Истражувањето не успеа со сигурност да докаже дека еден од загадувачите на амбиентниот воздух во Битола е и РЕК „Битола“. Затоа пак не постојат никакви дилеми дека работењето на фабриката за шеќер „4.Ноември“ и на двете асфалтни бази на „Гранит“ и „Македонија пат“, се причина што воздухот во Битола е меѓу најзагадените во државата.
Многубројните мерења, анализи, мислења на експерти, лекари и други стручни лица и институции, покажуваат дека загадувањето на воздухот во Битола најмногу се должи на моторните возила кои ги немаат потребните стандарди за заштита на животната средина, како и на загревањето на домовите со дрва и јаглен.
Дека битолчани дишат загаден воздух, покрај официјалните податоци од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), потврдува и Пилот-програмата за подобрување на квалитетот на воздухот која Советот на Општина Битола ја донесе кон крајот на 2013 година. И во двата случаја е утврдено дека најкритичната загадувачка супстанција во Битола и поширокиот регион се таканаречените ПМ10 честички.
Од причина што продираат длабоко во респираторниот систем, ПМ10 честичките спаѓаат меѓу најштетните загадувачки супстанци по здравјето на човекот кои Светската здравствена организација ги прогласи за канцерогени и поопасни за здравјето на луѓето и од пасивното пушење. Најчести извори на ПМ10 честичките се индустриските капацитети, електраните, греењето на домовите со дрва и јаглен, издувните системи на возилата, шумските пожари, согорувањето на земјоделскиот отпад, а одредено влијание имаат и климатските и метеоролошките услови.
Мерните станици во Битола не функционираат
Официјалните податоци за квалитетот на амбиентниот воздух во Општина Битола треба да ги дадат двете автоматски мониторинг станици кои се во склоп на државната мониторинг мрежа при МЖСПП.
И покрај тоа што на територијата на Општината постојат индустриски капацитети кои се потенцијални загадувачи на животната средина, мерните станици не ја извршуваат својата функција. Едната од нив, мерната станица „Битола 1“ поставена на периферијата на градот, често испаѓа од системот, додека пак другата, „Битола 2“, лоцирана во централното градско подрачје, скоро цела година воопшто и не работи. Наспроти сите ветувања на МЖСПП дека станиците ќе бидат поправени, до ден денес тоа не е направено.
Мерна станица „Битола 2“
Анализите на измерените податоци за периодот 2007-2011 година покажале дека во текот на една календарска година, концентрациите на ПМ10 честичките во Битола биле над дозволената граница во 180 дена, што е далеку над дозволените 35 денови во текот на една година.
Во летните месеци од минатата година мерните станици регистрирале концентрации на ПМ10 честичките 18-20 пати над дозволените количини. За разлика од максимално дозволените 50 микрограми на м³, биле измерени вредности од 1.000 микрограми на м³.
Во тековната 2014 год. рекорден број на пречекорувања на концентрациите на ПМ10 честичките биле забележани во јануари, кога граничната вредност за заштита на човековото здравје била пречекорена во 23 денови. (график 1)
„Расипани“ станици и „ненадлежен“ градоначалник
Откако во летниот период од минатата година во неколку последователни денови концентрациите на ПМ10 честичките беа 10, 15 и 20 пати поголеми од дозволените, Општина Битола виновникот го најде во „расипаните“ станици. Според нив, медиумите биле тие кои ја конструирале приказната за загаденоста на воздухот, бидејќи, како што рекоа, најверојатно податоците не биле точни заради неисправност на мерната станица.
Меѓутоа, бидејќи мерната станица ги покажа истите резултати и после нејзиното сервисирање, битолскиот градоначалник Владимир Талески рече дека ова прашање не било во нивна надлежност.
„Локалната самоуправа нема апсолутно никаква ингеренција, ниту има алатки ни механизам за надгледување или сервисирање. Бидејќи гледам дека таа приказна се проширува, би ве упатил до надлежните во Министерството, затоа што немам прецизни релевантни податоци за да излезам со нив во јавност“, изјави тогаш градоначалникот Талески.
Бурна дебата за причините поради кои граѓаните на Битола со денови дишат енормно загаден воздух, се водеше и во Советот на Општина Битола.
