Како што објаснуваат од Комисијата, проверка на имотната состојба се врши и во рамки на конкретни предмети каде што има сомнеж за корупција, а во кои се посочуваат одделни судии од сите судски инстанции. Секој судија има законска обврска да пријави промена на имотната состојба во рок од 30 дена од настанатата промена. Секоја промена е проверена со добивање податоци од сите надлежни институции каде што се водат статистики за имотот и имотната состојба. Доколку има несовпаѓање на пријавената со фактичката состојба, тоа е сигнал дека треба да се вклучи Антикорупциската комисија.
Досега, велат од Комисијата, биле поведени повеќе постапки, а проверки на судската фела ќе се спроведуваат и во наредниот период.
Што се однесува до финансиските извештаи на партиите, согласно со одредбите од Изборниот законик, организаторите на изборната кампања се должни да достават до Антикоруциската комисија два периодични и еден вкупен финансиски извештај во законски утврдените рокови.
На локалните избори 2013 година учествувале 121 организатор на изборна кампања.
„До Комисијата се доставени финансиски извештаи од 79 организатори на изборна кампања, што подразбира дека за останатите 42 организатори на изборна кампања ќе се води постапка за порамнување, која доколку не се реализира, ќе следува поведување прекршочна постапка. Исто така, треба да се има предвид дека наведените постапки ќе се водат и против организаторите на изборна кампања кои финансиските извештаи ги доставиле по истекот на законскиот рок“, велат од Државната комисија за спречување корупција за „Утрински весник“.
„Транспаренси интернешенел“ во последниот извештај „Купување влијание: парите и изборите на Балканот“ ги критикуваше балканските земји поради нетранспарентниот однос при објавувањето на финансиските средства што ги трошат партиите во изборните кампањи. Според меѓународната организација, партиите се’ уште ги прикриваат парите потрошени за избори, финансиските извештаи често не се веродостојни, а не се применуваат ниту санкциите за оние што ги прекршуваат законите и мерките што треба да се преземат за да се спречи злоупотреба во финансирањето на изборната кампања.
Извор : Утрински весник