17.02.2015 Случајот со работниците на „Раде Кончар – сервис и поправка на електрични производи ДОО“ е класичен пример како државата не ги заштитува пријавувачите на кривични дела, односно наместо да застане во нивна одбрана, а да ги гони пријавените, таа молчи, додека работниците, затоа што пријавиле криминал во надлежните институции, останале без работа.
„Стави му маска на човекот и ќе ти ја каже вистината“ е изреката на Оскар Вајлд со која се потврдува дека анонимноста дава заштита, односно дека само човек со неоткриен идентитет може да дејствува без страв од последици. Од друга страна, пак, познато е дека само еден пријавувач на кривични дела може да урне цел државен поредок ако ги има вистинските информации. Но, што се случува во Македонија со тие кои без маска, со име и презиме ќе пријават корупција или криминал?
Иако таквите се малкумина, особено во случаите кога работниците ги пријавуваат претпоставените дека заработуваат со игнорирање на законските обврски кон државата, сепак тие што се охрабриле – настрадале. Наместо пријавувачите да бидат заштитени, како што налага здравата логика и законот, тие се казнуваат и затоа е сѐ помал бројот на информаторите кои алармираат за криминал. Правната теорија таквите лица ги нарекува whistleblower (свиркачи или пријавувачи), а законите пропишуваат како се заштитуваат и зошто таквите совесни граѓани не смее да имаат последици. На пример, во Законот за спречување корупција постојат неколку одредби за индиректна заштита.
Според начелото на еднаквост се предвидува дека „секој граѓанин, без да трпи какви било штетни последици ќе има право да спречи или да пријави постапка што претставува злоупотреба на вршење јавни и други функции и должности, а со која се остварува лична корист или му се нанесува штета на друг“.
Постојат уште многу поглавја кои се на страната на пријавувачите на кривични дела, но во пракса тоа е тешко спроведливо. Има случаи, на пример, кога работници се посомневале и пријавиле криминал на директорите, и наместо законска правна завршница, за нив следувале откази од работа. Таквите примери само ги обесхрабруваат идните пријавувачи документирано со докази да се спротивстават на извршителите на кривични дела.
ЗАД ПРИЈАВАТА ПРОТИВ ДИРЕКТОРОТ ЗАСТАНАЛЕ ДЕСЕТИНА РАБОТНИЦИ
Случајот со работниците на „Раде Кончар – сервис и поправка на електрични производи ДОО“ (фирма на „Раде Кончар – Апаратна техника АД“) е класичен пример како државата не ги заштитува пријавувачите на кривични дела, односно наместо да застане во нивна одбрана кога пријавуваат, а да ги гони пријавените, таа молчи, додека работниците, затоа што пријавиле криминал во надлежните институции, останале без работа.
За да биде појасно како неколкумина работници останале без работните места, иако тврдат дека откриле милионски криминал на нивните претпоставени ќе го опишеме начинот како тие се посомневале дека парите од продажбата на отпадот од бакар, трафо масло, трансформатори и лим, наместо на сметка на фирмата, завршувале на друго место.
Имено, отпадот од бакар кој останувал во претпријатието, секако, било неопходно да се продаде. Возачите имале обврска, откако ќе се натовари камионот, со три испратници, од кои едната испратница останувала на пријавницата, да го напуштат кругот на „Раде Кончар – сервис и поправка на електрични производи“. Според тврдењата на претседателот на синдикалната организација, Марјан Поповски, бакарот се пренесувал до фирмата „Еуромак метал“, која откако ќе се измерела неговата тежина, плаќала во готово, но секогаш на рака на претставникот на „Раде Кончар – сервис“. Потоа тој парите ги уплаќал во седиштето на фирмата на каса – прими потврди, на кои се заведувала тежината, цената по килограм, како и вкупната цена колку вредел отпадот на конкретната тура бакар.
Поповски, но и неговите колеги тврдат дека таквите непријавени пари ги предавале на управителот Аце Антевски и на комерцијалниот директор Коста Канчески и за тоа имаат писмени докази. Но, што се случува понатаму? Работниците пренесуваат дека, иако претпоставените имале обврска таквите пари да ги пријавуваат, односно да ги уплатат на легалната сметка на претпријатието, а потоа да платат и данок за нив, тие, всушност, ги криеле. Нашите соговорници се посомневале дека директорите си ги земаат парите за себе, односно дека завршувале на нивните приватни сметки.
