Берлин/Скопје – 4 мај 2016 г. – Транспаренси Интернешнл, глобалното движење за борба против корупција и неговиот огранок во Македонија побараа оставка од Претседателот Ѓорге Иванов и одложување на закажаните избори за 5 јуни сè додека не биде пречистен изборниот список вo обид да се ограничи широко распространетата корупција што ја парализира земјата.
Македонците излегуваат на улица во протест против очигледниот потег на Претседателот да ги амнестира поранешниот Претседател на Владата, Никола Груевски, и останатите членови на Владата кои се вмешани во таканаречениот скандал со прислушувањето.
Во времето кога Груевски беше премиер, тој наводно и наредил на тајната служба, раководена од неговиот братучед, да ги прислушува телефоните на повеќе од 20.000 луѓе. Снимените материјали што излегоа во јавноста покажуваат дека членовите на Владата на Груевски наводно биле вмешани во изборни измами, корупција и прикривање на деталите за контроверзни смртни случаи.
„За повторно да завладее правото во Македонија и за да може да се одржат слободни и фер избори, ние сме цврсто уверени дека Претседателот треба да даде оставка и дека изборите треба да се одложат сè додека не се потврди дека изборниот список е пречистен. Македонија се соочува со корупциска криза на високо ниво,“ изјави Хозе Угаз, претседател на Транспаренси Интернешнл.
„Ги поддржуваме луѓето што протестираат на улиците. На сите ни е преку глава од корупцијата во Македонија. Оние што се прогласени за виновни за корупција мора да одговараат за тоа, наместо да бидат амнестирани уште пред да започне истрагата од страна на судовите,“ изјави Слаѓана Тасева, претседателката на ТИ Македонија.
Транспаренси Интернешнл ја дефинира корупцијата на високо ниво како злоупотреба на власта на високо ниво што носи корист за малкумина на штета на мнозинството и предизвикува сериозна и широко распространета штета за поединците и општеството. Таквата корупција често поминува неказнета.
Оваа дефиниција е применлива за она што се случува во Македонија. Без оглед на повиците од САД и Европската Унија, Претседателот сè уште не ги поништил одлуките за помилување.
Студентите во протест ги фарбаат јавните локации со боја и нивното движење се нарекува „шарената револуција.“