувост и одбиле да одговорат, вклучувајќи ја тука и дупката од 3 милиони денари во финансиската кампања на владејачката ВМРО-ДПМНЕ од предвремените парламентарни избори во 2011 година. За експертите ваквиот однос покажува дека во финансиските извештаи владејачките партии можат да напишат што сакаат, а потоа тоа да биде проголтано од институциите.