За да отворат случај со сомнежите, тие пријавиле во Управата за јавни приходи, што значи, според правната теорија станале пријавувачи (whistleblowers). Подоцна, според потврдите каса – прими, кои се со потписи и со печат, Управата за јавни приходи констатирала дека такви непријавени пари имало 24 милиони и 185 илјади денари. Следејќи ја процедурата, УЈП издала решение за наплата на данок, кој во случајот бил затаен. Според документите на УЈП, само за ДДВ фирмата морала да плати четири милиони и 350 илјади денари!
Во пријавата за затајување данок до УЈП работниците го посочиле Аце Антевски, но и неговиот син Горан Антевски, кој управува со друга фирма во составот на „Раде Кончар – трансформатори и електрични постројки“. За да ги заштитат своите работни места, работниците колективно застанале зад пријавата. Паралелно со известувањето до УЈП, работниците му пишале и на премиерот дека во нивното претпријатие се случува криминал налик на досието „Пајажина“ на Велија Рамковски од А1 телевизија, случај со кој го споредуваат нивниот, според начинот како се затајувал данокот. Но, ја известиле и организацијата Транспаренси интернешнел.
Како потврда дека се затајувал данок е и решението на Министерството за финансии со кое се потврдува тоа на УЈП и во кое прецизно се наведува дека фирмата во својата евиденција нема забележано испратници и дека не се изготвувале фактури за продажба на отпад, а, исто така, бил констатиран и неевидентиран промет, со што даночниот обврзник „Раде Кончар – сервис и поправка на електрични производи“ ја прекршил процедурата.
Наспроти тврдењата на работниците и документите на државните органи, управителот на „Раде Кончар – сервис“, Аце Антевски, вели дека од невистини се прават конструкции за наводен криминал со цел да ѝ се наштети на фирмата и нему лично.
„Во системот на „Раде Кончар“ ова е единственото друштво што работи успешно и бележи континуиран раст. Ова друштво работело и работи законски, редовно исплаќа плати и ги плаќа сите давачки кон државата. Пред неколку години ја раскинавме соработката со другите друштва во системот „Раде Кончар“ и престанавме да им помагаме и така предизвикавме бес и љубомора кај раководствата на тие друштва. Токму во тоа се крие хајката што ја водат преку неколку таканаречени синдикалци“ – тврди Антевски.
ЗОШТО ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО НЕ СЕ ИЗЈАСНУВА ЗА ПРИЈАВАТА?
Со решенијата на УЈП и на Министерството за финансии в рака, членовите на синдикалната организација отишле и чекор понатаму – се охрабриле и поднеле кривична пријава против раководството на фирмата во Јавното обвинителство. Практично, тие ја исполниле граѓанската обврска и пријавиле сомнеж за криминал за кој очекувале дека надлежните ќе реагираат, особено затоа што биле уверени во ветувањата на власта дека во Македонија не постои селективен пристап во борбата против криминалот. Но, дали се покажало така?
Кривичната пријава прво била поднесена против Аце Антевски и неговиот син Горан Антевски, а потоа била проширена кон ќерката на Антевски, финансиската директорка Владанка Трајкоска, комерцијалниот директор Коста Канчески, директорот на производство Зоран Трипуноски и кон раководителот на производството Павле Капедановски. На овој начин работниците застанале против сите раководители во фирмата со намера да докажат дека затајувале данок, переле пари, ја проневериле службата, настапувајќи во организирана група – злосторничко здружение. Така и напишале во кривичната пријава.
Иако изминува третата година, при што писмените докази што ги нудат работниците си ги сметаат за релевантни, Јавното обвинителство сѐ уште молчи и не се изјаснува дали и кога ќе покрене обвинителен акт. Тоа за работниците е потврда дека, сепак, правдата е селективна. Јавното обвинителство не одговори ниту на прашањата на „Фокус“ за ова досие. Работниците бараат одговорност од директорите за сума од 24 милиони денари. Во судот, пак, се води друг процес за истиот случај, но за помала сума, покренат од јавното обвинителство, но по пријава на државен орган, а не по таа на синдикалната организација.
Работниците не сакаат да претпостават зошто обвинителите не покренуваат постапка против нивните директори и прашуваат кој ги штити од криминалот? Иако по издавањето на решенијата на УЈП данокот бил платен, сепак, според документацијата и тврдењата на работниците, тоа било направено од сметката на „Раде Кончар – сервис и поправка на електрични производи“, што практично значи дека парите од каса- прими потврдите и испратниците, оние за кои е утврдено дека се затаиле и кои никогаш не биле уплатени на сметката на фирмата, одново ги нема.
