20.10.2016 Повеќе невладини организации побараа од Државниот завод за ревизија да изврши контрола на работењето на Собранието и на државната изборна комисија
Откако во јавноста излегоа информации за фрапантните суми што пратениците и дел од членовите на Државната изборна комисија ги земаат по основ на надомест за патни трошоци за користење сопствено возило, неколку невладини организации побараа од Државниот завод за ревизија да изврши контрола во работењето на овие две институции.
Центарот за економски анализи, „Транспаренси интернешнел“, Институтот за европска политика – ЕПИ, Институтот за демократија, како и Фондацијата „Отворено општество“ упатија официјално барање до Државниот завод за ревизија за контрола за оправданоста на овие трошоци.
„Поради тоа што доказите изнесени во јавноста укажуваат на нерегуларности во работењето кај овие субјекти – буџетски корисници, и на сомнение за неосновано, неекономично, неефикасно и неефективно трошење на буџетските средства, бараме од ДЗР да се изврши ревизија на усогласеност, регуларност и ревизија на успешност. Сметаме дека граѓанскиот сектор и ДЗР имаат иста цел – отчетност од субјектите кои користат јавни средства“, пишува во барањето доставено до ДЗР.
Марјан Николов од Центарот за економски анализи вели дека очекува во согласност со добрите практики во светот, ДЗР позитивно да одговори на барањето, со што ќе се докажат или ќе се отфрлат шпекулациите во јавноста за моралниот, етичкиот кредибилитет на веќе поранешните пратеници и членови на Државната изборна комисија.
„Мониторингот на трошењето на јавните средства во Република Македонија подолго време е мисија на цивилниот сектор, кој неодамна излезе со мерки за итни реформи. Преку нив сакаме да иницираме дебати и активности во функција на ресетирање на општеството во Македонија за да се надмине оваа неодржлива ситуација. Да има и ревизија на успешност што значи утврдување на економичност ефикасност и ефективност на трошење јавни средства. ДЗР преку ревизија на успешност може да утврди и да даде препорака за евентуални натамошни законски измени“, објаснува Николов.
Извор : Утрински весник