Транспаресни Интернешнeл – Македонија во неколку наврати укажа дека постои неопходна потреба од нормативна заштита на пријавувачите на корупција со цел граѓаните да се охрабрат и да придонесат кон осветлување на коруптивни практики, кои треба да бидат забележани и документирани за во иднина да бидат елиминирани. Владата Нацрт предлогот на Закон за измени и дополнувања на Законот за спречување на корупција го објави на 31.12.2013 година.
Претходно Транспаренси Интернешнел-Македонија објави:
1. Нацрт текстот за Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупција, со кој покрај другото, се воведува и систем на заштита на whistleblowers т.н. свиркачи или пријавувачи на корупција, има длабоки недостатоци кои треба да бидат целосно преиспитани.
2. Нацртот не кажува ништо за околностите во кои whistleblowers оправдано директно би се обратиле во јавноста или би направиле јавно објавување на друг начин, како и надминување на било кои договорни обврски на доверливост кои се утврдени со Препораките на Советот на Европа.
3. Секако не помалку значајни се прашањата кои се однесуваат на доверливоста на пријавувачите и заштитата на нивните семејствата кои не се прецизно утврдени односно постои потреба од појаснување на одредени околности.
Анализа на случајот Македонска Банка
Јавно објавување
1. Случајот со Македонска Банка може да се искористи како доказ дека предлог законот не е доволно добро и внимателно креиран и на истиот му недостигаат низа елементи. Како пример може да се посочи фактот што нацртот не кажува ништо за околностите во кои whistleblowers т.е. пријавувачите на корупција, во конкретниот случај господинот Заев, оправдано директно би се обратиле до јавноста или би направиле јавно објавување на друг начин.
2. Ова пак укажува на фактот дека законската регулатива не е усогласена со меѓународното право и не е аналогна на најдобрите меѓународно практики, бидејќи за чинот на пријавување во медиуми се има произнесено и самиот ЕКЧП кој даде до знаење дека секогаш постојат случаи каде што истото е оправдано, а некогаш дури и неопходно.
Можност за пријавување до повеќе субјекти
3. Но, од друга страна Министерството за правда во Предлогот за закон не само што не ја споменува опцијата за пријавување во медиумите, туку како единствена платформа за пријавување ја наведува ДКСК, што целосно се коси со Конвенцијата која зборува за пристапИ, т.е. множина, кога е во прашање како може да се пријави било каков факт кој е поврзан со кривичните дела кои се воспоставени во склоп на Конвенцијата.
Ослободување од одговорност/имунитет
4. Предлог законот, за разлика од меѓународните практики, не го вклучува во себе ниту елементот на ‘waiver of liability’, што значи дека пријавувачот кој пријавил случај на корупција во рамките на whistleblower легислативата треба да биде имун на одговорност пред кривичното, граѓанското или административното право, вклучувајќи го и Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
5. Истиот сентимент произлегува и од Членот 33 на Конвенцијата на ООН за борба против корупцијата (UNCAC) која бара државите членки да обезбедат заштита против секое неоправдано постапување со лице кое ги информирало надлежните органи, со најдобра намера и врз основа на разумни сомневања, за секој факт што се однесува на делата утврдени во согласност со оваа Конвенција.
6. Терминот разумно сомневање кој е од огромно значење за Членот 33 е доволно јасен термин за чија централна т.е. основна поента постои општа согласност во стручната јавност, а тоа е дека доколку пријавувачот има разумна основа за сомневање дека е сторено дело на корупција, тој треба да биде заштитен, дури и тогаш кога неговите сомневања се погрешни. Всушност членот 33 е направен за да се охрабрат пријавувања на индиции за корупција за кои пријавувачот можеби не поседува цврсти докази.
Заштита на пријавувачот и неговото семејство
7. Не помалку значајни се и прашањата кои се однесуваат на доверливоста на пријавувачите и заштитата на нивните семејства кои не се прецизно утврдени и како такви се речиси бескорисни и претставуваат само законски графити. Предлог- законот воведува рестрикции во оваа сфера на начин што евентуалната заштита би била можна единствено доколку случајот се пријави во ДКСК, што дополнително ќе ја ограничи или целосно ќе ја оневозможи заштитата на пријавувачите.
Врз основа на анализата на Нацртот на предлог Законот за измени и дополнувања на Законот за спречување на корупција ТИ – Македонија констатираше дека:
• Постои потреба од отворање на широка јавна дискусија во која сите заинтересирани страни ќе дадат свој придонес во насока изнаоѓање на соодветни законски решенија и детално разработување на системот на пријавување, а особено на заштита на пријавувачите.
• Мобилизирањето на граѓанскиот сектор и користењето на меѓународните практики и искуства и нивниот придонес во процесот на креирање политики е неопходен предуслов за изготвување на ефикасен и ефективен систем на пријавување.
Во Нацртот воочливо е дека ДКСК добива зголемена и ексклузивна надлежност, како единствена институција до која можат да се поднесуваат пријави. Ова од една страна ги отвора прашањата за легитимноста, како и тоа што со другите институции и органи до кои на основа на други закони граѓаните доставуваат пријави, (како што е Министерството за внатрешни работи и Народниот правобранител) или како ќе се постапува во случаи на пријава за незаконитости во работењето на ДКСК.
Поради тие причини сметаме дека предложениот текст треба да биде повлечен од натамошна постапка се додека во соодветна, партиципативна постапка заснована на анализа на најдобри практики, не се обезбеди текстот кој во себе ќе ги инкорпорира како меѓународните стандарди така и добрите практики кои во целост ќе можат да бидат вградени во правниот систем во Република Македонија на начин што ќе ги обезбеди основните (минимум) принципи и систем на заштита на пријавувачите („укажувачите”). Целиот текст со забелешките и коментарите кој е испратен до Министерството за правда на 05.02.2014 можете да го преземете во PDF формат на следниот линк http://bit.ly/1kNnMGv .
Проф. Д-р Слаѓана Тасева
Претседател
Транспаренси Интернешнел- Македонија