Инаку, синот на Аце Антевски е управител на фирмата „Раде Кончар – трансформатори и електрични постројки“ ДООЕЛ, фирма 100 отсто во сопственост на „Раде Кончар – сервис и поправка на електрични производи“, за која, исто така, надлежните утврдиле дека затаила данок. Според официјалните документи, тука сумата е помала. Утврдено било дека преку испратници што не биле пријавени – не биле фактурирани околу 800 илјади денари, или само по основа на ДДВ, фирмата не платила речиси 150 илјади денари.
Но, откако биле донесени решенијата на УЈП, и оваа фирма морало да плати данок, за што и синот на Антевски искористил пари од сметката на фирмата, а не од оние кои не ги пријавувал додека продавал отпад со лим.
– Нам не ни е јасно зошто и Управата за јавни приходи не покренува постапка кривично да ги гони таткото и синот и нивните подредени од раководствата на фирмите затоа што очигледно и јасно е како го прекршиле законот. Затоа ние бевме принудени самите да ги пријавиме за кривично да одговараат и за тоа што затаиле данок, но и за тоа што потоа искористиле пари од сметките на фирмите. Нејасно ни е зошто не завршија со лисици на рацете пред телевизиските камери, како што е праксата во оваа држава! Сето ова ни дава право да прашаме каде се парите кои редовно преку каса – прими и испратници им ги дававме на директорите на рака? Што е направено со тие пари? Дали се користат за купување акции и удели низ фирмите на холдингот „Раде Кончар-апаратна техника“? Затоа што истите луѓе постојано купуваат акции и удели и полека го преземаат сопствеништвото – објаснува Марјан Поповски.
Ваквите сомнежи од „Раде Кончар – сервис“ ги отфрлаат, велејќи дека всушност се работи за неколкумина работници кои се членови на непостоечки синдикат и кои не се пронашле како вредни и чесни работници.
„Тие, поттикнати од други, ровареа во фирмата обидувајќи се да му наштетат на управителот и на компанијата. За тоа што го изработија, тие се наградени со тоа што сега се вработени во друга фирма од системот на „Раде Кончар“. Постапувајќи по исфабрикуваните документи, УЈП не задолжи да ги платиме наводно затаените даноци, но Управниот суд постапувајќи по нивната тужба и уважувајќи ги оправданите аргументи, ја врати постапката на повторно одлучување. Очигледно е дека токму фактот што ние купуваме акции од холдингот, ги загрижува поттикнувачите на таканаречените синдикалци како Марјан Поповски и Ѓоре Ристевски“ – вели Антевски.
КАКО БЕЗ РАБОТА ОСТАНАЛЕ ТОКМУ ПРИЈАВУВАЧИТЕ?
Додека државните органи утврдувале пропусти при пријавување промет и непријавување данок, раководството на фирмата почнало да им се одмаздува на работниците – спротивно на начелата за заштита на пријавувачите на кривични дела.
Разговаравме со неколкумина работници кои се претставија како жртви, затоа што, откако го пријавиле случајот кај надлежните немирно спијат, но и уште пострашно – голем број од нив останале без работа. Освен што сакале низ кривична постапка да се утврди одговорноста на раководителите и малверзациите со парите, синдикалците имале намера и да издејствуваат финансиска контрола за последните 10 години затоа што им било сомнително дека и на друг начин се крадат пари, а потоа се купуваат акции и удели во фирмите на „Раде Кончар – апаратна техника“. Но, нивните обиди можеби и ќе биле успешни ако на патот не им се испречиле отказите. Еден по еден, сите биле избркани, и тоа, пред сѐ, работниците кои се потпишале на кривичната пријава. Дел од нив се синдикални претставници, како на пример, Марјан Поповски, Ѓоре Ристевски, Лазо Божаров. Бројот на избркани работници, само затоа што сакале да се спротивстават на незаконитите постапки на директорите, стигнува и до седуммина.
Ваквите потези на раководството, не само што без приходи оставиле неколку семејства, туку влијаеле со ширење страв и врз другите работници, членови на синдикатот. Постепено, како што некого ќе избркале од работа, така другите се повлекувале од синдикалната организација.
– На почетокот сите педесетина вработени бевме во синдикатот, сега има само тројца. Едноставно, со притисоци и со закани нѐ принудија да се повлекуваме и практично успеаја да нѐ направат нерепрезентативен синдикат, кој нема можност ниту да покрене иницијатива, ниту да инсистира да ни се сменат договорите за работа, ниту, пак, да побара поголеми работнички права. Некако имаме чувство дека целата работа се правеше системски. Од една страна, неколкумина нѐ бркаат, од друга, останатите се исплашија. А зошто? Само затоа што сакавме законско и фер работење – се жали Зоран Ѓеоргиевски.
