16.07.2015 Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата уште еднаш упатува повик до Јавното обвинителство за поефикасно и потранспарентно постапување по прашањата кои се однесуваат на наводните злоупотреби, незаконитото постапување, корупцијата и нарушувањето на човековите права кои се наведуваат во прислушуваните телефонски комуникации објавени во изминатите месеци што би придонело за градење на довербата во институцијата.
Покрај тоа, Платформата бара Владата да го вклучи граѓанскиот сектор во имплементацијата на препораките од Извештајот на Прибе, а пред се во набљудување на ефикасноста и ефектите од спроведување на Акциските планови кои ги најави.
Членките на Платформата изразуваат загриженост од односот на Државната комисија за спречување на корупцијата која и натаму продолжува со своето изолирано и нетранспарентно работење. Комисијата како независен државен орган со широка надлежност и овластувања за постапување во случаите на кои се однесува ова јавно обраќање, се уште не реагирала на повикот од 25 март оваа година ниту пак одговори на барањето за средба упатено на 15 мај 2015 година.
Платформата на 15 мај 2015 година побара информации од Јавниот обвинител на РМ, Марко Зврлевски, кои се однесуваат на наводните злоупотреби, незаконитото постапување, корупцијата и нарушувањето на човековите права кои се наведуваат во прислушуваните телефонски комуникации кои беа објавени во изминатите месеци. Барањето уследи откако изостана одговор на јавниот повик до сите надлежни институции во рок од 30 дена да постапат по овие прашања упатен на 25 март 2015 година.
Имајќи го предвид чл.8 од Законот за јавно обвинителство според кој Јавниот обвинител има обврска да ја информира јавноста за прашањата од неговата работа и имајќи ја предвид сериозноста на наводите кои ЈО треба да ги истражи и поширокиот општествен интерес кои тие го носат со себе, сметавме дека ЈО е должно да излезе со повеќе информации. Во писмен допис од 15 мај 2015 година прашавме:
1. Дали е формиран тим на истражители и дали Јавното обвинителството располага со соодветни капацитети за спроведување на потребните истраги?
2. Колку и какви дејствија досега (заклучно со 14 мај 2015 г.) се преземени?
3. Дали институциите од кои се бараат информации соработуваат?
ЈО одговори на ова наше барање. Нè извести дека предметите се распоредени на вкупно 23 јавни обвинители и дека ЈО располага со потребниот капацитет за спроведување на истрагите.
На второто и третото прашање не добивме одговор. Од ЈО беше напомнато дека нема да сподели детали заради заштита на тајноста на истражната постапка и дека ЈО соработува со сите органи на прогонот, како и со сите физички и правни лица и дека таа соработка се одвива непречено и во континуитет.
На работата на ЈО се однесува и една од препораките од Извештајот на Прибе, подготвен од групата на искусни експерти предводени од Рајнхард Прибе: „Истрагите и кривичните гонења треба да бидат под секој сомнеж во врска со нивната непристрасност и еднаквиот третман на секое лице под истрага. Ова го вклучува и времетраењето на истрагите и интензитетот со кои тие се спроведуваат.“
Платформата смета дека транспарентноста на Јавното обвинителство е битен предуслов во борбата со корупцијата и во градењето доверба во институциите. Нецелосните одговори со кои се избегнува изнесувањето на информации кои не можат да наштетат на текот на истрагата ја прават оваа постапка нетранспарентна. Истовремено ЈО со своето однесување отвора простор за сомнеж околу својата независност во постапувањето, посветеноста на истрагата, како и бројот и интензитетот на истражните дејствија кои се преземаат во нејзиниот тек.
Платформата на граѓански организации за борба против корупција е основана на 9 декември 2014 год. од страна на 15 граѓански организации. Платформата цели кон проактивно, динамично и оспособено граѓанско општество кое ќе игра значајна улога во борбата против корупцијата.