06.05.2016 Кираца Трајковска од „Фершпед“, со помош на банкарски службеници во Комерцијална банка, учествувала во финансиска шема на одобрување кредити на бизнисмени, кои воопшто не ги користеле парите, но на крајот заглавиле во долгови од повеќе стотици илјади евра зашто морале да ги вратат. Во слични случаи, со кредити и позајмици биле измамени и други граѓани и сопственици на фирми, по што решиле да ги пријават случаите во „Транспаренси интернешнел“ и во МВР, поради што Јавното обвинителството сега води истрага. Во шемата со банкарските кредити се вмешани и државни институции и судството!
Организацијата „Транспаренси интернешнел“, во последните месеци примила три пријави за работењето на Комерцијална банка. Станува збор за кредити кои банката им ги одобрува на свои клиенти, а потоа се користат за перење пари. Сите случаи ги поврзува тоа што граѓани биле вовлечени во криминален систем на прикриено кредитирање, позајмици, цесии – со цел организирана група да профитира на штета на сопственици на фирми чии потписи и документација биле фалсификувани и злоупотребени. Во моментов, Јавното обвинителство презема активности за да открие кои лица и кои компании стојат зад ваквите случаи кои потврдуваат отсуство на интегритет во финансискиот сектор. Најпрвин е утврдено дека вработени во банката стојат зад нечесните зделки. Случаите се многу слични и покажуваат како „наивните“ граѓани кои со право очекувале доверба од банката биле искористени од моќни фигури и како заглавиле со огромни кредити затоа што формално тие стојат зад кредитите, но парите не ги користеле, односно тие секогаш завршувале на други сметки, повторно по налог на главните играчи.
НАМЕСТО НОВ БИЗНИС, ЗАГЛАВИЛ СО КРЕДИТ ОД 250 ИЛЈАДИ ЕВРА
Пред 15 години, кога Војо Татабитовски Артник, како помлад, сакал капацитетот и енергијата да ги искористи за да го прошири бизнисот, се фатил на јадицата на измамничката група. Во една пригода, Кираца Трајковска од „Фершпед“ му се доверила дека заедно со странски инвеститор имаат намера да почнат нов бизнис во Скопје, во областа на информатичката технологија, но со оглед на нејзината раководна позиција во други компании, наводно таа не сакала да се експонира, па му предложила на Артник тој да застане на челното место. Нему, како што пренесува самиот, не му пречело во тоа време, освен фирмата „Еурека“, исто така од областа на информатиката, да води уште еден бизнис.
Како почнува измамата? Трајковска ја користела релацијата со Саша Твртковиќ, вработен во Комерцијална банка, во дирекцијата за кредитирање. Неговата канцеларија била адресата каде што бил испратен Артник за да договори банкарски кредит.
– Без да знам каков е бизнис-планот за новата фирма, јас само ги потпишав подготвените документи затоа што прво имав доверба во Трајковска, а чесен и професионален пристап очекував и од банкарскиот службеник. Според договореното, јас требаше да бидам управител, а не сопственик. Затоа лесно ги потпишав сите документи кои практично значеа земање на првиот кредит, вели Артник.
Бидејќи новата фирма не постоела како правен субјект, парите од кредитот легнуваат на сметката на „Еурека“. Артник мислел дека ќе си го прошири бизнисот и не ни претпоставувал дека, денес, по една деценија ќе си натовари долгови, односно да отплаќа кредит од кој не видел ниту денар. Како гарантор на кредитот се појавува „Фершпед“, преку документ што го обезбедила Трајковска и го доставила до банката. Но, само што биле исплатени парите, и тоа 250 илјади евра, Артник бил задолжен од фирмата што ја раководел – „Еурека“ да ги пренесе на сметка на фирма на Трајковска. Тоа и го сторил, но не знаел дека потоа парите ќе исчезнат, а тој ќе ѝ остане должник на банката.
– Помина извесно време, но не се случуваше ништо, ги снема парите, а никој за ништо не ме известуваше. Ние се најдовме во ситуација во која не можеме да почнеме да го исплаќаме кредитот. Затоа морав да потпишам репрограмирање на кредитот за да се одложи плаќањето. Па, потоа следуваше и второ репрограмирање, исто така договорено меѓу Трајковска и вработени во банката. Но, од нејасни причини, ден потоа на сметката на „Еурека“ ми легнуваат нови 300 илјади евра, кои истиот ден, најверојатно преку банкарски службеници, се префрлаат повторно на нивни сметки, а мене ми објаснија дека Трајковска ќе ги врати овие пари на четири рати, се присетува Артник.