Сега сите работници поднеле тужби во судот за незаконско бркање од работа. Некои од нив имаат пресуди да се вратат на работа и да им се исплати отштета, некои сѐ уште чекаат да се произнесе апелациониот суд. Поповски, на пример, 30 месеци е надвор и сѐ уште чека одлука од судот. Интересно е што Ѓорѓија Ристески бил вратен на работа, а потоа одново избркан. Сега има нова судска пресуда во негова полза. Притоа треба да се напомене дека Законот за работни односи во членот 200, насловен како „заштита на синдикалните претставници“, гарантира заштита од намалување на платата, а уште повеќе дека синдикалниот претставник не може да биде избркан од работа. Односно, за да биде избркан мора да има согласност од синдикалната организација, што во случајов не е запазено. Заштитата на синдикалниот претставник трае за време на мандатот и две години по неговиот истек. Истовремено и Општиот колективен договор за приватниот сектор во членот 58 забранува бркање од работа на синдикалните претставници. Ваквите законски одредби сигурно ги знаат управителите на фирмите, но од нејасни причини, сепак, презеле активности против синдикалците.
ВО СУДОТ ИМА ПРЕДМЕТ, НО НЕ ЗА ПРИЈАВАТА НА РАБОТНИЦИТЕ
Иако Јавното обвинителство не се изјаснува за кривичната пријава поднесена од работниците, сепак судот е запознаен со случајот. Имено, финансиската полиција го пријавила Антевски за помала сума од таа што ја пријавиле работниците (околу 200 илјади денари). Во тој судски процес, како што пренесуваат синдикалците, директорот тврдел дека испратниците на кои јасно се гледаат сумите што се наплатени од отпадот со бакар биле стари и дека бакарот не бил сопственост на фирмата, туку на странките, како на пример ЕВН и други приватни фирми, кои во „Раде Кончар – сервис и поправка на електрични производи“ го оставале бакарот од изгорените трансформатори. Но, работниците тврдат дека, сепак, бакарот станувал сопственост на „Сервис и поправка на електрични производи“ затоа што на фирмите – соработници им се намалува од цената на услугата во износ од 30 отсто од цената на отпадниот бакар.
За да се одбрани од нападите со кривични пријави, самиот Антевски поднел контратужба. Тој го пријавил „Раде Кончар-заеднички дејности“ ДОО, под чија контрола работи пријавницата на фирмата. Според тужбата, вината е нивна за целиот случај затоа што тие имале обврска да ги фактурираат сите тури кои со камиони излегувале од капијата и оделе на продажба. Вработените, тврдат синдикалците, немаат право да го прават тоа, односно можат само да евидентираат испратници и да ги предадат. Тоа и го правеле. Најверојатно некој друг требало да ги фактурира.
Со ваквата тужба Антевски практично ги обвинува за неправилна книговодствена евиденција. Откако работниците му поднеле кривична пријава во Јавното обвинителство, тој го раскинал договорот со „Раде Кончар-заеднички дејности“ и пријавил штета од околу четири милиони денари, слична сума на наведената во решението на УЈП. Но, тужбата му е одбиена.
Сепак, овие два процеса покажуваат една нелогичност. Во процесот што е во тек, во судница Антевски тврди дека отпадот не е негов, туку на фирмите-соработници, а во тужбата што ја поднел вели дека некој друг не фактурирал како што треба, со што како да признава дека бакарот е негов!?
Во контекст на ова, од управата на „Раде Кончар – сервис“ наведуваат дека таканаречените синдикалци досега за истата работа поднеле десетина кривични пријави со истата содржина до Јавното обвинителство, полицијата, финансиската полиција и други органи. Поради тој притисок, обвинителството поднело недокажливо обвинение за наводно затаен данок од околу 200 илјади денари, но за 2005 и за 2006 година. Оваа кривична постапка е во тек и во управата се надеваат дека таквото обвинение нема да помине во судот и ќе добијат ослободителна пресуда.
Додека Антевски очекува ослободителна пресуда во процесот што е во тек, работниците очекуваат нов судски процес по нивната пријава. Се разбира, доколку Јавното обвинителство го слушне „свирежот“ на пријавувачите.
Пишува: Љубиша АРСИЌ
“Транспаресни Интернешнл-Македонија го спроведува проектот “ Застапување и заштита на пријавувачите, вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество”, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија. Истражувачката сторија е подготвена во рамките на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија”.