Вработените во органите на општините и во јавните претпријатија не го познаваат законот, не прават разлика меѓу партијата и државата, со што самите се изложени на закана од високи затворски казни
29.04.2014 Транспаресни Интернешнл – Македонија (ТИ-М) презеде серија на мониторинг активности за време на одржувањето на изборната кампања на претседателските и предвремените парламентарни избори во Република Македонија, при што во неколку случаи се констатирани низа нерегуларности. Дејствијата на прекршување на законот се манифестирани во вид на плаќање на трошоци наменети за финансирање на изборната кампања во готовина и од страна на неовластен орган, со што повеќекратно е прекршен член 71 став 9 од Изборниот законик, а остварени се и елементите на повеќе кривични дела од Кривичниот законик како што се „Злоупотреба на службена положба и овластување„ член 353 став 2, „Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања член 165 -а од Кривичен законик и други). Елементи на ова кривично дело се со користење на недозволени средства за изборната кампања, со исплати спротивни на кампањата за финансирање на кампањата или на друг начин.
slucaj_-_jkp_komunalec_prilep 217.99 Kb
slucaj_-_opshtina_studenichani 239.44 Kb
Доколку се вистинити овие дејствија претставуваат класична повреда на законот како од страна на лицата одговорни за спроведување на изборната кампања, така и од одговорните од Општините и јавните претпријатија кои ги спровеле незаконските дејствија со што учествувале во злоупотреба во партиски цели.
При проверката на наводите од изјавите со користење на барање за пристап до официјални информации утврдивме дека наведените незаконитости навистина се случиле, сметки се плаќани од неовластени извори и од општинските буџети.
Она што посебно сакаме да го нагласиме е фактот дека одговорните од јавните претпријатија кои ни ги доставија бараните информации, воопшто не беа свесни дека со преземените дејствија е прекршен некој од законите, како ни за фактот дека одговорните лица од Општините можат да бидат повикани на одговорност и казнети со казни од најмалку пет години. Тие дури со гордост во одговорите на нашите барања напишаа дека до крај ја спровеле бараната обврска, а некои во прилог на дописот ни го испратија и барањето односно „ наредбата од партијата„ која тие ја спровеле.
ТИ Македонија за овие случаи ќе ги извести надлежните државни органи и ќе побара преземање на мерки во рамки на нивните надлежности.
Како илустрација, сакаме да истакнеме неколку примери и сознанија до кои дојде ТИ-Македонија во текот на постапување:
Незаконско плаќање на трошоци за кампања 2014
Јавно комунално претпријатие Прилеп
1. На митингот одржан во 28.03.2014 беше посочено дека во Прилеп на ден 27.03.2014 и 28.03.2014 година, работници на ЈКП “Комуналец” од Прилеп биле ангажирани за извршување на подготовки за митинг на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија. ТИ-Македонија презема активности за проверка на овие наводи и на 14.04.2014 поднесе Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до Јавното претпријатие Комуналец од Прилеп.
2. Од содржината на одговорот, кој што го достави ЈКП “Комуналец” од Прилеп на 23.04.2014, може да се утврди дека е сторена повреда на чл.71 од Изборниот законик кој гласи:
(1) Заради прибирање на средства за финансирање на изборната кампања, политичката партија, коалиција, носителот на независна листа од група избирачи односно лица кои имаат намера да се кандидираат, пред надлежниот орган адолжително обезбедуваат ЕДБ со назнака „за изборна кампања" и кај носител на платен про-мет во Република Македонија отвораат трансакциона сметка со назнака „за изборна кампања" и истите немо-же да се користат за друга намена.
(2) Сите средства наменети за финансирање на изборната кампања се уплатуваат на трансакционата сметкаод ставот (1) на овој член и сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средствата на таа сметка.
3. Во конкретниот случај за ангажирањето на работниците на ЈКП “Комуналец” од Прилеп, јавното претпријатие изготвило фактура бр.216 од 04.04.2014 година, насловена на ОК на ВМРО ДПМНЕ од Прилеп, по која е извршено плаќање во готово за што е издадена на каса-прими бр.937/2014 од ЈКП Комуналец од Прилеп кон ОК на ВМРО ДПМНЕ Прилеп.
4. Плаќањето реализирано на овој начин не е прикажано ниту во еден од извештаите доставени до Државниот завод за ревизија од лицето одговорно за изборната кампања.
