Во работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, од 2002 година, па сѐ до сега, има огромни разлики. Тие што ги направија почетоците беа непрофесионални (хонорарни) антикорупционери, располагаа со мал буџет, но открија голем број афери, кои и ден денес се споменуваат. Последниот состав антикорупционери, пак, станаа професионалци (вработени), добија поголем буџет, но и помалку работа, поради недовербата од граѓаните. За афери, пак, ниту збор!
Токму нивниот молк веќе одамна гласно го вклучи алармот за тоа дали воопшто ја вршат својата функција, за која впрочем, за македонски услови, и дебело се платени, околу 1.000 евра месечно! Нагаѓаме, бидејќи самите не сакаат да откријат колку е нивната месечна плата, но познато е дека се платени колку судиите во Врховниот суд или пратениците. Поранешните членови, пак, добиваа хонорар од 40.000 денари.
На антикорупционерите подзаборавија и граѓаните, кои во улога на таканаречени whistle-blowers, или пријавувачи, сѐ поретко ја посетуваат нивната адреса, а проблемите ги споделуваат со некои медиуми или со невладини организации.
Овој заклучок го поткрепуваат и официјалните податоци за работата на Комисијата, па затоа, наместо професионална државна комисија, која од 2011 година доби ваков статус, по сѐ изгледа добивме само државна или партиска комисија. Оттука се става под знак прашање потребата од нејзиното натамошно постоење и функционирање.
НАМЕСТО ТРАНСПАРЕНТНОСТ, ЈА ОДЛИКУВА АНОНИМНОСТ
Државната комисија за спречување на корупцијата функционира веќе 13-та година, но, за жал, синоним за неа и по толку години се членовите на првиот состав, од далечната 2002 година. Денес не верувам дека има граѓанин кој ги знае сите седум актуелни членови на комисијата, (претседател Ѓорги Сламков, и членовите Мирјана Димовска, Фарије Алиу, Љубинка Муратовска – Маркова, Љубинка Корабоска, Сејди Хаљиљи и Зоран Додевски), кои не им се познати ниту на голем број новинари, бидејќи нивните имиња многу ретко се споменуваат во јавноста, а не можат ниту да се прочитаат на веб-сајтот на комисијата, каде што некогаш ги пишуваше сите членови и нивните биографии. Можеби една од причините за сокривање на биографиите е прашината што се подигна за време на нивниот избор во Собранието, бидејќи, за дел од нив, тие укажуваат дека не се баш најсоодветниот кадар за борбата против корупцијата, според нивното образование и искуство. Па, така, според опозицијата, Корабоска беше избрана без да ги исполни законските услови, бидејќи по професија е туристички менаџер.
Во изминативе години, пак, ниту се обидоа да ја променат оваа перцепција зашто нивните телефони и понатаму останаа недостапни за новинарите, а со тоа и за јавноста.
Се чини дека комисијата многу поуспешно функционираше кога нејзините членови беа само хонорарци, отколку сега, кога станаа професионалци. Поточно, до 2010 година, членовите на комисијата беа хонорарци, односно покрај овој ангажман, можеше да имаат и други работни обврски. Но, летото 2010 година се направија законски измени со кои нивната функција се професионализираше, со полно работно време, а старото работно место им се стави во мирување, додека им трае мандатот од четири години. Целта е, како што рече тогашниот министер за правда, Михајло Маневски, да се овозможи целосно посветување на членовите на комисијата само на работата во борбата против корупцијата како нивна професионална обврска.
Поранешните антикорупционери, пак, уште тогаш предупредија дека членовите ќе имаат поголема независност во работата доколку останат хонорарци, бидејќи вака ќе стравуваат да не го изгубат работното место, па може да бидат и пристрасни и да подлегнат на притисок.
Дали актуелната комисија е професионална и поуспешна од првата, во која и самиот членуваше, го прашавме поранешниот министер Маневски, но тој истакна дека не сака да ја коментира нејзината работа, иако немаше проблем тоа да го направи пред две години, кога жестоко ги искритикува антикорупционерите и истакна дека не си ја вршат работата за која се платени.