Две од ветените четири рати ѝ биле дадени на „Еурека“, но не и вторите две. Иако не биле уплатени, сепак банката престанала да ги бара последните две рати, за потоа Артник да дознае дека кредитот е исплатен од страна на гаранторот „Фершпед“, а нему му се отвориле должничко-доверителски односи со компанијата, која сега од него ги бара парите. Практично, тој му должи на „Фершпед“ пари кои воопшто не завршиле кај него, ниту, пак, ги искористил. Сега неговиот долг е 200 илјади евра кон гаранторот, но си го има на товар и првиот кредит од 250 илјади евра.
Со оглед дека Артник потпишувал за едно, а потписите му се користеле за друго, односно за доделување кредит, кој тој воопшто не ни сакал да го побара, се обидел преку банката да стигне до документацијата за кредитот.
– Ги барам документите кои се во прилог на барањето за кредит и не ми е јасно како банката не ми ги дава ако станува збор за мој кредит. Дури, четворица од банката се потпишани на документот со кој Комерцијална банка ме известува дека не ми следуваат документите затоа што биле тајна. Потоа им испратив уште еден допис за да им укажам дека во членот 112 од Законот за банки, на кој се повикуваат за да не ми ги дадат документите, е наведено дека кога правно лице ќе побара документи треба да му се обезбедат, раскажува соговорникот на „Фокус“.
На овој втор допис Артник сѐ уште нема одговор, но затоа, пред неколку месеци, поднел пријава до Финансиската полиција каде што е отворена истрага за случајот и за измамата која му ја сториле неговите соработници и банкарските службеници. Дури, Артник сака да ангажира независна форензичка фирма од Словенија за да утврди преку ДНК метод дека никој од „Еурека“ немал контакт со документите за кредит.
– Архитект сум по професија, но последниве десетина години се чувствувам како роб затоа што и натаму ги исплаќам првите 250 илјади евра, кои наместо да ми отворат нов бизнис ме заглавија во долгови, затоа што некој преку измама ме искористил да профитира, а јас да плаќам рати за кредит кој ниту сум го побарал, ниту сум го користел, завршува со приказната Артник надевајќи се дека државните истражни органи ќе ги откријат виновниците и дека нему кога-тогаш ќе му се вратат парите кои ѝ ги уплаќа на банката за кредит што не го користел.
ГО НАМАМИЛЕ ДА ИМ ЈА ПРОДАДЕ ФИРМАТА И ГО ЗАГЛАВИЛЕ СО КРЕДИТ
Во периодот кога Артник се понадевал дека ќе го прошири бизнисот одржувал пријателски релации со Ристо Муров, сопственик на „Мар компани“ и, секако, со Трајковска, која го намамила на финансиска авантура. Затоа што Муров верувал во пријателството на Трајковска и Артник, а самиот тој имал добри односи со Артник, решил фирмата што се занимава со царинско застапување и транспорт да ѝ ја продаде на Трајковска, која самата ја иницирала купопродажбата. Било договорено Муров да остане пет години вработен во „Мар компани“, а работниците по две. Во моментот, Трајковска, наводно, немала 100 илјади евра за доплата на фирмата што ја купувала, па додека се одвивал процесот на промена на сопственичката структура, Муров останал потписник на „Мар компани“.
– Авторитетот што го имаше Трајковска врз мене го искористи да ме убеди наместо пари да ми даде стан кој ќе се плати со кредит преку „Шпаркасе“ банката, кој ми го одобрија за пет минути, затоа што таа го договорила сето тоа со вработените, но со ветување дека таа како жирант ќе го исплати кредитот и така станот да биде компензација за нејзиниот долг кон мене. Практично тогаш сфатив дека Трајковска ме користи за земање кредити без да бидам свесен за тоа. Па, така, сум потпишувал позајмици и кредити, а сите пари што чудно ќе ми се појавеа на сметка морав да ги префрлам на други сметки, разочарано зборува Муров.
Кога на Трајковска ѝ се искомплицирала ситуацијата во „Фершпед“, односно не можела и понатаму да заложува имот за нови кредити, таа го оставила Муров на цедило. Тој, преку илустративен пример, објаснува каква била шемата на инволвираните во криминалните измами.
– Еден ден отворам сметка и гледам дека имам пет милиони денари од фирма што не ја ни познавам. На телефон ми се јавува Саша Твртковиќ од Комерцијална банка со налог на кои фирми треба да им уплатам пари како позајмица. Меѓу тие фирми беше и „Кубус“, на која ѝ позајмив седум милиони денари. Дури лицето од банката, кое секако нема право да ми се јави, ми вети дека тие ќе му дале наскоро кредит на „Кубус“, па ќе ми биле вратени парите назад, раскажува измамениот бизнисмен.
