16.10.2015 Во пресрет на Законот за заштита на пријавувачите на кривични дела, кој произлезе од преговорите на партиите кои се во тек, „Фокус“ пренесува сторија што им се случува во моментов на пријавувачите на криминал. Случајот со стечајниот управник од Тетово, Миодраг Ѓорѓески, е класичен пример како пријавувачите, па макар и да се работи за милионски суми криминал, немаат никаква заштита. На крајот тој останал без работа, а пријавените ги наполниле имотните листови. Неговата документација што ја предал во сите надлежни институции за гонење организиран криминал како никој да не ја прочитал. А таа потврдува дека уште пред да почне стечајната постапка во „Медицинска пластика“ од Тетово, некој го ограбил имотот
Стечајната постапка за „Медицинска пластика“ од Тетово официјално е затворена во јуни 2013 година и е потпишана од стечајниот судија Томислав Бошковски. Тоа значи дека за неколку месеци, или во јуни наредната година истекува рокот од три години, кога институциите можат да покренат судска постапка доколку имаат сознанија и докази дека е сторено кривично дело во период кога се спроведувал стечајот или, пак, годините пред да почне. Со други зборови, ако до јуни 2016 година не се отвори досие за преиспитување на стечајната постапка, таа ќе биде затворена и прогласена за легална, иако според документацијата на официјални државни органи таа е криминална и проследена со многу законски недоследности!
На крајот, како и секогаш, неколкумина профитирале и сега стопанисуваат со големиот и вреден имот на влезот на Тетово од Скопје, а работниците останале на улица, голем дел од нив и со години. Нивната надеж полека исчезнува, а не ни очекуваат дека во наредните осум месеци нешто ќе се промени, затоа што, како што пренесуваат, учесниците во стечајот и во узурпацијата на имотот се високо позиционирани, познати лица со релации во сите партии.
Во моментов, на локацијата каде што некогаш функционирала „Медицинска пластика“ и произведувала опрема за светските пазари, поставена е една табла со натпис „Тетекс“. Имотот е вреден милиони евра, а дел од него полека се продава од страна на сопствениците. Но, како почнува маратонската, за работниците пеколна, а за директорите рајска приказна за „Медицинска пластика“?
ПРЕКУ „ЈУГОХРОМ“ ДО „МЕДИЦИНСКА ПЛАСТИКА“
Сторијата за „Фокус“ ја пренесува Миодраг Ѓорѓески, стечаен управник во „Медицинска пластика“, кој, откако го открил криминалот и почнал да го пријавува, бил сменет, а неговиот наследник Васил Марков, како што пренесува Ѓорѓески, го финализирал стечајот без воопшто да внимава на незаконските постапки.
Според обемната документација, во 2002 година се отвора стечај во „Југохром“ од тетовското село Јегуновце, а „Медицинска пластика“ дејствува како составен дел од гигантот за производство на феросилициум. Според прописите, се одржало верификационо собрание на кое се дискутирало за доверителите, односно фирмите на кои „Југохром“ им должи пари. Тогаш на Тетовска банка ѝ се признале 146 милиони, но не и други 11 што таа ги побарувала. Но, таа немала предност при наплатата на долгот оти приоритетната улога ја имала Агенцијата за санација на банка формирана во Министерството за финансии, која наследила голем број од кредитите и хипотеките, но и се стекнала со правото да наплати 2,5 милијарди денари и шест милиони долари.
Со објавувањето на Законот за гарантирање на инвестицијата, Агенцијата за санација ги презема кредитите и хипотеките на неколку фирми, но тоа што е интересно за случајот, е дека Агенцијата пријавува побарување во стечајната постапка на „Југохром“ преку хипотека која изнесува 20 милиони американски долари, а се однесува на кредит од Стопанска банка за кој биле заложени објекти на „Југохром“, вклучително и тие на „Медицинска пластика“.
Десетина години пред да биде отворен стечајот во „Југохром“, или поточно во 1994, направена е друга хипотека меѓу „Југохром“ и Стопанска банка, која е целосно нелегална затоа што немало одлука на работничкиот совет за залог на имотот на „Југохром“ и затоа што не смееле под хипотека да го стават земјиштето, кое било државно, како што било во случајот.