Дали подлегнале на притисоци, можеме само да претпоставуваме, но очигледна е нивната незаинтересираност за актуелните случувања во државата. Наместо експресно да излезат со став, нивната улога и понатаму ја вршат некои од поранешните антикорупционери, кои за разлика од нив, се расположени за разговор со новинарите.
Дури не одговараат ниту на директно поставените прашања, па така, веќе две недели чекаме одговор дали нивното работно време е осум часа, бидејќи се шпекулира дека се на работното место само кога имаат состаноци или одлучуваат за некој предмет?! Исто така, ги прашавме и која е висината на нивната плата, но и ова прашање, заедно со уште неколку други, остана неодговорено.
МАЛИНОВСКИ: СЕ ИЗГУБИ СМИСЛАТА ЗА ПОСТОЕЊЕТО НА КОМИСИЈАТА!
Од комисијата не сакаа да ни го испратат ниту годишниот извештај за работата во 2014 година, иако мандатот и завршува наредниот месец. Извештајот накратко го презентираа на прес-конференција, но деталите останаа недостапни, за да можеме да направиме споредба со претходните години. Но, ако ги разгледаме претходните годишни извештаи веднаш е видливо дека последниот и се уште актуелен состав има најмала соработка со граѓаните. Поточно, доколку до 2010 година, до комисијата стигнувале од 450 до 1.000 пријави од граѓани, сега добивале едвај по 200. Нивниот обем на работа, само на прва, го билдаат претставките поднесени околу изборите. Кога ќе се одземе нивниот број, остануваат претставките поднесени од граѓаните.
Година |
Предмети по иницијатива на комисијата |
Пристигнати претставки |
решени |
2003 |
15 |
603 |
129 |
2004 |
23 |
627 |
325 |
2005 |
18 |
563 |
593 |
2006 |
29 |
679 |
534 |
2007 |
12 |
1114 |
386 |
2008 |
31 |
767 |
567 |
2009 |
21 |
471 |
828 |
2010 |
14 |
457 |
1043 |
2011 |
13 |
908 (641 за избори) |
1157 |
2012 |
13 |
200 |
402 |
2013 |
27 |
2.843 (2.615 за избори) |
2.815 |
2014 |
/ |
/ |
/ |
Според Драган Малиновски, кој беше член на првиот состав на комисијата, во изминативе години Антикорупциска целосно се обезличила. Вели дека таа денес е маргинализирана, до ниво на препознатливост, а граѓаните во неа не препознаваат никаков авторитет и потенцијал за да се справи со корупциските предизвици.
– Во изминатите години се случија голем број корупциски скандали од големи размери, кои воопшто не беа третирани од страна на ДКСК. Доволно е само да се посочи на злоупотребите кои се случија при реализацијата на проектот „Скопје 2014“, каде буквално се проневерени десетици милиони евра, само во делот на лиењето на спомениците. Тоа беше прецизно документирано во извештајот, кој беше направен по налог на Општина Центар, но ДКСК ги затвори очите пред тие факти. Да не говориме за злоупотребите со изведбата на објектите од овој проект, за кои се потрошени повеќе стотици милиони евра. Само кај објектот на „Стариот театар“, од првично планираните 6-7 милиони евра, преку безброј анекс договори, потрошени се 37 милиони евра. Ако овие злоупотреби не го заслужуваат интересот на Антикорупциската комисија, тогаш се губи секаква смисла за натамошно опстојување на ова тело, вели Малиновски.
Тој потсетува дека првиот состав на ДКСК воспостави принципи на транспарентност во работата, односно отвореност кон медиумите и јавноста, зашто сметале дека на тој начин ќе можат да влијаат на подигање на свеста во општеството за справувањето со феноменот на корупцијата.
