Почитуван Претседателе Иванов,
Транспаренси Интернешнел Македонија Ви се обраќа по повод Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, со која Законот за измени и дополнувања на Законот за помилување (Сл.Весник на РМ бр.12 од 28.01.2009 година) се прогласува за противуставен и поради тоа се укинува, а во ваша надлежност се враќа можноста да помилувате лица гонети или осудени, меѓу другото, и за кривични дела на корупција при гласање и избори.
Ви се обраќаме со ова писмо со барање да се воздржите од посегнување по Вашето право за помилување на лица гонети или осудени за некое од овие кривични дела. Таквиот чин може да нанесе голема штета на борбата против корупцијата во земјата и уште повеќе да ја намали довербата на граѓаните во капацитетот на институциите да се справат со неа во време кога со стапување на сила на Законот за укажувачи тие треба да се охрабрат да пријават коруптивно однесување.
Затоа Ве повикуваме Вас, во својство на Претседател на државата, да покажете лидерство и согласно Вашите надлежности да вложите напори за непречено одвивање на кривичните постапки и борбата против корупцијата. Во прилог на оваа порака Ви го доставуваме официјалнотот писмо, на кое се надеваме дека ќе добиеме образложен одговор.
Со почит,
Д-р Слаѓана Тасева
Претседател
Транспаренси Интернешнел Македонија