„Главната цел на проектот е да им се помогне на нашите медиуми да можат да играат многу поконструктивна и поодговорна улога во развојот на демократијата“ – изјави Слаѓана Тасева, претседател на ТИ-М. „Нашата намера е да им понудиме на медиумите меѓународно искуство што би им помогнало да ги усвојат практиките на непартиско и објективно известување, преку серија на специфични, целни обуки. Воедно се надеваме дека нашиот мониторинг ќе помогне да се иницира дебата за професионалните стандарди“, додаде Тасева.
media_monitorinfg_tv__radio_channels 1.52 Mb
media_monitoring_print_media 1.22 Mb
Набљудувањето на медиумите на ТИ-М беше спроведено од 17 март до 13 април, при што се користеа методи на квантитативна и квалитативна анализа за содржините на седум телевизиски канали (МРТ-1, МРТ-2, Сител, Канал 5, Алсат-М, Телма и 24 Вести), на две радио станици (Македонско Радио 1 и на Канал 77), на четири печатени медиуми (Дневник, Слободен Печат, Република и Фокус) како и на еден онлајн медиум (НОВА ТВ).
Со помош на квантитативната анализа се идентификуваа нумеричките индикатори кои можат да бидат пресметани и анализирани, како што се вкупно одвоеното време од содржината, но исто така и тонот (позитивен, неутрален или негативен), со кој е извршено покривањето на кампањата. Квалитативната анализа ги опфаќа капацитетите на медиумите од аспект на професионалните и етичките стандарди.
Крајната цел на проектот е да се обезбеди поддршка на медиумите преку обуки, менторирање и лобирање за да промовира нивната посветеност кон најдобрите меѓународни практики, како и кон слободата на изразување и независноста на медиумите. Специфичните проблеми кои беа идентификувани преку мониторирањето на медиумите, ќе помогнат во наредните фази на проектот за да се обезбедат специфични и целни обуки за претставниците од секој медиум посебно. Организациите што го спроведуваат проектот за околу две недели ќе ги соопштат целосните резултати од мониторирањето, вклучувајќи и препораки за потенцијално надминување на одредени слабости.
Проектот “Поддршка на независните медиуми во РМ: Застапување и обуки за промовирање и почитување на најдобрите меѓународни практики” финасиран од Европскиот инструмент за демократија и човекови права (EIDHR). За содржината на ова сопштение се одговорни Electoral Reform International Services (ЕРИС), Transparency International – Macedonia (ТИ-М), Memo 98, и во никој случај не може да се смета како став на Европската Унија.