17.09.2013 Здружението Transparency International – Macedonia Ве информира дека до Собранието на Република Македонија побаравме информација од јавен карактер во врска со исполнетоста на формалните услови за избор на член на Државната комисија за спречување на корупцијата, од страна на госпоѓата Љубинка Корабовска, член од составот избран на 06.04.2011 година.
Поради нецелосна информација во одговорот по Барањето поведовме жалбена постапка пред Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Комисијата на 12.07.2013 година (број 07-27) го врати предметот до имателот на информации (Собранието на Република Македонија) на повторно постапување со конкретна насока дека бараната информација е од јавен карактер.
Сите рокови за постапување до страна на Собранието на Република Македонија се изминати, но се уште не е доставен одговор ниту до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, ниту до барателот на информацијата од јавен карактер здружението Transparency International – Macedonia.
Транспарентноста на носечките институции на власта помеѓу кои е Собранието на Република Македонија и интегритетот на Државната комисија за спречување на корупцијата се предуслов борбата против корупцијата во Република Македонија да оди во насока и да даде вистински резултати.
Во прилог ви доствуваме Отворено писмо со кое се обраќаме до Претседателот на Собранието на Република Македонија, испратеното Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер и добиеното Решение на Комисијата за слободен пристап на информации од јавен карактер.