Како се прави првиот упад од страна на инволвираните во криминалниот стечај? Според документацијата на Ѓорѓески, по пријава на доверителот Тетовска банка застапувана од директорот Атанас Спировски, судот во Тетово носи решение за утврдување разлачно право на недвижен имот, сопственост на стечајниот должник „Југохром“. Со тоа решение практично се застанува на страната на Тетовска банка, но се озаконува нелегалната хипотека меѓу „Југохром“ и Стопанска. Од каде Тетовска банка во улога на Стопанска, која е потписник на хипотеката? Кој го одобрил тоа и како е можно? Со судското решение практично Тетовска банка, иако има далеку помала сума за наплата од „Југохром“ (146 милиони денари) за разлика од Агенцијата за санација (2,5 милијарди денари и шест милиони долари), сепак излегува прва на листата!
Интересно за споменување е дека на судското решение стои истиот датум – 15 март 2002, кој стои и на записникот од верификационото собрание кое се одржало заради отворање на стечајната постапка. Значи, истиот ден на собранието се пишувал списокот на доверители, а судот во Тетово веќе донел решение кој ќе има приоритет за наплата, иако тоа е неверојатно.
– Што правел тогаш стечајниот управник Душко Тодевски, прашува Ѓорѓески. Тој имал законска обврска да ја провери хипотеката за да утврди дека прво е незаконска, затоа што „Југохром“ немал одлука од работничкиот совет и не смеел да заложува земјиште, и второ, затоа што хипотеката е со Стопанска банка, а не со Тетовска. Но, познато е дека каде што има сила нема правдина.
Така и во случајот со „Медицинска пластика“ – на моќните функционери немало кој да им застане на патот. Сите што се обиделе – изгореле. Вклучително и нашиот соговорник, стечајниот управник Ѓорѓески.
ТЕТОВСКА БАНКА СТАНУВА СОПСТВЕНИК НА ИМОТОТ НА „МЕДИЦИНСКА ПЛАСТИКА“
Наследник на стечајниот управник Тодевски е Ѓоко Стојковски од Тетово кој дотогаш работел во правната служба на „Југохром“. Иако законски е предвидено дека мора да имате три години отсуство од фирмата во која ве назначуваат за стечаен управник, Стојковски ја одигрува улогата, пренесува Ѓорѓески, токму во времето кога се случуваат матните и големи дубари. Не залудно е познато дека за крупни криминални зделки се неопходни судии, адвокати, нотари и, секако, политичари.
Откако стана нејасно како ѝ се признава правото на Тетовска, а не на Стопанска банка да наплати од „Југохром“, туку со нотарски акт насловен како Записник за стекнување право на сопственост врз заложена недвижност наместо обезбедено побарување, банката од Тетово во 2003 година станува сопственик на имотот на „Медицинска пластика“, тој што е заложен преку хипотеката. Но, ако се следи документацијата на Ѓорѓески, очигледно е дека банката станува сопственик во нетранспарентна постапка. Зошто?
Пред да се потпише нотарскиот акт, во судот постоело решение за привремена мерка од 17 ноември 2003-та со кое се забранувало продажба на недвижностите на „Медицинска пластика“. Но, утредента на 18 ноември мерката се укинала и истиот ден во 14 часот се одржало јавно усно наддавање на кое се појавува единствено Тетовска банка претставувана од Лилјана Трповска, сопругата на Борислав Трповски, експратеник и тогаш заменик генерален директор во „Тетекс“, но и со позиција во „Медицинска пластика“. Понудената сума била 225 милиони денари (од таа сума се одбива долгот од 146 милиони денари што го има „Југохром“ кон Тетовска банка) за да се купи „Медицинска пластика“.
Дека постапката била нетранспарентна, покажува и поднесокот на „Медицинска пластика“ за укинување на забраната поднесен само два часа пред да се одржи расправата во судот. Тука е првото криминално дејствие – како никој не е одговорен за незаконската продажба на имотот? Со оглед дека целиот предмет го има во јавното обвинителство, обвинителите имаат уште неколку месеци да отворат процес и да ги испитаат ваквите тврдења на Ѓорѓески.
-Ако ова не е криминал, тогаш не постои криминал, заклучува тој.