-Тоа се покажа како добар приод, за што говори и огромниот интерес на јавноста. Како илустрација на ова, би посочил на фактот дека во тој период ДКСК годишно примаше помеѓу 700 – 1000 претставки од граѓани. Во 2007 година, ДКСК ги напушти овие принципи на отвореност и транспарентност. Се затвори за јавноста, па така телото кое е задолжено да ги повикува останатите на отвореност и отчетност, се претвори во една од најнетранспарентните институции. Како резултат на тоа, во извештајот на ДКСК за 2013 година, стои податок дека таа година се примени само 201 претставки од граѓани, што јасно говори дека довербата кон ова тело е на многу ниско ниво. Оваа состојба е препознаена и во Европската комисија, која во своите годишни извештаи за напредокот на Македонија, вели дека работата на ДКСК е невидлива за јавноста, истакнува Малиновски.
МИХАЈЛОВА: АНТИКОРУПЦИОНЕРИТЕ ГО ПРЕСПАА МАНДАТОТ
Истиот став со Малиновски го дели и Вања Михајлова, која, исто така, беше член на првиот состав на комисијата.
„Овој состав на Државната комисија за спречување на корупцијата, со право граѓаните го перцепираат како уште еден бирократски орган кој постои само на хартија, кој не ја изврши функцијата за која е формирана – превенција на корупцијата. Комисијата, за жал, спротивно на Законот, не покажа самостојност, независност и непристрасност во извршувањето на утврдените надлежности, а манифестираше и висок степен на селективност во постапувањето по предметите во зависност од лицата против кои отворила предмет, што беше нотирано и од страна на ЕК. Со своето однесување, Комисијата целосно го изгуби својот кредибилитет и довербата на граѓаните, а остави впечаток дека е само продолжена рака на власта, смета Михајлова.
Таа истакнува дека е оправдан коментарот оти оваа комисија е нетранспарентна и анонимна за пошироката јавност, бидејќи речиси никогаш не посочила свој став или коментар за определен случај за кој постои сериозно сомневање за корупција.
– На поголем број членови на Комисијата кои поминаа и два мандати, јавноста не успеа да им го слушне гласот, ниту да чуе дали имаат став за одреден корупциски случај. Сѐ на сѐ, овој состав го преспа мандатот од осум години – вели Михајлова.
По сѐ изгледа ништо не може да ги разбуди актуелните „борци“ против корупцијата, бидејќи како што истакнавме на почетокот не ги поместија ниту бомбите на опозицијата. Во една од нив, пак, се зборуваше за менување генерални и детални урбанистички планови, со кои ќе се овозможи шума на Водно да се претвори во градежно земјиште, за да може некој моќник од власта да си изгради куќа. Но, и ова не го вклучи антикорупцискиот аларм, иако првиот состав постапуваше по слични предмети. Тогаш имаше предупредување дека честото менување на ДУП-овите и ГУП-овите создава опасност од злоупотреба на земјиштето.
– Честото менување на овие документи, не само што е спротивно на неопходноста од одржливост на овие урбанистички планови и правната сигурност на граѓаните и бизнис-секторот, но асоцира на злоупотреба на функцијата на одговорните лица за задоволување на персонални бизнис интереси на одделни моќници. Антикорупционерите требаше одамна да реагираат на ваквите состојби, посебно што отвораат широк простор за сомневање за злоупотреба на службената положба и корупција. За жал, не сум оптимист дека тоа ќе се случи и со новиот состав на Комисијата бидејќи ништо нема да се промени, освен имињата на членовите – вели Михајлова.
ПРОФЕСИОНАЛЦИТЕ ИЗЛЕГОА НАЈНЕПРОФЕСИОНАЛНИ
Во првиот состав на комисијата, од 2002 година, членуваа експерти по правни и економски прашања, а за прв претседател беше назначена Слаѓана Тасева, во тој период професор по право на Полициската академија. За првите антикорупционери беше карактеристично тоа што редовно беа присутни во јавноста, со информации за својата работа и иницијативи. Овој состав, премиерот Хари Костов, го нарече влада во сенка, бидејќи буквално им дишеше во врат и ги испитуваше одлуките на Владата.