Поминале три месеци, а „Кубус“ немал абер да ја врати позајмицата на „Мар компани“, па Муров отишол кај Златко Тодоров, сопственикот на фирмата должник со намера да се објаснат околу позајмицата. Тогаш Муров дознава дека Тодоров нема поим за никаква позајмица и за никаков кредит што требало да го добие од Комерцијална банка, како што го уверувал Твртковиќ. Соочен со измамата, Муров заминува налутен кај банкарскиот службеник, кој, пак, напомош ја повикал Трајковска, за на крајот да одлучат дека „Мар компани“ треба да го тужи „Кубус“. Така, оваа измамничка група ги вплеткувала фирмите во комплицирани ситуации без тие да сакаат и да имаат намера. Но, со оглед дека сакале да им опстојат фирмите, морале да почнат со отплата на кредитите и позајмиците, иако некој друг им ги подметнал.
– Сега јас отплаќам еден кредит од 25 илјади евра, иако парите завршија во фирмите на Трајковска, а не кај мене. Тоа е принципот на оваа криминална група – иако немаме договори за позајмици, немаме побарано кредити затоа што не ни требале, сепак заглавени сме во долгови. Ова практично значи дека некој нѐ измамил, а дополнително правел кривични дела со нашите податоци во банката, па дури и обезбедувал гаранции преку „Фершпед“ без да знаеме, завршува Муров со очекување дека конечно некој ќе им застане на патот на измамниците.
ОБВИНИТЕЛСТВОТО Е НА ТРАГА ДА ОТКРИЕ СЕРИОЗЕН МИЛИОНСКИ КРИМИНАЛ
Списокот на измамени фирми е подолг. Постојано во Финансиската полиција стигнуваат нови пријави од граѓани и сопственици на фирми што се втурнати во кругот. Тие самите тоа го нарекуваат систем на позајмици, кои служат за туѓи потреби.
Тодоров, сепак, не чекал работите да се средат сами од себе. Кога Муров му пристапил со цел да го праша кога ќе му ја врати позајмицата, тој веднаш се посомневал во измама. Тогаш сфатил дека вработени во Комерцијал банка нешто „матат“. Нејасно му било како банкарскиот службеник Твртковиќ го уверувал Муров дека на „Кубус“ му треба позајмица, а потоа ќе му дадат кредит за да ја врати. Налутен од таквата постапка на банката, Тодоров поднел пријава во МВР.
Инаку, во случајот со „Кубус“ фирмата побарала кредит за градежни материјали. Комерцијална го одобрила, но наместо побараните 150 милиони денари, му доделила 400 милиони! Разликата, како што тврди Тодоров, без да знаат во „Кубус“, била префрлена на фирми, соработнички на банката.
– Ова значи дека моите потписи ги користеле, како и моите документи за да си ги префрлаат парите на свои сметки. А потоа кредитот ми останува мене. Управата против перење пари има утврдено дека фирмите кои сега се под истрага и се осомничени дека учествувале во измамите ги користеле парите за затворање на свои кредитни потреби и побарувања од фирми кои подоцна одат во стечај. Така и овие пари кои прво ми ги префрлиле мене потоа како позајмица заминале кај други фирми, а ние сме немале поим за тоа, вели Тодоров.
Практично, сите што верувале на банкарските скужбеници сега се измамени. За случаите знае и Народна банка, која има механизми и обврска да врши контрола врз работата на банките, но и Јавното обвинителство, кое не смее да премолчи. Таму се наоѓа кривичната пријава од МВР против 36 лица и фирми, учесници во злосторничкото здружение. Според пријавата на МВР, Саша Твртковиќ, Кираца Трајковска, Кочо Моцан, Коста Младеновски, „Фершпед“, „Макошпед“, „Технометал Вардар“, Лотарија на Македонија… во текот на седум години организирале кредити за оштетените фирми, кои биле доделувани под влијание на злосторнички здружените членови преку Комерцијална банка, Охридска банка, Уни банка и Инвест (сега Шпаркасе) банка, со намера некои здруженија да се стекнат со криминални средства. Затоа биле создавани системи со позајмици и заеми, како и фиктивни должничко- доверителски односи.
Сега ќе се прави вештачење за да се откријат сите релации меѓу банката и фирмите и вклучените лица и да се проценат штетите на измамените фирми. Клучното ќе биде да се открие како се одобрувале кредитите и кој ја фалсификувал документацијата? Сепак, претходно ќе мора назначениот вештак Кире Костов да биде изземен од процесот затоа што порано бил втор извршен директор во „Доматти“ од Свети Николе, а таа фирма е на листата осомничени. За ова е известена Антикорупциската комисија, која сѐ уште не се изјаснува. Сите овие случаи се пријавени и во невладината „Транспаренси интернешнел“.