5. Со ова сторени се две дејствија спротивни на Изборниот законик: а) Извршено е незаконско плаќање во готовина и б) утврдено е дека не сите средства кои се користени за плаќање на трошоците во кампања се исплатени од единствената трансакциска сметка како што тоа го налага членот 71 од Изборниот Законик.
6. За вака сторената повреда на законот, ТИ – Македонија ќе достави Информација до Државната Комисија за Спречување на Корупцијата, до Државната изборна комисија како и до Државниот завод за ревизија од кого ќе побара да се преземе конкретни активности против прекршителите на Законот.
7. Исто така ТИ – Македонија против одговорното лице ќе поднесе и Кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Скопје со цел да преземе мерки согласно своите законски надлежности.
8. ТИ-Македонија ја проследи информацијата објавена на едем од митинзите во Албанскиот политички блок за тоа дека г-дин Артан Груби им пишувал пораки по електронска пошта на градоначалниците на општините од Полошкиот регион со барање да плаќаат сметки и трошоците за потребите на партиската изборна кампања.
9. Текстот на пораката преведена од албански јазик гласи „Во прилог ти праќам2 фактури и те молам ако може општината да ги покрива. Секоја општина ни помагала со ист износ, обезбедувајќи големи знамиња, компјутер, големи телевизори за прес конференција, говорници, микрофони, миксета и др.„
Прилог кон пораката се и две фактури за фирмата Дуна Компјутери од Скопје и СИНС Системи ДООЕЛ Скопје.
10. Бидејќи и во овој случај се работи за информации кои укажуваат на повреда на Изборниот Закони, а заради добивање на дополнителни информации се обративме со Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до општина Студеничани и до општина Желино.
11. Од општините баравме да не информираат за тоа дали овие имаат склучено договори за јавни набавки со правните лица кои ги имаат издадено фактурите за набавените артикли ,а кои до нив ги има пратено лицето Артан Груби како член на политичка партија и дали од нивна страна се извршени плаќања по овие фактури.
12. Од страна на општина Студеничани, добивме одговор со кој не информираат дека оваа општина има извршено плаќања по двете фактури. Исто така во прилог на писмото општината ни ја достави и е-маил пораката со која „добиле наредба„ да ги овие две фактури и барал од нив да бидат платени бидејќи сите општини им помагале па останала уште оваа општина и општина Брвеница.
13. Во прилог на одговорот општина Студеничани достави и извод на промет и состојба на сметка од која јасно се гледа дека двете фактури се платени на ден 13.02.2013 година, од која се гледа дека се плаќани и други услуги за изборната кампања, а сметката е оставена со салдо „0„.
14. Врз основа на одговорот добиен од општина Студеничани може со сигурност да се констатира дека се работи за повреда на одредбите од изборниот законик, каде јасно стои дека изборен процес е времето од донесувањето на актот за распишување на изборите до објавувањето на конечните резултати од одржаните избори, на ниво на општина, градот Скопје, односно изборната единица каде што се врши изборот (чл.2 т.21), а решението за распишување на локалните избори е објавено во Службен Весник на РМ бр.7 од 11.01.2013 година.
15. Во законот е наведено дека од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје не може да се располага со буџетски средства на Република Македонија, средства на буџетите на општините и градот Скопје, од јавни фондови и средства на јавни претпријатија и јавни установи или правни лица кои располагаат со државен капитал (чл.8-а).
16. Во Изборниот законик исто така стои дека изборната кампања не смее да се финансира од средства од буџетите на општините и градот Скопје (чл.83 ).
17. Врз основа на оваа констатирана состојба во тек е подготовка на информации до ДИК, ДЗР и ДКСК, како надлежни органи за постапување, од кои бараме оваа информација да биде проверена од нивна страна и да бидат превземени соодветни мерки.
18. Исто така до ДЗР ќе биде упатено барање општините Студеничани и други од полошкиот регион да бидат вклучени во програмата за ревизија во 2014 година.
19. До ОЈО ќе биде поднесена кривична пријава против организаторот на изборната кампања за политичката партија ДУИ за локалните избори 2013 година. Доставено известување до Основното Јавно обвинителство во Скопје
20. ТИ-Македонија согласно одредбите на Законот за кривична постапка (член 273 став 3) постапи согласно истите и го информираше Основното јавно обвинителство Скопје за постоење на сомнежи за сторено кривично дело кое се гони по службена должност, во врска со прес конференцијата на ДПА на 19.03.2014 каде беше презентирана изјавата на претприемач која укажува на постоење на злоупотреба на службената положба и овластување на функционери во министерството за економија кои се од редовите на ДУИ.