И за крај, како печат дека продажбата на имотот не смеела да се случи е судското решение од септември 2005-та кое се однесува на заложениот имот на „Југохром“, а во кое се наведуваат сите простории на „Медицинска пластика“ како активен залог, односно дека имотот е на државата затоа што кредитот од 20 милиони долари го презела државната Агенција за санација на банка. Како е можно во 2005-та имотот во решението да се води како имот на државата кога две години претходно, преку јавното наддавање во судот, Тетовска банка станува сопственик на имотот на „Медицинска пластика“?
СТЕЧАЈОТ ВО „МЕДИЦИНСКА ПЛАСТИКА“ ПОЧНУВА СО ТУЖБИ
Така стигнуваме до 2006-та година, кога во декември е отворен стечајот врз „Медицинска пластика“. Тогаш фирмата имала само незначителен имот и со многу апетити да се докрајчи кајмакот, оти претходно сѐ било однесено. И сето тоа со незаконски процедури. Тогаш судот го назначува Ѓорѓески, соговорникот на „Фокус“, за стечаен управник. Тој, за да почне со спроведување на стечајната постапка, прво морал да побара од судот да направи побивање на правните дејствија за имотот што го одзела Тетовска банка од „Медицинска пластика“.
Првата пресуда на Слаѓана Илиевска во судот во Тетово е против стечајниот управник. Но, скопска апелација наложува одново да одлучува понискиот суд. По вторпат истата судијка, игнорирајќи ги упатствата на повисокиот суд, носи одлука против стечајниот управник со објаснување дека ќе настанат штетни последици за купувачот, во случајов Тетовска банка (во тој период преименувана во ТТК банка). Случајот по вторпат оди на апелација, овојпат во Гостивар, и тогаш првостепената пресуда се преиначува дека ТТК банка мора да го ослободи имотот за да може да се спроведе стечајната постапка.
Незадоволна од пресудата, ТТК банка поднесува жалба до Врховниот суд, кој одлучува дека имотот, сепак, е на банката. Ѓорѓески смета дека петтемина судии што одлучувале донеле незаконска пресуда затоа што ја одобриле незаконската хипотека од 1994-та, но и го признале за веродостојно решението на судот за утврдување на разлачно право на недвижен имот на кое, како што напоменавме, го има истиот датум кога и се одржувало верификационото собрание во „Југохром“.
За да се врати во игра, оти без имотот е осакатен во спроведувањето на стечајната постапка, Ѓорѓески поднесува барање до судот во Тетово за повторување на судската постапка. Како нови докази ги поднесува објавениот Закон за гарантирање на инвестицијата со кој Агенцијата за санација ги презема кредитите и хипотеките и така ја прави државата сопственик, но и судското решение што го споменавме од 2005-та со кое се потврдува дека имотот и натаму е на државата, што значи дека продажбата на имотот на „Медицинска пластика“ на банката не е реализирана и е сомнителна. Во овој дел е втората точка на одговорност – како биле носени судските одлуки и зошто не се почитувале законите?
Откако моќниците ја увиделе упорноста на Ѓорѓески да докаже дека имотот е нелегално продаден и дека мора да се врати во стечајната маса, го разрешиле од функцијата. Неговиот наследник како да не мрднал со прст!? Со тоа само овозможил стечајот да биде затворен, имотот да остане кај ТТК, а работниците да ги наведнат главите и со години да молчат. Така се штитат во Македонија „свиркачите“, тие што пријавуваат криминал, а остануваат без работа. Сега во тек со актуелните политички преговори меѓу власта и опозицијата се предвидува донесување закон кој ќе ги штити ваквите пријавувачи како Ѓорѓески.
За крај, ТТК го продава имотот на „Тетекс“, тогаш застапуван од генералниот директор Глигорие Гоговски, иако тоа не смеело оти стечајната постапка била почната. Но, Трповска, сега во улога на нотар, заверила таков договор. Можеби затоа денес стои таблата со натпис „Тетекс“ на имотот на некогашна „Медицинска пластика“?
