13.11.2015 Во екот на грејната сезона, секогаш се актуализира проблемот со шумската мафија. Тогаш повторно стануваат видливи дрвокрадците што роварат по шумите и приватните стоваришта преполни со скапи дрва, а од друга страна зјаат празни складовите во ЈП „Македонски шуми“, каде што канцелариите „крцкаат“ од превработеност.
Покрај тоа што не успева да ја изврши основната функција, претпријатието на своја адреса секојдневно добива обвинувања дека е вмешано во криминалот со дрва. На кој начин се одвива тој, сведочат жителите на струшкото село Радожда. Тие се осмелиле и пријавиле, но нема кој да ги слушне.
Кражбата на дрва е еден од најисплатливите криминали, бидејќи, годишно, шумската мафија во Македонија заработува околу 12 милиони евра. Ако во текот на годината легално се сечат околу 700.000 кубни метри дрва, според потрошувачката, пресметките покажуваат дека на црно се обезбедуваат најмалку уште 200.000 кубни метри огревно дрво. Овие дрва потоа завршуваат на црниот пазар каде што достигнуваат цена од над 3.500 денари за еден кубен метар.
Овој криминал станува уште поисплатлив ако се има предвид дека во речиси сите случаи досега, според податоците од судовите, дрвокрадците што завршиле пред лицето на правдата добиле условни казни, па затоa се случувало и да го повторат делото, односно од судница повторно да заминат в шума.
Токму затоа, во 2013 година беа направени измени на Законот за шумите, со кој се предвидува казна затвор од три до пет години за сите оние што ќе крадат дрва. Овие високи казни се очекува наскоро да удрат по осомничените во акцијата „Гора“, која трае веќе втора година. Во неа паднаа десетици граѓани, но и вработени во ЈП „Македонски шуми“, со чија помош, според полицијата, се извршувал грабежот.
Веќе со години во јавноста кружат обвинувања дека шумскиот криминал се врши со помош на вработени во јавното претпријатие, но, освен неколку кривични и прекршочни пријави против десетина лица, засега не е најден начин ова да се спречи.
Обвинувањата се засилија и пред стартот на годинашната грејна сезона. Складовите на претпријатието останаа празни, голем дел од граѓаните, иако платиле уште напролет, сѐ уште не ги добија своите дрва, а дивите сечачи повторно ги натоварија камионите, за кои постои сомнеж дека се движат подмачкани со институционална поддршка.
ВО РАДОЖДА, СТРУШКО, КРАДЕ ДРВА КОЈ ЌЕ СТИГНЕ!
За вмешаност на вработени од ЈП „Македонски шуми“ во милионскиот криминал со дрва обвинуваат и група граѓани од струшкото село Радожда, кои, иако обезбедиле и докази, сепак наишле на затворена врата во надлежните институции. Не можејќи да мижат пред пустошењето на шумите, тие случајот го пријавиле во невладината организација „Транспаренси интернешнел Македонија“. Со пријавата доставиле и докази, односно скици од парцелите кои биле мета на крадците.
Тие објаснуваат дека дрвата ги краде добро организирана група, која, според нив, има поддршка од вработени во ЈП „Македонски шуми“ Струга. Истакнуваат дека водачите на групата со полномошна од приватни лица добиваат одобренија за сеча од претпријатието, кои не соодветствуваат со состојбата на терен, односно секогаш добивале одобрение да исечат повеќе отколку што има дрва на парцелата. Остатокот од дрвата го снабдуваат од нелегална сеча од соседните парцели, кои се во сопственост на селаните, на иселеници или на државата.
Додаваат и дека се користи досега добро уиграна шема. Наместо од претпријатието да добијат испратница за транспорт на дрвата, на пример, за четири часа, дивокрадците добиваат за осум, па наместо една легална тура, пренесуваат уште една до две нелегални. Накратко речено, се врши легализирана кражба, со амин на ЈП „Македонски шуми“.
– Изминативе неколку месеци имаше невиден масакр на шумите во Радожда. Масакрот го вршеше добро опремена група со десетина коњи, камиони, машини, работници од Албанија, без легален престој и дозвола за работа, се вели во пријавата.
Овие граѓани појаснуваат дека групата имала одобрение за сеча на дел од шумата, но истакнуваат дека тие ги пустошеле и околните приватни и државни парцели.
– Претходно ја проучуваат сопственоста на имотот. Доколку сопствениците се во странство или се починати, од нивниот имот за неколку дена не останува ништо. Во многу наврати се исече и шума на жители од Радожда, кои плашејќи се од добро разработената група често ја даваат шумата и по минимална цена, плашејќи се дека ќе останат без ништо. Дел од дрвата кои се сечат нелегално се продаваат на жители од селото, но поголем дел се изнесуваат во Струга. Сето ова се прави со помош на вработени во ЈП „Македонски шуми“ Струга, велат пријавувачите.