21. ТИ – Македонија презеде и мерки за проверка на користењето на медицинско возило со регистарски таблички PP-185-BU сопственост на ЈЗУ Општа болница “Борка Талески” од Прилеп, кое било ставено во партиска употреба со истакнување на партиско знаме.
22. По Барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер упатено до ЈЗУ Општа болница Борка Талески од Прилеп, се уште немаме добиено одговор.
Врз основа на добиените наоди ТИ-Македонија констатираше дека во случајот ЈПК “Комуналец ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп извршил незаконито плаќање во готовина што е спротивно со член 71 став 9 од Изборниот законик. Ова плаќање не е пријавено ниту во еден од двата извештаи поднесени од одговорниот за финансирање на изборната кампања во ВМРО ДПМНЕ до Државниот завод за ревизија.
Во случајот на Општина Студеничани се потврдуваат изјавите дека партиските наредби за исплаќање на средства наменети за нивни цели е пракса која долгорочно се применува.
За овој начин на водење на изборната кампања на претседателските и предвремените парламентари избори во која на нетранспарентен и незаконит начин се трошат средства за кампањите на политичките партии укажува на фактот дека Р. Македонија се уште нема поставено цврсти механизми на заштита и следење на ваков вид злоупотреби. На овој начин само се доведува во прашање развојот на демократскиот систем во државата бидејќи се поставуваат низа прашања на кои треба да се добие одговор од институциите особено на кој начин Државниот завод за ревизија ќе ги следи средствата кои се плаќаат во готовина од страна на политичките партии, дали Државната изборна комисија и Државната комисија за спречување на корупција ќе постапуваат по укажаните наводи од страна на граѓанските организации и дали воопшто некој ќе сноси одговорност за сите овие нерегуларности. Но исто така, не помалку значаен фактот дека ова се само неколку случаи кои ТИ- Македонија ги следи и постапува по истите, но дали и колку често овие практики политичките партии ги користат остава големи сомнежи.
Поради овие причини, ТИ-М смета дека медиумите и пошироката јавност треба да бидат информирани за сите нерегуларности во текот на изборите и при тоа ја користиме оваа можност да апелираме до сите оние храбри граѓани, да продолжат и понатаму да пријавуваат случаи на корупција бидејќи само на тој начин ќе успееме да обезбедиме подобра иднина за сите граѓани на Р. Македонија.
Проф. Д-р Слаѓана Тасева
Претседател
Транспаренси Интернешнл- Македонија
Организатор на изборната кампања кој со непријавување на изворот на финансии на изборната кампања, со спречување на надзорот над трошењето на планираните средства, со неподнесување на финансиски извештај за потрошените средства, со пречекорување на законските ограничувања на средствата дозволени за изборна кампања, со користење на недозволени средства за изборната кампања, со исплати спротивни на кампањата за финансирање на кампањата или на друг начин го злоупотреби своето со закон определено овластување како организатор на кампањата, ќе се казни со затвор од најмалку пет години."
Службен весник на РМ, бр. 114 од 14.09.2009 година:
Член 37
Во членот 165-а став (1) пред зборот „Организатор “ се додава бројот “(1)“.
По ставот (1) се додаваат четири нови става (2), (3), (4) и (5), кои гласат:
„(2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни одговорно лице во правно лице кое со непријавување на донации и други средства за финансирање на изборна кампања, со спречување на надзорот над финансирањето или помагањето на друг начин на изборна кампања, со неподнесување на финансиски извештај или со давање на лажни или непотполни податоци за дадени донации и други средства, со пречекорување на законските ограничувања на средства дозволени за изборна кампања, со обезбедување на недозволени средства за изборна кампања, со исплати спротивни на намената за финансирање на кампањата или на друг начин го злоупотреби своето овластување определено со закон.
(3) Тој што спротивно на ограничувањата определени со закон тајно ќе донира за туѓа изборна кампања или кампања за избори во кои самиот учествува со износ кој во поголема вредност го надминува законскиот максимум, ќе се казни со парична казна или затвор до три години.
(4) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.
(5) Незаконски обезбедените средства се конфискуваат.“
Член 38
По членот 165-а се додава нов наслов и нов член 165-б, кои гласат:
„Задолжително изрекување на казната забрана за вршење на професија, дејност или должност
Член 165-б
За кривичните дела од членовите 158 до 165-а на овој законик судот ќе му изрече на сторителот забрана за вршење на професија, дејност или должност под условите од членот 38-б од овој законик.“