ПОВИК ДО НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ДА ПОСТАПАТ ПО НАВОДНИТЕ ЗЛОУПОТРЕБИ, НЕЗАКОНИТО ПОСТАПУВАЊЕ, КОРУПЦИЈА И НАРУШУВАЊЕ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА КОИ СЕ НАВЕДУВААТ ВО ОБЈАВЕНИТЕ ТЕЛЕФОНСКИ КОМУНИКАЦИИ
25.03.2015 Ние граѓанските организации од Платформата за борба против корупција внимателно гo следиме објавувањето на снимените телефонски комуникации.
Цениме дека објавените снимки треба да бидат предмет на истрага поради постоење на основи за сомневање за незаконско прислушување, а со цел утврдување кој ги снимал разговорите и ја нарушил приватноста на граѓаните.
Бараме содржината на снимките да биде посебно и внимателно испитана, затоа што разговорите укажуваат на можни незаконски активности. Без разлика кој е изворот на снимените разговори, содржината сугерира постоење на корупција, вклучително и масовна злоупотреба на службената положба, што се казниви дејствија за кои се гони по службена должност. Потсетуваме дека под корупција, меѓу другото се подразбира и состојба во која институциите се „приватизирани“ за интересите на политичките партии на власт и поединци и сакаме да укажеме дека тоа доведува до неурамнотежена и нелегитимна политичка моќ која се користи за остварување на поединечни интереси, наспроти општиот и интересот на граѓаните. Таквата состојба, дополнета со состојбата на контролирани медиуми, се нарекува заробена држава, во која е оневозможено владеењето на правото.
Платформата на граѓански организации за борба против корупција ги повикува:
1. Јавното обвинителство веднаш да покрене постапки за гонење непознати лица за неовластено и незаконито прислушување и да отвори постапки за сите наводни злоупотреби, незаконито постапување, корупција и нарушување на човекови права кои се наведуваат во објавените снимки, а посебно да ги испита индициите од снимките дека:
– МВР се ставило во функција на спречување на политичко делување во време на избори;
– Постоело прекршување на избирачкото право, преку незаконско издавање на лични документи;
– Ресурси на МВР биле употребени како партиски штaб;
– Постоела манипулација во реализирањето на правото на користење социјална помош и бенефиции;
– УЈП селективно постапувала при контроли и казнување;
– Постоеле притисоци и закани за губење на работно место на вработени во јавната администрација.
2. Јавното обвинителство да поведе постапка за утврдување дали ресурси на МВР биле употребени за незаконито прислушкување и за резултатите од истрагата да ја извести јавноста.
3. Државната комисија за спречување на корупцијата да се произнесе по случаите и да ги преземе сите мерки во рамките на нејзините надлежности.
4. Судскиот совет да поведе постапка за несовесно и незаконито постапување на судиите за кои постојат индиции дека постапувале под влијание на носители на функции.
Сметаме дека улогата на институциите на системот е незаменлива за уверување на граѓаните дека живеат во држава која е спремна да го штити нивниот интерес, права и слободи.
Доколку повиканите институции не ја известат јавноста дека преземаат мерки за да ги истражат наводите во наредните 30 дена, сметаме дека не постапуваат по својата службена должност.
Скопје, 25 март 2015 год.
Белешка : Платформата на граѓански организации за борба против корупција е основана на 9 декември 2014 год. од страна на 15 граѓански организации: Асоцијацијата за демократски иницијативи, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Истражувачкиот центар за граѓанско општество, Коалицијата „Сите за правично судење“, КОНЕКТ, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Метаморфозис, МОСТ, Охрид Институт, Транспаренси Интернешнл Македонија, Транспарентност Македонија, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Форум ЦСИД, Центарот за граѓански комуникации и Центарот за истражување и креирање политики. Платформата цели кон проактивно, динамично и оспособено граѓанско општество кое ќе игра значајна улога во борбата против корупцијата. Платформата тежнее да биде коректив на состојбите, а ќе соработува и комуницира со сите засегнати страни вклучувајќи ги државните институции, политичките партии, бизнис заедницата и меѓународната заедница. Исто така, ќе ги следи и анализира правната рамка и актуелните јавни политики и активности за сузбивање на корупцијата, ќе иницира јавна дебата за квалитетот на законите и ќе иницира законски измени каде што е потребно. Платформата ќе работи и на зголемување на свеста на граѓаните за борба против корупцијата.