ДИРЕКТОРИТЕ КРИЕЛЕ ПОДАТОЦИ И НЕ ОТВОРИЛЕ СТЕЧАЈ НА ВРЕМЕ
Така стигнуваме до третата точка на криминалното однесување, која, исто така, е зрела да се истражи во наредните осум месеци за да се поништи одлуката на судот за затворање на стечајот. Ова можеби е клучниот момент затоа што станува збор за одолжување на стартот на стечајот на „Медицинска пластика“, период кој е искористен да се направат дејствија во полза на неколкумина, односно да се пренесе имотот на други, а со тоа по отворање на стечајот да се оневозможи исплата на доверителите и на работниците.
Предлогот за отворање стечај во „Медицинска пластика“ е од први ноември. Го потпишале од одборот директори и извршниот директор Михајло Крстевски. Со предлогот има и извештај за финансиско-имотната состојба на фирмата во која е наведено дека немаат имот, туку само долгови. Ова е уште едно кривично дело затоа што не пријавиле имот, а стечајниот управник Ѓорѓески, по стапување на функцијата, веднаш открил дека „Медицинска пластика“ има имот. Треба да се провери каква била улогата на Борислав Трповски, експратеникот, кој во тоа време се појавува како претседател на одборот директори во „Медицинска пластика“, а истовремено е заменик-директор во „Тетекс“ и претседател на одборот директори во Тетовска банка, а неговата сопруга, како што напишавме погоре, е во Тетовска банка и ги водела хипотеките, а подоцна станала нотар.
Исто така, во предлогот се наведува дека сметката на фирмата е блокирана 304 дена и е неликвидна, иако законот предвидува 60 дена за да се отвори стечај. Затоа, според Ѓорѓески, овој одбор директори на „Медицинска пластика“ ѝ ја запечатува лошата судбина. Каде е нивното прекршување на законот? Во октомври 2006 година регистрираат нова фирма, иако стечајот сѐ уште не е отворен, со име „Нова медицинска пластика“. Дури потоа, во ноември го даваат предлогот за стечај. Во новата фирма фигурираат дел од имињата кои се главни во „Медицинска пластика“.
Постои еден официјален записник од УЈП, во кој е наведено дека цела 2005 година сметката на „Медицинска пластика“ била постојано блокирана за износ од 124 милиони денари. Дури 118 пати за таа година блокадата била повлекувана за да можат директорите да спроведат некоја трансакција. Со овој документ се потврдува дека сметката на „Медицинска пластика“ две години била блокирана, а не само во текот на 2006-та, како што прикажале директорите кога покренале барање за стечај.
Но, она што е поважно, а има врска со криминал, е тоа што за време на блокирана сметка не смееш да продаваш имот и да пренесуваш побарувања со цесии. Но, наспроти тоа, документите потврдуваат дека само преку цесии префрлен бил имот вреден 50 милиони денари. За ова финансиската полиција има поднесено кривични пријави за Крстевски од „Медицинска пластика“ и за Спировски од ТТК банка за оштетување на доверители, но тетовското јавно обвинителство се изјаснило дека ова дело не се гони по службена должност и овој дел бил затворен за истрага.
Уште еден елемент важен за потврда на криминалот е записник од Министерството за финансии, кој се однесува на девизна сметка на „Медицинска пластика“ отворена во Белград без одобрување на македонската Народна банка. Утврдено е дека фирмата отворила сметки во евра, јени и динари, а дозвола од Народна банка побарала една година подоцна, откако направила милионски трансфери. Со извештајот се констатира дека е прекршен Законот за девизно работење. Незамисливо е како лица од „Медицинска пластика“ подигнувале пари во Белград и во чанти ги пренесувале непријавени преку граница во кеш, што претставува шверц на девизи. Подоцна истите пари биле земани од благајната на „Медицинска пластика“ и со девизите се купувани денари во ТТК банка и повторно носени во благајната.
Овој извештај го има и Народна банка, Јавното обвинителство, Министерството за финансии, но никој, буквално никој не се ни помрднува од место да провери и да гони. Чудно се однесува и државата, која од самиот старт има имот вреден милиони, а го испушта лесно да замине кај поединци? Ако десет години не биле доволно државата да се освести дали овие наредни осум месеци ќе ја отрезнат и ќе го оспори стечајот во „Медицинска пластика“, освен ако и таа знае сѐ, а молчи? А спротивно не може да биде.
КОЈ Е ВИНОВЕН ЗА СТЕЧАЈОТ И ЗА ИМОТОТ?