Тие објаснуваат дека криминалната група добива легална испратница од претпријатието за транспорт на дрвата, но на поголем временски интервал, па наместо еднаш, камионот се полни уште еднаш, па дури и двапати.
– Исто така се издавани одобренија за сеча на даб за парцели насадени со борова шума. На пример, за една парцела издадено е одобрение за 120 кубни метри, а на таа парцела има не повеќе од 20 кубни метри даб. Целта е со тоа одобрение да ги пренесат дрвата што ги имаат претходно исечено од соседните парцели. Давани се одобренија за сеча на граѓани кои во моментот биле во странство, а во нив се вели дека тие лично се потпишале, велат загрижените жители на Радожда.
Како поткрепа за сериозните обвинувања, пријавувачите посочуваат парцели со нивен број на кој бесправно било сечена шума или биле користени за манипулација. Така, на пример, со одобрение за уште една парцела била исечена и соседната шума со површина од 106.000 квадратни метри даб, во сопственост на државата. Посочена е и сеча на приватна парцела, на која имало 70 кубни метри даб, без согласност на сопственикот.
– Одобрението за сеча било на 100 кубни метри кое е искористено да се исечат и полесно да се транспортираат дрвата од соседните две парцели во сопственост на државата“, велат пријавувачите кои наведуваат уште неколку примери.
ЗАКАНИ ЗА ПРИЈАВУВАЧИТЕ НА КРИМИНАЛОТ
Тие тврдат дека доколку се излезе на терен, веднаш ќе се увиди криминалот, но, како што велат, институциите каде што пријавиле не се заинтересирале да го откријат беззаконието. За проблемот се пожалиле директно во јавното претпријатие во Струга и се заканиле дека доколку не престане кражбата, ќе ги информираат медиумите, но, како што тврдат, од таму добиле одговор дека доколку се расчуе наоколу, тие ќе направат контроли кај жителите на селото и ќе им ги одземат сите дрва што им се купени, а биле нелегално исечени.
Жителите се обиделе и самите да се справат со криминалната група, па откако им се заканиле дека ќе повикаат телевизиски екипи за да ги снимаат, групата се префрлила кај граничниот премин Ќафасан.
Сепак, кон средината на септември, полицијата успеала да фати тројца од крадците, против кои е поднесена кривична пријава. Според полицискиот извештај, тие биле затекнати како нелегално вршат сеча на дрва во атарот на струшкото село Франгово.
– Полициските службеници, како и шумскиот полицаец констатирале дека пријавените на туѓ имот неовластено пресекле околу 14 кубни метри дрва, кои потоа ги префрлиле на соседна локација оддалечена околу 100 метри, вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Но, нашите соговорници велат дека кривичните пријави не помогнале ништо бидејќи по неколку дена групата продолжила со старите активности.
– Во меѓувреме, групата оперира неколку километри над селото Радожда на граничниот премин „Ќафасан“, на добро уиграниот криминален начин, со едно одобрение пустошат сѐ, велат жителите на Радожда.
Подоцна, крадците повторно се вратиле на старата локација. Дошле да ги земат дрвата што ги исекле пред два месеца, но бидејќи жителите повикале полиција, тие и по неколку наврати не успеале во намерата. Но, и тука не запреле. Набргу се вратиле со испратница за транспорт издадена од јавното претпријатие. Полицијата пристигнала, по што е поднесена кривична пријава против еден вработен во претпријатието, бидејќи испратницата ја издал во Струга, според изјавата на шоферот, без да дојде на самото место во селото Радожда, како што налага законот.
Но, и ова не е крајот. Групата и во текот на изминатиот месец продолжила да сече дрва во Радожда, а дел од неа биле и двајцата што претходно заработија кривични пријави!
Дивокрадците не оперираат само во Струга. Тие пустошат каде што ќе стигнат. Прилепчани раскажуваат дека јавна тајна е оти жителите од Тризла имаат одврзани раце да сечат шума, без некој да ги гони, а тоа го заслужиле како награда за гласањето на минатите избори. Нашите соговорници велат дека секој ден ги гледаат дрвокрадците како слободно оперираат со моторни пили, а пленот потоа го носат или со запрежни возила или со возила „лада“. Истакнуваат и дека ги пријавувале кај надлежните, но оттаму ги кревале рамениците.
ДУРИ 93 ОТСТО ОД РАБОТАТА НА „ШУМИ“ ЈА ВРШАТ НАДВОРЕШНИ ФИРМИ!
Директорот на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџовски вели дека тој не е запознаен со обвинувањата на жителите на селото Радожда, истакнувајќи дека најчесто граѓаните ваквите случаи ги пријавуваат до Шумската полиција, која работи во рамките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Сепак, тој посочува дека кога и до нив ќе стигне некоја претставка, тие ја проследуваат до надлежните.
Караџовски немаше точна информација колку вработени добиле отказ поради вмешаност во кражба на дрва. Неофицијалните информации се дека се работи за стотина.