Првата комисија, во своите четири мандати покрена 44 иницијативи за кривично гонење. Бројот не е повисок од оној на нејзините следбеници, но овој состав отвори некои случаи на високо ниво, кои, за жал, сѐ уште не добиле завршница во правните институции. Меѓу нив се аферите: „Фершпед“, Фабриката „Порцеланка“ во Велес; Договорот за продажба на рафинеријата „Окта“; Националната платежна картичка; Државниот фонд за пензиско и инвалидско осигурување, 7 милиони евра; Агенцијата за развој и инвестиции – тајвански заеми, 18 милиони американски долари; Алмако АД Банка, 30 милиони евра и Економско биро, околу 3 милиони евра. Исто така, оваа комисија самата го откри случајот „Бачило“, кој имаше и судска завршница. Во време на нивното работење се воведе и обврската за пријавување на имотната состојба на државните функционери.
Поранешните антикорупционери велат дека случаите Кинески ѕид, Панорама и Фершпед ги оставиле како аманет на наследниците, но сите тие, некогаш крупни корупциски афери власта ги забошоти со амин на ДКСК.
Првиот состав се обидуваше и да ги заштити пријавувачите. Познато е дека побараа заштита за првиот регистриран пријавувач, Симо Груевски, кој тогаш во комисијата го пријави криминалот во Телеком, за кој сега се водат постапки во САД, а од, друга страна, пак, актуелната комисијата не се произнесе ниту еднаш за овој случај.
Во вториот состав на комисијата членуваа правници, економисти и еден политиколог. Тие добија подобри услови за работа од претходниот состав, односно се сместија во просторија од 600 квадратни метри, додека нивните претходници работеа во несоодветни услови во ГТЦ. Овој состав на располагање имаше повеќе човечки ресурси, но и подобрена соработка со јавниот обвинител Љупчо Шврговски. Во овој мандат комисијата покрена вкупно 60 иницијативи за кривично гонење, од кои само една на врвно ниво, во 2010 година, против поранешниот претседател Бранко Црвенковски и еден случај на високо ниво против поранешен министер за земјоделство.
„Отсуството на истрагата за корупција на високо ниво може да значи дека не постои корупција на високо ниво или дека комисијата нема храброст или независност да ја истражи“, вели Илина Мангова, во својата студија „Дали антикорупцискиот модел во Македонија носи резултати“.
Овој состав ги доби и првите негативни критики, односно во извештајот на ЕУ беше наведено дека членовите на ДКСК не се доволно ангажирани, но и за првпат се појавува загриженост околу нивната непристрасност и независност. Се појави и проблем кога тогашната претседателка Мирјана Димовска, беше реизбрана уште две години на челната позиција.
Па наместо ситуацијата да се подобри, третиот состав на комисијата се соочи со уште поголема недоверба, бидејќи во 2011 година, без поддршка на опозицијата, беа избрани четворица членови од вториот состав и тројца нови, еден со долг стаж во полицијата, во пазарниот инспекторат и еден без искуство во антикорупцијата или образование во соодветна област.
Она што остана забележано е и дека овој состав не иницираше ниту еден корупциски случај на високо ниво. Повеќето беа со ниско ниво, а случаите од средно ниво се поврзани со опозицијата.
Иако комисијата сѐ уште не го објавува годишниот извештај за минатата година, членовите неодамна дадоа краток отчет во јавноста. Истакнаа дека реализирале 70 проценти од зацртаното, но признаа дека најмалку резултати бележат во контролата на политиката.
Она што може да се заклучи од сајтот на ДСКС, е дека во текот на изминатата и тековната година не постапувала по ниту една значајна корупциска или криминална афера. Прегледот покажува дека комисијата се занимавала со неколку предмети во кои имало судир на интереси, односно опоменала десетина функционери дека не можат да вршат по две функции истовремено. Исто така, за судир на интереси антикорупционерите го опоменаа и министерот без ресор, Веле Самак, чија што сопруга работи во компанија – странска инвестиција, која добива финансиска помош од државата, а го потсетија и портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, да ги ажурира податоците во анкетниот лист. И толку, ништо поважно и позначајно.
НАМЕСТО РАБОТАТА, ИМ РАСТЕ БУЏЕТОТ
Како што се намалува ефикасноста на работата на Антикорупциска, или таа станува невидлива, така обратно пропорционално расте, или станува видлив, буџетот со кој располага.