Во одборот директори во „Медицинска пластика“, како извршен директор се појавува Михајло Крстевски, претседател е Борислав Трповски, членови се професорот Тито Беличанец, Атанас Спировски, директор во ТТК банка, Алексеј Лосев, директор во ТТК банка, Душко Коцевски, Антон Дамевски, зет за сестра на генералниот на „Тетекс“, Глигорие Гоговски, Стеван Томовски, директор во„Тетекс“ и Милчо Паневски. Потоа, откако ја формираат „Нова медицинска пластика“ во управата се постројуваат Стеван Томоски, Доне Таневски од „Македонија турист“, Борислав Трпоски, Тито Беличанец. Нивните меѓусебни релации, но и релациите со судот и обвинителството придонеле „Медицинска пластика“, според документацијата, да се раскрчми.
КАКВА УЛОГА ИМААТ СТЕЧАЈНИОТ СУДИЈА БОШКОВСКИ И БАНКАРКАТА ТРПОВСКА?
Стечајниот судија Томислав Бошковски за првпат се појавува во далечната 1994-та кога бил судски записничар кога е заверувана нелегалната хипотека меѓу „Југохром“ и Стопанска банка. Потоа е записничар за уште една, овојпат легална хипотека од 1996-та. Подоцна станува судија и токму предметите со хипотеките се во негова надлежност. На крајот станува и стечаен судија надлежен за „Медицинска пластика“ и за Југохром. Некако неговата кариера како да е врзана со почетокот и крајот на двете фирми. Од друга страна, пак, банкарката Лилјана Трпковска, сопруга на заменик генералниот на „Тетекс“, преку Стопанска и Тетовска банка има постојана контрола врз хипотеките. На крајот, како нотар го префрла имотот на „Медицинска пластика“ од ТТК банка на „Тетекс“, иако го немала тоа право затоа што стечајот веќе бил отворен. Инаку, во „Тетекс“ каде што го префрла имотот таа и самата има акции. Една од обвинителките во Тетово, пак, е прва братучетка на Бошковски, а другата е сестра на Крстевски, извршниот директор на „Медицинска пластика“. Затоа Ѓорѓески прашува кој може да го пробие овој бедем и да истера правда!?
МИНИСТЕРОТ СТАВРЕСКИ ЗНАЕ ЗА СЛУЧАЈОТ
На еден состанок во Министерството за финансии, во присуство на министерот Зоран Ставрески, се зборувало за случајот со „Медицинска пластика“. Таму аргументите ги спротивставиле стечајниот управник од една, а Трповски и Беличанец од друга страна. На крајот немало решение, а Ставрески заклучил дека судот ќе мора да се изјасни.
СТЕЧАЈНИОТ УПРАВНИК КАКО „СВИРКАЧ“ ПРИЈАВУВАЛ СЕКАДЕ
Освен барањето за побивање на правни дејствија за да го врати имотот на „Медицинска пластика“ од Тетовска банка, стечајниот управник Ѓорѓески побарал истото да се направи со опремата на фирмата која заминала во ТТК банка, потоа за готовите производи на „Медицинска пластика“ кои ги снемало, за акциите кои незаконски се преземале. Поднел пријава против Гоговски од „Тетекс“ за уништување на стечаен имот, но процесот никогаш не започнал. За судијата Бошковски има претставка до Судскиот совет кој се изјаснил дека судијата работел нестручно и несовесно, а истото го има и за неколку локални јавни обвинители пред Советот на јавни обвинители, но и за обвинителот во Скопје Александар Колевски. За случајот ги известил ексобвинителот Шврговски, сегашниот Зврлевски, а освен Ставрески, од министрите, со случајот е запознат и министерот за внатрешни работи Чавков.
СО КАКВИ ДОГОВОРИ „ТЕТЕКС“ ПРОДАВА ИМОТ?
Во еден од договорите со кои „Тетекс“, како актуелен сопственик на имотот на „Медицинска пластика“ продава 10 илјади квадрати на „Була транс“ за сума од еден милион и 400 илјади евра, во еден од членовите продавачот му гарантира на купувачот дека ако некогаш некој трет (се мисли на државата како реален сопственик) се заинтересира, дека ќе му следуваат парични средства и раскинување на договорот.
Автор: Љубиша Арсиќ
Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија.
Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.