Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернејшнал Македонија вели дека законот треба да почне да се применува веднаш по донесувањето, а не по две години како што планира владата. Според неа, законот ќе обезбеди механизми за заштита на оние граѓани кои ќе пријават корупција.
„Тој закон треба да обезбеди механизми за заштита на граѓаните коишто ќе се охрабрат да пријават корупција, тие механизми мора да бидат ефикасни и ефективни. Точно е дека ние имаме проблем со имплементирање на законите, но мислам дека тој проблем е веќе согледан од страна на сите меѓународни организации и сите ни укажуваат на тоа, да, вие имате добри закони, но тие закони не ги имплементирате и токму затоа имаме ваква состојба со корупцијата“, вели Тасева.
Според Тасева, доколку граѓаните бидат заштитени со закон ќе се дознае со какви проблеми се соочуваат и каде најмногу се случува корупцијата, при што ќе може да се реагира и да бидат казнети причинителите.
„Индиректните или посредните активности кои се случуваат околу коруптивните зделки, најчесто можат да ги видат голем број на луѓе, а исто така постојат и граѓани кои што секојдневно се жртви на корупција. Таквите состојби, доколку би биле познати, доколку навистина знаеме со какви проблеми се соочуваат граѓаните и каде навистина најмногу се случува корупцијата, ќе можеме и да реагираме, ќе бидат казнети оние кои се корумпирани“, вели таа.
Министерството за правда требаше предлог законот да го изготви до 1 декември. Во последниот извештај на Транспаренси Интернејшнал, Македонија се најде на 69 место од 149 според Индексот на перцепција на корупцијата.
Извор: Радио Слободна Европа