Па така, со Буџетот за 2015 година, на оваа комисија на располагање и се 507.837 евра. Од нив, пак, 473.575 евра се предвидени за плати и оперативни расходи на вработените. Според податоците на комисијата, има 25 вработени, па ако оваа сума се подели на 12 месеци, пресметката покажува дека месечно за еден вработен се издвојуваат по 1.578 евра. Но ова не е точната висина на платата, бидејќи тука влегуваат и други трошоци.
Претходната година, пак, во 2014 година, располагале со буџет помал за 150.000 евра, а околу 300.000 евра на располагање имале и претходните години. Но, првите години, комисијата на располагање имала многу мал буџет, а тогаш, пак, била најуспешна. Така, во 2003 година од државата ДКСК добила 181.463 евра.
Година |
Буџет (во евра) |
Буџет за расходи на вработените |
Број на вработени |
2015 |
507.837 |
473.575 |
25 |
2014 |
352.292 |
352.368 |
24 |
2013 |
371.642 |
341.064 |
24 |
2012 |
333.349 |
319.992 |
24 |
2011 |
294.536 |
292.672 |
16 |
2010 |
283.739 |
280.448 |
14 |
2009 |
386.991 |
365.776 |
16 |
На почетокот на наредниот месец им завршува мандатот на актуелните членови, по што ќе се избираат нови. Дали некој од нив повторно ќе побара мандат не успеавме да дознаеме, бидејќи, како што и претходно споменавме, портпаролката не одговараше на прашањата поставени по електронска пошта, а ниту неа, ниту претседателот Сламков, не ги добивме на телефон, бидејќи кога ќе имавме среќа некој да ја крене слушалката, добивавме одговор дека се на состанок.
По сето ова, неизбежен е впечатокот дека кога некоја институција е затворена за јавноста, таа има и што да сокрие или, пак, навистина нема со што да се пофали. Во тој контекст е и една постара изјава на претседателот Сламков, кој во интервју за Радио Слободна Европа истакна:
„Наша цел како Комисија не е секој ден да бидеме присутни во медиумите и да се саморекламираме. Кога ќе имаме издржан материјал кој што ќе биде поткрепен со проверки, ние тогаш ќе излеземе и ќе ги кажеме тие податоци“, изјави Сламков.
На крај ќе си дозволиме да заклучиме дека очигледно немале што да презентираат во јавноста!
Актуелната комисија не откри ниту една афера!
На прашањето на „Фокус“ до Малиновски и Михајлова, дали знаат некоја афера или корупциски скандал кој бил откриен благодарение на работата на овој состав на Антикорупциска, ни одговорија дека такво откритие немало.
Малиновски:
– Јас навистина не можам да се сетам за такво нешто. ДКСК е должна да има проактивна улога во откривањето на случаи на корупција. Таа мора секојдневно да ги следи и анализира ревизорските извештаи, бидејќи таму се содржани главните информации за незаконското работење на носителите на јавни функции. Медиумите исто така претставуваат сериозен извор на информации, кои соодветно треба да бидат истражени од страна на ДКСК. За жал, очигледно е дека ДКСК ги затвора очите пред многу сериозни случаи на корупција, па затскриена во својата анонимност, од време на време ќе испрати некое соопштение за некој банален случај на судир на интереси и сл. ДКСК треба да биде двигателот, локомотивата на актикорупциската активност во Република Македонија. Но, денес таа е атрофирана, без никаков кредибилитет и без капацитет да ја извршува својата функција, дефинирана во Законот за спречување на корупцијата.
Михајлова:
– ДКСК во овој состав за целиот мандат од 2007 год. до денес нема постапувано по ниеден случај за кој постојат сериозни сомневања за корупција во кој биле инволвирани високи функционери од актуелната владејачка гарнитура, иако во јавноста беа обелоденети бројни вакви случаи и од Комисијата се бараше да си ја врши работата за која е формирана. Оттука, за овој период апсолутно не може да се зборува за успешна превенција против корупцијата бидејќи според светската практика доказ за ефикасна борба против корупцијата е процесуирањето на големите корупциски случаи, што не е случај во Македонија.
Автор: Валентина Стојанчевска
Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија.
Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.