ПРЕДМЕТ: Одговор на прашање
На 05.05.2015 година на нашата Фејсбук страница стигна прашање со следната содржина:
Се извинувам што вака Ви се обраќам, но oвие денови јас како родител на средношколец многу сум збунета, не заради тоа што се сомневам во исправноста на нивната борба, туку заради жестокиот притисок и заканите кои директно и индиректно пристигаат на наша адреса. Затоа сакам само во две реченици да ми напишете дали е можно децата да бидат казнети, избркани од училиште, или тоа се само начини да ги натераат да се вратат во клупите, и ако не е Ви пречи ме интересира Вашиoт став кон тoа прашање? Уште еднаш Ви се извинувам што си земав за слобода да Ви се обратам, но јас сум невработена, немам некои контакти, и ете по малку се плашам да не ни побегнат работите од контрола… Инаку син ми е сега втора год. во Корчагин, и е одличен ученик, а другиот сега завршува деветолетка. Ви благодарам! Имајте убав ден.“
Со цел да одговори на овие прашања, ТИ – Македонија ги разгледа законските одредби кои се однесуваат на нив.
Кога станува збор за евентуалните казни за средношколците кои го изразуваат својот протест на начин што ја бојкотираат наставата, најпрво мора да се напомене дека бојкотот на наставата од страна на учениците не е регулиран со ниту еден важечки правен акт. Дури ни Законот за средно образование не содржи одредби кои се однесуваат на правото на учениците да го изразат својот протест, со или без бојкот на наставата. Затоа одговорите на ова прашање треба да се бараат во останатите одредби од Законот за средно образование, подзаконските акти донесени од страна на Министерството за образование и наука, Законот за јавни собири, како и Уставот на РМ и Конвенцијата за правата на детето.
Чл.3 ст.1 од Законот за средно образование пропишува дека средното образование е задолжително за секој граѓанин. Чл.57 ст.1 од истиот закон ги пропишува педагошките мерки кои можат да му се изречат на ученикот ако не ги почитува своите обврски и ги повреди своите должности.
Тие мерки се писмена опомена, опомена пред отстранување од училиштето и отстранување од училиштето.
Чл.58 потоа додава дека начинот на изрекување на педагошките мерки се определува со Упатство кое треба да го донесе министерот. Затоа Министерот за образование и наука донел Упатство за изрекување педагошки мерки. Таму детално се пропишани педагошките мерки, постапката во која се изрекуваат и причините поради кои може да се изречат, вклучително и мерката која е битна во овој случај – отстранувањето од училиште. Според чл.12 од Упатството, постапката за изрекување на оваа (и која било друга) педагошка мерка се поведува по предлог на раководителот на паралелката, наставник или друго лице кое работи во училиштето, родител или ученик.
Постапката ја води раководителот на паралелката, а во неа учествува и родителот на ученикот, кој е должен да доаѓа на закажаните средби во врска со постапката. Постапката завршува со донесување на писмена одлука која мора да содржи образложение и правна поука. Ученикот има право на приговор против педагошката мерка до органот на управување на училиштето.
Чл.16 од Упатството бара при донесувањето на одлука за изрекување на педагошка мерка да се земат предвид и побудите заради кои ученикот ја направил повредата и размерите на можните последици по него.
Упатството ги пропишува и причините, а една од нив е неоправданото изостанување од настава од над 25 часови во текот на учебната година. Истото тоа е причина и за престанување на статусот на редовен ученик според чл.44 од Законот за средно образование. За да му се изрече таква педагошка мерка на ученик кој ја бојкотира наставата потребно е неговото отсуство од часовите да се смета за неоправдано.
Ниту во законот, ниту во подзаконските акти на МОН не е пропишано кога изостанувањето од настава се смета за оправдано, а кога не. Но, имајќи предвид дека граѓаните имаат право јавно да се собираат и да изразуваат јавен протест согласно чл.21 од Уставот на РМ, ТИ-М смета дека нивното отсуство од настава не треба да се толкува како неоправдано, особено затоа што Законот за средно образование не содржи одредби во кои го регулира правото на изразување протест на учениците, ниту начинот на кој можат да го сторат тоа.
Истиот став го потврдува и Конвенцијата за правата на детето, која е ратификувана од Собранието на РМ. Според чл.15 од Конвенцијата, државата-потписничка мора на детето да му го признае правото на детето слободно да се здружува и слободно да протестира. Не се дозволени ограничувања на ова право, освен во случаите кога тоа е неопходно заради сигурноста, јавниот поредок, заштитата на јавното здравје и морал, или заштитата на правата и слободите на другите. Во случајот со протестирањето преку бојкот на наставата не станува збор за ниту еден од основите за ограничување на нивното право на протестирање.
Заклучок:
ТИ-М смета дека наставничките совети на средните училишта немаат право да ги отстранат од училиште учениците кои ја бојкотираат наставата користејќи го своето уставно загарантирано право да протестираат и дека заканите дека тоа ќе се случи може да се толкуваат како нарушување на правото од чл.21 од Уставот на РМ.
Исто така, мора да се земе предвид и тоа дека дел од учениците цело време посетуваат настава во скратени часови пред да одат пред зградата на МОН за да го изразат својот протест. Ваквиот начин на изведување на наставата не е во спротивност со ниту еден правен акт кој ја регулира оваа материја, па оттаму овие ученици воопшто не изостануваат од училиште.
При тоа, на оваа состојба не се противат ниту професорите, ниту Министерството за образование и наука и ја прифаќаат како таква.
Законски одредби кои се однесуваат на евентуалните правни последици за родителите на средношколците кои протестираат
Законот за средно образование во чл.109 ст.1 предвидува глоба од 2000 евра во денарска противвредност за родителот, односно старателот на малолетниот ученик ако ученикот не е запишан во средно училиште или нередовно го посетува училиштето.
Овој член се однесува на прекршувањето на чл.3 ст.1 од истиот закон, според кој средното образование е задолжително за секој граѓанин под еднакви услови утврдени со тој закон.
Заклучок:
ТИ-М смета дека не постои основ за казнување на родителите на учениците кои ја бојкотираат наставата заради нередовно посетување на наставата поради тоа што децата се запишани на училиште, редовно ја посетуваат наставата, а сега отсуствуваат поради тоа што го користат своето уставно загарантирано право мирно да се собираат и да изјавуваат протест, право кое може да биде ограничено само во услови на воена или вонредна состојба. При тоа, правото на протест не може да им биде ограничено ниту во согласност со Конвенцијата за правата на детето.
Но, дури и нивното поведение да се толкува како прекршување на чл.3 ст.1 од Законот за средно образование, казни за родителите би можело да има само доколку нивните деца се малолетни. Со оглед на тоа што учениците кои протестираат и ја бојкотираат наставата се матуранти на возраст од 18 до 19 години, нивните родители не можат да одговараат според овој член.