13.01.2014 Јавното обвинителство ја отфрли кривичната пријава на ТИ-Македонија со прифаќање на факти кои не го исклучуваат туку го засилуваат сомнежот за незаконитост
За време на одржувањето на изборната кампања на претседателските и предвремените парламентарни избори во Република Македонија Транспаресни Интернешнл – Македонија (ТИ-М) презеде серија на активности, со цел расчистување на случајот со Јавно комунално претпријатие Прилеп, односно незаконско плаќање на трошоци за кампања 2014. Осoбeно по доставувањето на бараните информации од страна на јавните претпријатија како и за фактот дека одговорните лица од Општините можеа да бидат повикани на одговорност и казнети со казни од најмалку пет години.
Во конкретниот случај за ангажирањето на работниците на ЈКП “Комуналец” од Прилеп, јавното претпријатие изготвило фактура бр.216 од 04.04.2014 година, насловена на ОК на ВМРО ДПМНЕ од Прилеп, по која е извршено плаќање во готово за што е издадена на каса-прими бр.937/2014 од ЈКП Комуналец од Прилеп кон ОК на ВМРО ДПМНЕ Прилеп.
Плаќањето реализирано на овој начин не е прикажано ниту во еден од извештаите доставени до Државниот завод за ревизија од лицето одговорно за изборната кампања.
Со ова сторени се две дејствија спротивни на Изборниот законик: а) Извршено е незаконско плаќање во готовина и б) утврдено е дека не сите средства кои се користени за плаќање на трошоците во кампања се исплатени од единствената трансакциска сметка како што тоа го налага членот 71 од Изборниот Законик.
ТИ-Македонија за овие случаи ги извести надлежните државни органи и побара преземање на мерки во рамки на нивните надлежности и исто така против одговорните лица поднесе и Кривична пријава на ден 02.05.2014 до Основното јавно обвинителство во Скопје со цел да преземе мерки согласно своите законски надлежности.
Основното јавно обвинителство донесе решение на ден 31.10.2014 година во кое се наведува дека Кривичната пријава поднесена од страна на ТИ – Македонија СЕ ОТФРЛА, бидејќи пријавеното кривично дело не е дело кое се гони по службена должност.
Во образложението е наведено дека од страна на Изборната кампања за претседателски избори 2014 година е извршено жирално плаќање од страна на ЈП Комуналец Прилеп, односно дека до Државниот завод за ревизија,е поднесен втор финансиски извештај за приходите и расходите на жито сметката, за период од 24.03.2014 година до 25.05.2014 година, во кои извештај се прикажани сите расходи направени од трансакционата сметка, меѓу кои и трошоци направени за превозни-транспортни услуги.
Оттука, според Јавното обвинителство, произлегува дека не станува збор за незаконито плаќање во готовина туку за легално обезбедени средства, кои биле уплатени преку трансакциона сметка во текот на изборната кампања.
Меѓутоа, од добиениот одговор може да се констатира дека жиралното уплаќање од страна на ВМРО-ДПМНЕ е извршено на ден 22.05.2014, односно по поднесената кривична пријава до Јавното обвинителство на 02.05.2014 година. Во одлуката Јавното обвинителство не дава одговор на тоа зошто дури по дваесетина дена откако ТИ-Македонија поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство е извршена уплата на трансакциска сметка, истата се смета како регуларна, и каде завршиле парите кои првично биле исплатени во готовина?
За овој начин на водење на изборната кампања на претседателските и предвремените парламентари избори во која на нетранспарентен и незаконит начин се трошат средства за кампањите на политичките партии укажува на фактот дека Република Македонија се уште нема поставено цврсти механизми на заштита и следење на ваков вид злоупотреби. Но исто така, не помалку значаен фактот дека ова се само неколку случаи кои ТИ- Македонија ги следи и постапува по истите, но дали и колку често овие практики политичките партии ги користат остава големи сомнежи.
Поради овие причини, ТИ-М смета дека медиумите и пошироката јавност треба да бидат информирани за сите нерегуларности во текот на изборите и при тоа ја користиме оваа можност да апелираме до сите оние храбри граѓани, да продолжат и понатаму да пријавуваат случаи на корупција бидејќи само на тој начин ќе успееме да обезбедиме подобра иднина за сите граѓани на Република Македонија.