На инсистирање на опозицијата градоначалникот да каже кој го загадува воздухот во Битола, Талески рече дека локалната самоуправа немала големи надлежности врз божјите сили!
Загадениот воздух не е единствената причина за белодробниот карцином
Лекарите предупредуваат дека секое изложување на аерозагадување, кај луѓето предизвикува последици по нивното здравје. Од причина што здравствените установи не поседуваат адекватно опремени лаборатории каде со сигурност би ја утврдиле поврзаноста на ПМ10 честичките со ракот на белите дробови, тие ниту ја потврдуваат ниту ја отфрлаат таквата можност.
„Во пораст е процентот на заболени од белодробен карцином, кој воедно е и најголемата причина за смртност од малигните заболувања. Иако може да се каже дека постои одредена корелација со аерозагадувањето, сепак главна причина за овој вид на заболување е пушењето“, вели д-р Рената Раденков, специјалист радиотерапевт-онколог од Клиничката болница во Битола.
Информацијата дека секоја седмица на одделението за онкологија на Клиничката болница во Битола се евидентираат по двајца новозаболени пациенти од рак на белите дробови, звучи застрашувачки.
Податокот е уште попоразителен ако се знае дека на годишно ниво во Македонија од оваа болест заболуваат 43 лица на 100.000 жители, што значи дека бројот на пациенти со белодробен карцином во Битола е за 2,5 пати поголем од просекот на државно ниво.
Во моментов, на одделението за онкологија во битолската Клиничка болница се лекуваат 1.000 пациенти, додека лекарите ја следат состојбата на близу 3.000 лица.
Општина Битола немоќна да се справи со загадувачите
Поделените надлежности помеѓу државата и општините по прашањето на заштитата на животната средина, само го усложнува детектирањето и решавањето на проблемот со потенцијалните загадувачи.
Конкретно, општинските инспектори за животна средина имаат надлежност да вршат контрола на инсталации кои согласно Законот за животна средина треба да поседуваат „Б“ интегрирани еколошки дозволи. Тука спаѓаат млекарници, печатници, бетонски бази, фабрики за шеќер и сл. За разлика од нив, во надлежност на Државниот инспектор за животна средина се инсталациите со „А“ интегрирани дозволи: РЕК „Битола“ и асфалтните бази.
Јулијана Ивановска е овластен инспектор за животна средина во Општина Битола. Таа вели дека за квалитетот на амбиентниот воздух во Битола може да се зборува само доколку постои одреден мониторинг, односно мрежа од мерни станици поставени на соодветни мерни места.
Општина Битола сѐ уште не донела одлука за воспоставување сопствена мониторинг мрежа, ниту пак ги оствари најавите дека ќе ангажира специјализирана агенција која ќе испитува кој го загадува воздухот во Битола. Ивановска потврдува дека мерната станица „Битола 1“ евидентирала драстични покачувања на ПМ10 честичките, но бидејќи станицата е под надлежност на МЖСПП, не ѝ се познати причините за тоа.
„Од анализите на емисии во воздух од инсталациите кои се во моја надлежност, надминување на дозволеното ниво има кај фабриката за шеќер „4.Ноември“. Меѓутоа бидејќи фабриката работи само два пати во годината по месец-два, периодот на нејзиното работење не се совпаѓа со измерените надминувања на ПМ10 честичките во „Битола 1“, вели Ивановска.
Асфалтните бази ја загадуваат Битола, РЕК „Битола“ не?
Зоран Димовски е државен инспектор за животна средина, задолжен за состојбите во Битола. Во негова надлежност се инсталациите кои треба да поседуваат „А“ интегрирани дозволи: РЕК „Битола“ и двете асфалтни бази на „Гранит“ и „Македонија пат“.
„Како резултат на застарената технологија, при загревањето на котлите во асфалтните бази доаѓа до загадување на воздухот, проблем кој може да се надмине само со гасификација на Општина Битола“, констатира Димовски.
Кога е во прашање загадувањето кое го врши РЕК „Битола“, Димовски вели дека од најголемиот енергетски комбинат во државава редовно му ги доставувале резултатите од трите мерни станици кои РЕК „Битола“ ги има поставено во населените места Дедебалци, Гнеотино и Рибарци. Притоа, резултатите покажувале дека не постои загадување на амбиентниот воздух.
