Невладината организација Транспаренси Интернешнал Македонија одржа работилница на тема „Нормативната и институционална рамка за заштита на укажувачите во Македонија“
11.04.2016 Законот за заштита на укажувачите стапи на сила на 18 март, но се чини дека институците надлежни за негово спроведување се уште не се спремни да одговорат на предизвикот, бидејќи допрва ќе ги изготвуваат правилниците и ќе обезбедуваат услови за негово спроведување. Токму затоа невладината организација Транспаренси Интернешнал Македонија во понеделникот одржа работилница на тема „Нормативната и институционална рамка за заштита на укажувачите во Македонија“, на која институците можеа да дадат одговорат дали се спремни за импелментацијата на законот.
Свиркач (whistleblower), или според македонското законодавство, укажувач, е израз за храбар поединец, кој од високо морални причини одлучува, со сиот ризик по сопствената кариера, јавно да проговори за незаконските или неетичките дела направени во некоја компанија или институција.
Законот за заштита на укажувачи стапи во сила како еден од условите што мораше да се исполни според Договорот од Пржино. Со него конечно се гарантира заштитата на тие што ќе пријават сомнеж за незаконско или недозволено постапување со кое се загрозува јавниот интерес.
Улогата на укажувач може да ја има вработен, кандидат за волонтер или практикант, лице кое по кој било основ е ангажирано од институцијата или има соработка, или, пак, користело услуги од неа. Ова значи дека коруптивна зделка може да пријави вработен во државната администрација, и тоа на пример за наместени тендери, работник од приватната компанија може да пријави дека не добил К-15 или студент да укаже дека професорот му побарал мито итн., а за возврат да добијат заштита и да не претрпат последици.
Укажувачот на располагање има три начини на кои може да пријави корупција, односно незаконско постапување. Заштитено внатрешно пријавување е кога случајот ќе го пријави во институцијата во која работи, кај раководно лице, кое, пак, е должно да ја гарантира неговата анонимност, ако укажувачот го бара тоа. Друг начин на пријавување е надворешно пријавување, односно во Министерството за внатрешни работи, во надлежното обвинителство, во Државната комисија за спречување на корупцијата и кај Народниот правобранител.
Слаѓана Тасева, претседателката на Транспаренси Интернешнал Македонија, истакна дека тие уште во 2010 година испратиле писмо до тогашниот министер за правда за тоа дека на државата и е потребен ваков закон или правна рамка за заштита на укажувачите.
-Сите јавни институции од јавниот и приватнио сектор се должни да обезбедат систем на заштитено пријавување. Компаниите кои имаат повеќе од 10 вработени имаат обврска да воспостават систем на заштитено внатрешно пријавување. Доколку немаат капацитет самите да го направат тоа, тогаш се оди со здружено пријавување, односно да се обединат повеќе компании. На пријавувачот идентитетот му е заштитен, а лицето кај кое пријавува е должно да го испита случајот и во рок од 15 дена да испита и да го извести за наодите по таа пријава, истакна Тасева, која додаде дека канали за заштитено надворешно пријавување се Државната комисија за спречување на корупција, Народниот правобранител, Министерството за внатрешни работи и Јавното Обвинителство.
На работилницата иако најавиле присуство сепак не се појави претставник од Државната комисија за спречување на корупција. Тасева објасни дека во последен момент го откажале учеството, односно по коментарот на Транспаренси Интернешнал Македонија за одлуката на комисијата да не се објави анкетниот лист на премиерот Никола Груевски. Тасева додаде дека ова не е прв пат да откажат, откако ќе го слушнат коментарот за нивната работа.
-Овие работи треба да се одвојат една од друга и треба да покажат професионализам кога се разговара за еден ваков закон. Или тие нека инициираат средба и ние ќе дојдеме таму, истакна Тасева, која додаде дека тие се најповикани да присуствуваат бидејќи ги изготвија подзаконските акти за примена на законот, а министерот за правда ги потпиша, па како што рече Тасева ќе беше добро да ги презентираат, но и да ја објаснат како ќе ја вршат својата наделжност.
Антикорупциска треба да и појасни на јавноста и како ќе го воспостави системот на внатрешно пријавување и како ќе се организираат да делуваат како канал за надворешно пријавување.
Зоран Билбилоски од канцеларијата на Народниот правобранител истакна дека во донесениот закон отсустува одредба дали да се постапува по анонимни пријави, а заклучи и дека недостасува информација за тоа кој го поднесува барањето за глобата против институцијата. Тој додаде дека на народниот правобранител му се врзани рацете кога станува забор за укажувач од приватниот сектор, бидејќи нема овластување да бара известување од правното лице.
Обвинителката за организиран криминал Лидија Раичевиќ, пак, Законот го оцени како мал по содржина, но со голема амбиција. Таа предупреди и дека постои ризик укажувачот да пријави во ненадлежна институција, а не е предвидено во законот како таа институција да ги заштити податоците.
Љубиша Видиниќ од МВР истакна дека според негови информации во министерството се уште не пристигнале пријави од укажувачи. Потсети дека досега граѓаните можеле да пријават корупција на телефонскиот број 199. Дел од пријавите завршувале неуспешно, бидејќи имало граѓани кои пријавувале, но подоцна не сакале да соработуваат со полицијата.
Претставничката од Министерството за труд и социјална политика истакна дека институциите не се подготвени за имплементација на законот, бидејќи се уште не се обезбедени финансии за создавање на услови за примена на законот, односно обезбедување на кадровско решение и соодветни услови за работа.
Речиси сите учесници се согласија дека тоа што се остава можност да се открие идентитетот на укажувачот, односно тоа може да се случи со одлука на судијата, ќе ги одвраќа граѓаните да пријаваат корупција или незаконско работење во институцијата во која работат или со која соработуваат.
Автор: Валентина Стојанчевска
Прегледи: 174