10.04.2014 Трошењето на повеќе пари од што се има на сметка, на некои од претседателските кандидат за време на кампањата не е незаконско, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнл. Но, вистинскиот проблем е дали долговите што ќе се направат за време на кампањата, потоа ќе се вратат и како ќе се направи тоа. Според Тасева, токму во ова лежи можноста за корупција во политиката.„Значи тука е проблемот. Ако не се покријат овие трошоци, прашање е како ќе се оддолжи партијата. Најчесто, знаеме дека финансирањето на политиката се прави со очекување на тие кои што се поддржуваат ќе добијат, па утре ќе се добијат одредени поволности. Тука навлегуваме во сферата на политичката корупција“, изјави Слаѓана Тасева, Транспаренси интернешнл.
Според Тасева, законски мерки за казнување на прекршувањето на финансирањето и трошењето од политичките партии постои, но казните не се применуваат. Најсвеж пример за тоа е немањето информација дали и како владеачката ВМРО – ДПМНЕ долгот од 3 милиони евра од минатите парламентарни избори го врати. Нетранспарентната постапка ги остава отворените прашања дали долговите биле отпишани, а за возврат се добиени одредени привилегии за донаторите или можеби се отпишани под притисок од позиција на власт.
КАНДИДАТ ПРИХОДИ РАСХОДИ РАЗЛИКА
ЃОРГЕ ИВАНОВ 233.764 € 508.973 € – 275.209 €
ИЛЈАЗ ХАЛИМИ 0 € 0 € 0 €
СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ 100.150 € 92.545 € 7.604 €
ЗОРАН ПОПОВСКИ 8.169 € 8.169 € 0 €



