05.03.2013 Дури 39 проценти од студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ имале искуство со поткуп во форма на купување книга од професорот, со цел да се добие поголема оценка, а најголем дел од нив не пријавуваат корупција бидејќи сметаат дека нема да променат ништо, покажува истражувањето на „Младинскиот образовен форум“.
Регионалното истражување во кое се вклучени најголемите високообразовни установи во Македонија, Србија, Хрватска, Молдавија и Бугарија, открива дека на УКИМ, најмалку 30 проценти од испитаните студенти биле директно изложени на непотизам.
„Формите на непотизам за кои зборуваме се кога професори го користат своето влијание во процесот на уписи, студенти користат познанства за упис, професорот дава повисока оценка на основа на познанство и студент користи познанства за да добие повисока оцена или да положи испит“, истакна Петар Димитров од МОФ.
Иако студентите постојано околу себе забележуваат коруптивни појави, тие ретко се подготвени да ги пријават. Според истражувањето, 66% од испитаниците одговориле дека би го пријавиле професорот кој прима поткуп но само доколку пријавувањето е анонимно, додека само 26.8% би ја пријавиле ваквата постапка ако од нив се бара откривање на идентитетот.
Најчест одговор кај студентите е дека не пријавуваат корупција, зашто не веруваат дека би промениле нешто, додека 28% од вкупните испитаници, се плашат од одмазда.
„Речиси 84% од студентите одговориле дека не би го пријавиле колегата/колешката која мами на испит. За компарација студентите од Загреб покажуваат поголема „солидарност“ со колегите односно 92%, не би пријавиле ваков настан“, истакна Мартин Алексоски од МОФ.
Регионалното истражување на тема: Перцепција за корупција во Високото образование е спроведено во рамките на Антикорупциската студентска мрежа во Југоисточна Европа (ACSN-SEE).
Истражувањето во Македонија е спроведено на случаен примерок од 721 испитаник, од шест факултети (Машински фаултет, Факултет за електротехника и информациски технологии, Правен факултет, Економски, Филозофски и Филолошки факултет) на УКИМ, во текот на септември- ноември 2012 година. Истражувањето на ниво на мрежата на ACSN – SEE е спроведено на 615 испитаници во Загреб, два државни Универзитети во Молдавија на 825 испитаници, на Универзитетот во Белград со 827 испитаници и Универзитетот во Пловдив со 475.
Извор Радио МОФ