И ПОЛИТИЧКИ ФУНКЦИОНЕРИ ВПЛЕТКАНИ ВО ПРИКРИЕНОТО КРЕДИТИРАЊЕ
Уште еден случај со кредит од Комерцијална банка во „Транспаренси“ пријавил Мито Митановски од Кичево. Тој ја купил фирмата „Тане Целевски“ во фаза на стечај, комплетно со целиот имот. Тоа се покажало како добра шанса за локалните моќници да го изиграат Митановски.
– Поранешниот градоначалник на Кичево, Владимир Толевски, на Вранештица, Ванчо Србаковски, професорот во Охрид, Софроние Миладиновски и уште неколкумина други ме намамија да подигнеме кредит за да ја рестартираме фирмата што ја купив. Не знам на каков начин беше среден кредитот од Комерцијална банка за да се исплати преку ноќ. Под хипотека ги ставив сите погони и недвижности, но наместо јас да управувам со парите од кредитот, тие завршуваат на сметка на фирмата „Металика“, која е тогаш формирана од страна на посочените лица. И тоа кредитот изнесува еден милион и 400 илјади евра! Значи, „Металика“ побарува кредит, а јас ѝ оставам залог на банката. На тоа ме принудија локални насилници помогнати од полицијата, кои ми се закануваа и ме уценуваа, а јас морав да потпишувам сѐ што ќе ми кажеа, го пренесува Митановски личното искуство.
Потоа следува познатата игра. „Металика“ не го враќала кредитот, но затоа правела анекси и го проширувала, прво за основни средства, потоа за обртни, без да знае Митановски, и стигнале до 2 милиона евра! Логично е дека Комерцијална банка ја активирала хипотеката и му го одзела целиот имот на Митановски. Иако под хипотека биле само градежните објекти, сепак тој останал и без опремата и резервите, за кои тврди дека вредноста им била над 3 милиони евра.
– Имаше привремена мерка за забрана за отуѓување на имотот, и тоа потврдена од Апелациониот суд, но камиони без регистрации, инспектори со некакви значки, многубројни обезбедувачи и насилници, упорно ја изнесуваа опремата. Јас морав да поднесам тужба против „Металика“ и Комерцијална банка за нанесената штета затоа што хипотеката не се однесува на движниот имот. За трошењето на парите немав никаков увид, ниту некое известување. По мое барање дојдоа претставници на банката да извршат контрола на терен и наводно заклучиле дека целата опрема е таму што не е точно, а за секое парче изнесена стока нема платено ДДВ кон државата, се жали Митановски.
Откако Комерцијална банка станува сопственик на имотот на Митановски, го издава под кирија на братот на Србаковски, поранешниот управител на „Металика“. За поднесената тужба сѐ уште нема исход затоа што процесот се одложува со години што само потврдува дека во шемата со банкарските кредити се вмешани многумина од државните институции, па дури и од судството.
Ова е само мал дел од вмешаноста на банките во организираното перење пари. Митаноски располага со документи и докази како понатаму течела цела организирана шема низ судските лавиринти заштитени од Комерцијална банка. И затоа Митановски прашува дали акционерите на Комерцијална банка знаат каде завршувале милионите евра?
Практично, крајот на истрагата најверојатно ќе покаже дека преку измамените фирми се вршело прикриено кредитирање на други. И за тоа банките морале да знаат. Со прикриеното кредитирање, пак, се покривале други дупки во фирмите, кои потоа свесно биле носени во стечај. Во дел од таквите фирми има државен удел во капиталот и затоа има сомнежи дека и државата е оштетена со стотици милиони евра.
ЗАТАИЛЕ ЗАШТИТНИТЕ МЕХАНИЗМИ НА БАНКИТЕ
Овие неколку случаи, кои не се единствени и кои ја отвораат вистината со прикриените кредити, се потврда дека затаиле сите механизми за контрола во банките, но и во Народна банка. Банките практично имаат законска обврска да ги откријат и да ги спречат злоупотребите со кредитите од страна на вработените, особено во вакви случаи во кои станува збор за поврзани лица, како управувачки, така и финансиски, а тоа по правило мора да биде задолжителен индикатор за ризик. Едноставно, факт е дека толку големи износи на кредити не би можела банката да доделува без знаење на управните органи. Уште повеќе загрижува заднинската поврзаност меѓу банките без знаење и одобрување од нивните клиенти. Ваквите случаи можат да го загрозат кредибилното работење на банките, особено на Комерцијална банка. Финансискиот сектор е чувствителен, а вакви испади може да доведат до последици врз штедачите. Не е доволно тоа што банкарот Твртковиќ е осомничен, туку ќе треба да се вратат назад сите незаконски извлечени пари.
Автор: Љубиша Арсиќ
Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија.
Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.