Граѓаните на Битола беа непријатно изненадени од одлуката на Владата повторно да го пролонгира рокот за издавање на „А“ интегрираната еколошка дозвола за РЕК „Битола“ до 2017 год. Постапката за издавање на дозволата започна во 2007 год. и таа подразбира приспособување на технолошкиот процес во комбинатот со потребните еколошки стандарди. Последниот рок за кога беше најавено нејзиното издавање, заврши на 01.04.2014 год.
Според Државниот инспектор, ПМ10 честичките кои ги регистрира „Битола 1“, може да потекнуваат од согорување на фосилни горива, градежни работи или од сообраќајот. Со оглед на тоа што таканаречената „ружа на ветрови“ е во правец север југ, Димовски вели дека емисиите на ПМ10 честичките од РЕК „Битола“ не би требало да имаат голем удел во загадувањето на градот.
И од движењето за околината „Молика“ ја отфрлаат можноста дека воздухот во Битола го загадуваат РЕК „Битола“ и грчките термоцентрали кои се наоѓаат на самата граница со нашата држава. Првиот човек на „Молика“ Петар Андонов го дели мислењето на Димовски, дека тоа не е можно заради правецот на движење на „ружата на ветровите“.
Од РЕК „Битола“ се категорични дека редовно го следат квалитетот на воздухот околу комбинатот и дека тој не е извор на загадувањето во Битола. Во тој контекст информираат дека имаат инсталирано електростатски филтри со степен на прочистување од 99,98%.
Прилепчани не знаат каков воздух дишат
Општина Прилеп е меѓу ретките урбани средини во државата во кои не се мери загаденоста на амбиентниот воздух. Ветувањето на локалната власт дека во буџетот за 2014 год. има предвидено средства за набавка на 4 мерни апарати за мерење на аерозагаденоста во градот, не се оствари.
Во Општината велат дека имале спроведено постапка за избор на фирма која ќе врши мерење на аерозагаденоста, но добиените понуди биле повисоки од средствата предвидени за таа намена. Од Инспекторатот уверуваат дека редовните контроли во инсталациите кои емитираат издувни гасови во атмосферата, покажале дека сите добиени резултати од извршените мерења биле во рамките на граничните вредности. Според нив, единствените загадувачи на воздухот во градот се издувните гасови на возилата, како и домаќинствата кои се греат на ќумур и дрва.
Подигање на свеста за поздрава животна средина
Народниот правобранител смета дека граѓаните имаат недоволно развиена еколошка свест и дека не се доволно едуцирани за нивните права и обврски во однос на заштитата на животната средина. Омбудсманот апелира до локалните власти за преземање на поактивни и поефикасни мерки, како што се зачестените контролни инспекциски надзори и зголемувањето на капацитетот на одделенијата за заштита на животната средина.
Екологистите сметаат дека измените и дополнувањата на Законот за заштита на животната средина, можат да придонесат за подобрување на актуелната состојба. Тие покренаа иницијатива со која бараат загадувачката индустрија да биде оддалечена најмалку 5 километри од најблиското населено место, во зависност од тоа за каков тип на загадување станува збор. Според зборовите на претседателот на еколошкото друштво „Вила Зора“ Ненад Коциќ, собрани се 10.000 потписи од граѓани од повеќе градови во земјата, кои сѐ уште не се доставени до Собранието на Република Македонија.
„Причина за тоа е што во моментов опозицијата е надвор од парламентот. Не сакаме иницијативата да биде ставена во некаков политички контекст, туку да биде сфатена онака како што е и замислена, како чисто граѓанска иницијатива. Заради тоа, ќе почекаме Собранието да се комплетира и тогаш ќе ја поднесеме до собраниските служби“, вели Коциќ.
Автор: Зоран Милошески
Истражувачката приказна е напишана во рамките на проектот „Поддршка на независни медиуми во РМ: Застапување и обуки за промовирање и почитување на најдобрите меѓународни практики“, поддржан од ЕУ, преку ЕИДХР, а спроведуван од Транспаренси Интернешенл Македонија и Electoral Reform International Services (UK).
Единствена одговорност за содржината на сторијата ја сноси авторот и таа не може да се толкува како како поглед на Европската Унија, ТИМ или на ЕРИС