29.10.2014 „Зајакнување на системот за национален интегритет и следење на развојот во анти-корупциските напори“ е новиот проект на Транспаренси Интернешнл – Македонија (ТИМ) кој денеска беше официјално претставен во Скопје во Делегацијата на Европската Унија(ЕУД).
Проектот е регионален и ќе го водат националните ограноци на Транспаренси Интернешнл во Западен Балкан и Турција, во соработка со централата на ТИ во Берлин, а е поддржан од Европската Унија. Тој има за цел да го процени интегритетот на институциите и други чинители во 15 области, по што ќе следат препораки за подобрување на состојбите во секоја област одделно.
Претседателката на ТИ-М д-р. Слаѓана Тасева, презентирајќи го проектот, истакна дека тој треба да ги открие и силните и слабите точки во целиот систем, по што извештајот со препораки треба да има употребна вредност.
Поздравно обраќање имаше амбасадорот на ЕУ во Македонија и шеф на ЕУД, н.е. Аиво Орав, кој изрази задоволство што се спроведува ваков проект.
„Во изминатите неколку години ние започнавме значителен број на регионални и локални ЕУ проекти со фокус на анти-корупцијата…Тоа значи само едно – дека корупцијата останува сериозен проблем за вашата земја и за регионот, а ЕУ ви пружа рака за помош со цел да се реши проблемот“, потенцираше амбасадорот Орав.
Тој додаде дека истражувачката методологија на Транспаренси Интернешнл е веќе успешно проверена во ЕУ, како и тоа дека слични истражувачки методи беа спроведени пред неколку години со цел да се евалуираат системите за национален интегритети на земјите членки.
Со проектот на ТИ, ТИМ ќе ги истражува капацитетите и функционирањето на чинителите во следните сфери во општеството: Законодавната власт, Извршната власт, Судство, Јавно Обвинителство, Јавниот сектор, Органи за спроведување на законот, Државната изборна комисија, Народниот правобранител Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата, Политичките партии, Медиуми, Граѓанското општество, Приватниот сектор и претпријатија во сопственост на државата.
При проценката се истражува законодавната рамка на секоја институција, како и актуелната институционалната практика, потенцирајќи разлики помеѓу формалните одредби и реалноста на терен.Проектот ќе трае три години.
Proektot e finansiran od Evropskata Unija