Јавното претпријатие, кое е доста гломазно, со над 2.000 вработени, со години работеше со загуба. Затоа редовно беше на листата на должници на Управата за јавни приходи, а во 2013 година, владата донесе одлука да му прости долг од 43 милиони евра, кои претпријатието ги должеше по основ на придонеси, ДДВ и персонален данок. Но, и покрај отпишувањето на овој огромен долг, претпријатието и понатаму секој месец, до неодамна, прикажуваше долг од над 5 милиони евра. Дури годинава, во септември, според директорот Караџовски забележана е добивка од околу 15 милиони денари. Тој истакнува дека годинава го исплаќаат ланскиот долг кон државата, а ги плаќаат и тековните давачки.
Иако во претпријатието има голем број вработени, сепак, тие ниту од далеку не ги завршуваат обврските. За да функционира претпријатието, односно за да се извршуваат шумарските услуги, се ангажираат надворешни фирми, за кои секоја година се издвојуваат околу 13 милиони евра. Поточно, неколкупати во текот на годината се ангажираат приватни фирми кои вршат сеча, дотур, превоз и товар на дрва. Според податоците на сајтот на Бирото за јавни набавки, годинава ЈП „Македонски шуми“ ангажирало триесетина фирми кои се платени 7,5 милиони евра.
Ваквата состојба е безмалку апсурдна бидејќи се доведува во прашање ангажманот на вработените, па дури и постоењето и функционирањето на претпријатието во кое има вработено над 30 директори. Но, директорот Караџовски истакнува дека годинава вовеле новини, кои покажале добри резултати во работата и намалување на бројот на надворешните соработници.
– Бројот на вработени од 2.300 го намаливме на 2.160, но ангажиравме 300 лица на одредено време од шест месеци, за вршење сеча. Нивната работа покажа успех, односно се намали ангажманот на надворешните соработници. Ако досега тие вршеа 93 проценти од работата, а во минатото дури 97 проценти, сега нивното учество се намали за 34 отсто, а и заклучивме дека овие вработени нѐ чинат помалку отколку ангажирањето надворешни фирми, вели директорот Караџовски.
Тој додава дека во наредниот период ќе се фокусираат и на намалување на надворешниот транспорт, кој од сопствени 7 отсто, планираат да го вршат барем во 30 отсто од случаите.
– Планираме да набавиме 30 камиони и самите да го вршиме транспортот на дрва во критичните точки, за граѓаните да ги добиваат навреме, вели Караџовски.
Со враќањето на сечата во јавното претпријатие се очекува и да се намалат злоупотребите, бидејќи сега постои сомнеж дека приватните фирми кријат дел од дрвата, кои потоа ги продаваат по пониски цени, создавајќи нелојална конкуренција за останатите стоваришта, кои мораат да платат данок.
Исто така, покрај парите што овие фирми ги добиваат за услугата што ја вршат, тие дополнително го соголуваат претпријатието. Бидејќи многу често ненавремено ги добиваат своите пари, поднесуваат тужби, па на крајот своите побарувања ги наплатуваат со камата, а претпријатието плаќа и високи судски такси.
Сума сумарум, претпријатието е речиси со празна каса, граѓаните со празни џепови, ама и огништа, а шумската мафија врти милиони. Затоа жителите на Радожда велат дека не можат повеќе да останат неми на пустошот и криминалот што се случува пред нивните очи, и решиле да го пријават случајот. Велат дека стапот има два краја, па се надеваат дека, освен тој што засега удира само по грбот на граѓаните, ќе заигра и оној другиот и ќе удри директно во претпријатието.
Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија. Истражувачката сторија е подготвена во рамките на проектот и таа не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија
Стотина семејства сѐ уште не ги добиле платените дрва
Додека се чека претпријатието, по 16 години работа, конечно да застане на нозе, граѓаните го извлекуваат подебелиот крај. Стотина семејства, иако веќе одамна е почната грејната сезона, сѐ уште ги чекаат своите одамна платен дрва. Уплатата ја извршиле дури летото, а дрвата сѐ уште ги нема.
– Како пензионер дрвата ги платив уште пред неколку месеци и сѐ уште ги чекам. Кога отидов да прашам што се случува, ми рекоа дека ако сакам, можам да ги добијам парите назад, бидејќи дрва уште нема. Ова е крајно неодговорно бидејќи во последен момент сме оставени на цедило, вели жител од Кочани.
Своите платени дрва ги чекаат и околу 500 семејства од Штип, но и други од внатрешноста на земјата. Револтирано истакнуваат дека биле присилени да купуваат нови дрва од приватни набавувачи, каде што ги плаќаат многу поскапо, дури 4.000 денари за кубен метар. Од претпријатието им ветиле дека најдоцна до 15 месецов ќе ги добијат дрвата, но тие веќе ја изгубиле надежта.
Директорот Караџовски призна дека сѐ уште има семејства што не ги добиле платените дрва, не сакајќи да потенцира за колку станува збор. Сепак, додаде дека проблемот наскоро ќе биде надминат.
Автор: Валентина Стојанчевска
Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија.
Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.