Транспаренси Интернешнел Македонија е против амнестирање на сторителите на кривични дела поврзани со корупција предвидено со предлог-законот за амнестија поднесен до Собранието на РМ од пратеникот Павле Трајанов
22.12.2015 Транспаренси Интернешнел Македонија изразува загриженост по повод Предлогот на законот за амнестија поднесен од пратеникот Павле Трајанов кој веќе е влезен во собраниска процедура. Таа произлегува од фактот што член 2 ст.1 т.3, 4 и 5 од предлог-законот предвидуваат:
– осудените лица на кои им е изречена казна затвор до една година, а кои се сторители на кривични дела Примање поткуп од чл.357 од Кривичниот законик и Давање поткуп од чл.358 од Кривичниот законик се ослободуваат за 33% од неиздржаниот дел од казната;
– осудените лица – сторители на кривични дела на кои им е изречена единствена казна затвор од една до десет години да се ослободат за 25% од неиздржаниот дел од казната. Тука се опфатени и лицата кои се осудени за злоупотреба на службената положба и овластувања и други облици на коруптивно однесување.
– осудените лица – повторници на кривични дела наведени во алинеја 3 (лица осудени за Давање поткуп и Примање поткуп) да се ослободат за 10% од неиздржаниот дел од казната.
Сметаме дека ваквото законско решение ќе нанесе штета на и онака тешката борба против корупцијата во Република Македонија. Иако предлагачот во причините за неговото донесување наведува дека „во експертската и во пошироката јавност има голем број на коментари за селективен пристап кон гонењето на сторителите на кривични дела, носење на судски одлуки без истите да бидат поткрепени со материјални докази, одлуки под притисок на политичките елити и други центри на влијание, што ја наметнува потребата од корекција на „правдата“, овие тврдења треба да се докажат за да се сметаат за издржани и да бидат причина за донесување на закон.
Озаконување на оваа одредба е во спротивност и со препораките и принципите на ГРЕКО (Група на земји против корупцијата), според кои Република Македонија како земја-членка презела обврска да обезбеди механизми за казнување на сторителите на кривични дела поврзани со корупција и да не дозволи простор сторителите да ги избегнат казните за она што го сториле.
Транспаренси Интернешнел Македонија смета дека одредбата од чл.2 ст.1 т.3, 4 и 5 од предлог-законот за амнестија е чекор кон легализација на корупцијата во Република Македонија и затоа е против нејзиното донесување. Не сакаме да навлегуваме во тоа какви се другите одредби од предлог-законот, но сме изрично против донесување на било какви законски решенија кои предвидуваат амнестирање на корупцијата, уште повеќе на амнестирање на повторниците на кривични дела поврзани со корупција, особено имајќи ја предвид општата состојба со оваа појава во нашата држава.